Потребно време за читање: 4 минути

Основни сознанија:
Таа е наука за грбовите, помошна историска дисциплина која го проучува настанокот на грбовите, правилата за нивно составување и историјата на нивниот развој.

Во своите почетоци хералдиката се ограничува исклучиво на опишување (блазонирање) на грбовите. Најстаро дело од таков дескриптивен карактер е описот на средновековнивте грбови во текстот на Конрад фон Муре „Clipeus Theotonicorum“ (околу 1240. година).

Претходници на хералдичката литература се бојосаните грбовници кои се јавуваат се до 19. век, а хералдите се всушност првите хералдичари.

Првото научно хералдичко дело го напишал италијанскиот правник Bartolus de Sassoferatto (De insigniis et armis, околу 1350. година), а првпат во литературата се фиксирани хералдички правила во трактатот на Французинот К. Принсо (Traite de blason, 1416.).

Поголем развој хералдиката постигнала во подоцнежните векови во Франција, потоа во Англија и Германија.

Интересот за хералдиката кај јужните Словени почнува кон крајот на 16-от век, кога се јавуваат првите грбовници и родословија.

Хералдичар е стручњак во хералдиката.

Суштината на хералдиката е во симболите. Тие мошне брзо го наоѓаат своето место и на оружјето и воената опрема. На античките вази може да се видат многу воини со штитови на кои се насликани симболи. Нивната употреба е двозначна: луѓето се поистоветуваат со симболот, но едновремено и симболот се поистоветува со својот носител.

Хералдиката се раѓа со развојот на феудалното опшество, поточно со појавата на нова класа-витези и новата воена опрема и техника на војување (оклоп). На бојното поле се јавува потреба од идентификација на сопствените и единиците на противникот. Најпогодни за тоа се сметаат симболите, како еднозначни и неповторливи.

За многу важен момент односно период за хералдиката се сметаат крстоносните војни. Со повикот на папата Урбан 2 од Собирот во Клермонт 1095., еден голем дел од витезите го виделе овој повик како нешто повеќе од војна за заштите на Исусовиот гроб. Следствено, крстот бил далеку најзастапениот симбол, со што идентификацијата и командувањето на единиците станува многу тешко. Па така, се јавува потребата од дефинирање на еден систем на организација на симболите.

Прочитај и за ... >>  Во нас гени, ама и меми!

Сепак, веројатно најзаслужни за развојот на хералдиката се витешките турнири. Нивното настанување се поврзува со средбата на Лудвиг Германецот и неговиот брат Карл во 844. година, кога во Стразбур свитите на двата крала прават натпревар налик на војна.

Хералдите (Herr Alt-старогермански зборови што значат Воин Стар) ги организирале турнирите и се грижеле за нивната регуларност. Ги препознавале витезите како доаѓаат на рингот и ги најавувале со трубење во рог. Потоа ги читале на глас грбовите, кажувајќи ја нивната генеалогија и ги воспевале нивниоте подвизи. Оттука читањето на грбовите или нивниот опис се вика Блазонирање-Блазон од старогерманскиот збор Blausen или дување во рог. Збор кој во францускиот јазик има значење грб.

Од широкиот спектар на активности, на хералдите им останала само една: утврдување на стандардите за креирање, поседување, пренесување на грбовите и другите хералдички достигнувања. Тие ги утврдувале правилата со креирање на грбови, а кои со векови биле дел од тајна; не се запишувале, туку усно се предавале од генерација на генерација.

Главен и централен елемент на хералдиката е грбот. Еден од поуспешните обиди тој да се дефинира: потрај¬на наследна ознака за идентификација на одделни личности, семејства, корпорации, политички и црковни установи, организации и држави, функции, територии и населени места, изразени со ликовни средства (знакови и бои) според хералдичките правила.

Грбовите може да се поделат според видот на носителот. Доколку тој е поединец, станува збор за личен грб, доколку станува збор за заедница, организација, фирма, тоа е корпоративен грб, а ако е во прашање географски ентитет, град област територија, зборуваме за месен грб.

Штитот е основен дел на грбот. Тој е задолжителен дел и може да стои и сам, што преставува Мал Грб, па затоа понекогаш поимот грб се поистоветува со штитот.

Прочитај и за ... >>  Ах, тие комарци

Челенката е втор важен дел на грбот, кој се наоѓа над штитот, најчесто над шлем, но може да стои и дирекно над штитот. Таа може да стои над точеницата, која преставува дел од свиткано платно, но и како самостоен елемент.

Шлемот е дел којшто, иако не е задолжителен, станува најчест. Видот на шлемот во многу национални хералдики го преставува статусот на армигерот.

Мантијата е платно со кое се покривал оклопот да се заштити од сонцето. Станува дел од грбот и е задолжителен елемент доколку над штитот има шлем. Традиционално, горната страна на мантијата е со доминантната боја на штитот, додека долната страна е со доминантниот метал од штитот.

Држачите се опцинални. Во некои национални хералдики е потребно посебно право за поседување на држачи во приватните грбови. Тие можат да бидат истоветни, но и различни. Најчесто се животни или луѓе и нивни нереални прикази.
Понекогаш грбот заедно со држачите е потпрен на ритче кое се вика подножје.

Девизата е незадолжителен дел на грбот и претставува натпис од различен вид. Традиционално, бојата на лентата е од доминантниот метал, додека буквите се во доминантната боја.

Под или над грбот никогаш не се јавува свиток со името на носителот на грбот. Тоа е случај само во некои грбовници и служи за идентификација.

Кога носителот на грбот е од некој витешки ред, тогаш околу штитот се става и гердан со орденот на редот.

Витезите, пак, од Суверениот воен ред на Малта имат право на своите грбови зад штитот да стават малтешки крст.

Освен грбот, хералдиката познава уште два други засебни знака:

Беџот преставува значка која исто така го преставува армигерот (оној што има грб). Тој може да содржи елементи од грбот, но не мора.

Прочитај и за ... >>  Што се презема во случај на срцев напад при патување со авион?

Кога грбот станува традиционален симбол, кој најверојатно имал значење за оригиналниот носител, но наследникот сака да има нешто што би го означувал него, често беџот преставува решение. И кога грбот станува прекомплексен, често беџот ја презема улогата за полесна идентификација. Често и челенката се јавува во улога на беџ.

Хералдиката познава неколку видови на хералдички знамиња, а најпознати и најчесто применувани се банерот и штандартот.

Банерот е всушност презентација на елементите на штитот на правоаголно знаме. Тука влегуваат само елементите на штитот.

Штандартот, пак, е посебен вид на хералдичко знаме, на кое освен елементите на штитот можат да се појавуваат и девизата, беџот и челенката.

Зачудува рамнодушноста на сите досегашни власти во Република Македонија спрема постојниот државен грб, кој во многу елементи не соодветствува на „реалната“ состројба, пред сѐ во однос на главните симболи кои се социјалистички односно соцреалистички. Во првите години од независноста, по распаѓањето на СФРЈ, се правеа сериозни обиди да се утврди-донесе нов државен грб, се дојде и до предлози-идејни решенија, но во меѓувреме таа акција или активност на поединци целосно замре.

За повеќе сознанија и знаења за хералдиката воопшто, како и за грбовите во Македонија во минатото, го препорачувам делото „Грбовите на Македонија“ од Александар Матковски (на овој сајт може да се најде мој приказ на него), како и специјализираниот web сајт на Интернет http://heraldry.mol.com.mk/, „Хералдика во Македонија“, на Македонското хералдичко здружение (користен и за овој напис).

(Слика: Грбот на Македонија од „Стематографија“ од Христофор Жефаровиќ, првпат објавена во Виена во 1741. Под грбот на црковнословенски се запишани стиховите:

„Исправен црвен лав на златно поле,
Знамение на црквата на која и се прави чест.
Големиот Турчин ја однел дијадемата од лавот;
Изгубив јас секаква чест што толку ја имав“.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here