(Маргерит Јурсенар:„Мемоарите на Хадријан“,Наша книга,Скопје 1990)
Во секоја домашна библиотека има книги кои чекаат нов повод за одново да бидат прочитани. Не мислам на речници, енциклопедиски изданија, студии што се и треба да бидат секогаш при рака. Мислам на белетристички дела набавени, купени во времето на нивната „актуелност“-објава, прочитани поради „популарноста“ и оставени во рафтовите за кога ќе дојде „нивното“ време, односно некој нов повод пак и многу повнимателно да се прочитаат. На пример, појавата на некое ново дело од ист автор.
Токму таков е поводот за навраќање кон „Мемоарите на Хадријан“ од Маргерит Јурсенар. Имено, по објавата на овој роман на македонски беше приопштен и нејзиниот роман „Црна мена“ кој заедно со „Мемоарите на Хадријан“ ѝ донесе светска слава на Маргерит Јурсенар (1903-1989), првата жена помеѓу „40-те бесмртни“-членови на француската Академија.
Кој бил Хадријан?
Накусо: Публие Елиј Хадријан бил римски цар кој на римскиот престол стапува по смртта на Трајан. Роден е во 76-та година, умрел во 138-та. Извршил големи реформи на Римското царство и ги утврдил границите во Британија и Германија. За време на неговото владеење е задушено едно големо востание во Јудеја, а Ерусалим го уредил како римска војничка колонија. Под негово раководство се изградени многу нови зданија, како и два нови града: Хадријанополис во Тракија и Антинополис во Египет посветен на неговиот љубимец Антиној го смртта му го зела прерано. Хадријан бил голем поклоник на грчката култура.
Како Маргерит Јурсенар ги прикажува неговиот лик и дело во „Мемоарите на Хадријан“?
Најнапред, треба да се истакне дека не станува збор за мемоари во класична смисла, туку за еден историски роман кој во многу елементи ја надминува сопствената категоризација, а особено со имагинативната моќ на авторот на ова дело. Секој податок, секоја приказна, секоја животна епизода, секој настан во романот доживува уметничка транспонација. По прочитувањето на 280-те страници на романот сигурно ќе се согласите со Јурсенар која на крајот објавува ваква „посвета“:
„На божествениот Хадријан Август, синот на Трајан победникот над Партите, внукот на Нерва, прводуховник, по XXII пат носител на трибунската власт, трипати консул, двапати победник, отец на татковината…“.
Притоа, овој историски роман нуди целосен портрет на хадријан, на човекот „речиси мудрец“, сиот нурнат во „повторно најденото време“, како „освојување на еден внатрешен свет“. Хадријан ги „пишува“ своите „мемоари“ во претсмртен грч, кога болеста веќе му го подјадува срцето, кога го издава снагата, чука неговикот последен час.
Хадријан бил политичар и државник кого радо би го посакало и нашево време. Затоа што: „Слободата јас ја барав повеќе отколку силата, и единствено зашто силата делумно ја претпочита слободата…Сакав мојот углед да биде поврзан сол мојата личност, да биде непосредно мерлив со брзината на интелигенцијата, со силата на сторените дела…Да се гради значи да се соработува со земјата: да се стави човечки белег на предел што ќе биде изменет засекогаш, значи, да се помага онаа бавна промена во која се гледа животот на градовите…Дури и таму каде што внесував новини, сакав да се чувствувам пред се како продолжувач…Мудростите се најразлични, и сите му се потребни на светот; нема да биде лошо ако се менуваат…“.
Но Хадријан е и човек кој ја сака власта, мошне успешно ја игра својата императорска улога, а во одбрана на својата власт знае да биде и мошне суров. Таа суровост е сублимирана во следнава реченица: „Ги избркав неспособните; најлошите ги погубив. Открив дека сум безмилосен“. Неговиот пораз е во смртта на неговиот љубимец Антиној, неговата најголема несреќа во текот на сите 20 години владеење со Римското царство.
Романот на Маргерит Јурсенар „Мемоарите на Хадријан“ се потпира врз голем број на изворни документи и историска, научна литература, што е наведена во нејзините забелешки на крајот. Меѓутоа, мошне се значајни и авторските „интервенции“ кои ги пополнуваат празнините во богатиот и интензивен живот на Хадријан.