Проширувањето на Европската Унија е една од темите на самитот на Европскиот совет во Брисел, но политичката волја за прием на нови членки сè повеќе се судира со две прашања што не можат да се раздвојат: кој и под кои услови ќе напредува кон членство и со колку пари Унијата ќе располага за своите идни приоритети. На самитот вчера и денеска лидерите разговараат и за следната повеќегодишна финансиска рамка за периодот 2028-2034., заедно со проширувањето, конкурентноста, Украина, безбедноста и миграцијата.
Во тој контекст, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас испрати порака дека процесот на проширување не треба да се претвора во заложник на билатерални спорови. Нејзиниот став доаѓа во момент кога прашањето повеќе не е само колку брзо кандидатите ги исполнуваат европските критериуми, туку и колку националните спорови на одделни членки можат да влијаат врз целиот пристапен процес.
Калас: проширувањето не треба да се билатерализира
„Многу е важно да не се билатерализира проширувањето“, порача Калас, поврзувајќи го приемот на нови членки и со пошироката европска безбедност. Неколку дена претходно, на состанокот на Советот за надворешни работи, министрите веќе разговараа за безбедносните последици од проширена Унија, а Калас оцени дека земјите кандидати веќе придонесуваат кон европската безбедност и одбрана. Официјалниот извештај на Советот на ЕУ покажува дека проширувањето сè појасно се разгледува и како геополитичко прашање, а не само како технички процес на усогласување со европското законодавство.
Македонија неизбежно влегува во оваа дебата. Нејзиниот европски пат со години е поврзан со односите со Бугарија, а продолжувањето на пристапниот процес во сегашната рамка е условено со уставните измени договорени во европскиот компромис од 2022 година. Во исто време, барањето билатералните прашања да не стануваат трајни механизми за блокада добива поширока поддршка во Унијата.
Panoptikum веќе пишуваше дека Австрија, Чешка и Словачка побараа билатералните спорови да не го кочат проширувањето. Тоа не ја менува постојната преговарачка рамка за Македонија, но покажува дека во ЕУ се отвора поширока дискусија за тоа каде завршуваат легитимните критериуми за членство, а каде почнуваат националните условувања.
Европската амбиција има и цена
Политичката страна на проширувањето е само половина од приказната. Другата половина е буџетот.
Европската комисија во јули 2025. година предложи повеќегодишна финансиска рамка за 2028-2034. вредна речиси два билиона евра, односно околу 1,26% од бруто-националниот доход на ЕУ. Предлогот треба да обезбеди повеќе простор за конкурентност, безбедност, одбрана, истражување и новите геополитички обврски на Унијата. Европската комисија го претстави буџетот како финансиска рамка за Унија што ќе мора истовремено да инвестира во сопствената економија и да се подготвува за можни нови членки.
Токму тука почнува судирот меѓу земјите членки. Германија, Австрија, Данска, Финска, Холандија и Шведска, групирани околу построг пристап кон расходите, бараат помал вкупен буџет и пренасочување на повеќе средства кон конкурентноста, безбедноста и новите стратешки приоритети. Наспроти нив, групата позната како „Пријатели на кохезијата“, во која се вклучени 17 земји, настојува да се зачуваат значителни средства за земјоделството и за развојот на послабо развиените региони.
Тоа не е спор само околу сметководствени ставки. Буџетот треба да покаже каква Европска Унија сакаат земјите членки по 2028 година: Унија што повеќе ќе троши на традиционалната кохезија, Унија што ќе го насочи финансискиот капацитет кон одбраната и конкурентноста, или модел што ќе се обиде да ги финансира и двете – заедно со проширувањето и долгорочната поддршка на Украина.
Македонија меѓу политичкиот сигнал и реалната динамика
За Македонија пораката од Брисел затоа има две лица. Од една страна, ставот дека проширувањето не треба да се билатерализира директно допира до проблемот што со години го оптоварува македонскиот процес, а од друга таквата политичка порака сама по себе не ги укинува веќе договорените услови ниту автоматски отвора нова фаза од преговорите.
Во меѓувреме, разликите меѓу кандидатите стануваат сè повидливи. Црна Гора и Албанија напредуваат побрзо, Украина и Молдавија имаат силен геополитички импулс, додека Македонија останува во процес чиј следен формален чекор е поврзан со домашна политичка одлука и со спор што одамна излегува надвор од класичната методологија на проширување. За ова Panoptikum неодамна пишуваше во анализата „Европа црта рокови, Македонија останува без календар“.
Во таа смисла, најважното прашање од бриселската дебата не е само дали ЕУ повторно го смета проширувањето за стратешки приоритет. Официјалните документи и политичките изјави веќе покажуваат дека го смета. Поважниот тест е дали Унијата ќе изгради процес во кој правилата ќе бидат доволно предвидливи за кандидатите и дали ќе обезбеди финансиска рамка што може да ја поддржи сопствената амбиција.
Самитот во Брисел не мора веднаш да ги даде тие одговори. Тој сепак ја прави дилемата видлива: ако Европа сака проширувањето повторно да биде геополитичка политика, а не бескрајна процедура, политичките ветувања, правилата за членство и буџетот ќе мора да почнат да се движат во ист правец.










