ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Потребно време за читање: 3 минути

33. Тинејџери

Буле им расправа на своите смоковци и смоковки за она што ич не му се допаѓа, просто го нервира, ма буквално го вади од тактот. Претходно нагласувајќи дека потоа не очекува никаква расправија помеѓу него и нив зашто се подразбира дека мислат исто. На Буле ич не му се допаѓа, просто го нервира, ма буквално го вади од тактот дека и него и нив, како впрочем сите други на негова возраст, ги нарекуваат тинејџери односно пубертетлии односно адолесценти. Само на странски ко да се тие странски. А мајчиниот ни јазик македонски ги нарекува со убави, милозвучни зборови: млади, момчиња односно момци и девојчиња односно девојки, па и неполнолетни. Од сите три нарекувања единствено му е прифатливо пубертетлии како стручен термин за процес на физички промени на детско во возрасно тело и, како што учат во рамките на биологија и сексуално оберазование, способно за репродукција.

Прочита на Гугл и знае детално: во пубертетот се активира сигнализацијата меѓу хормоните во мозокот до гениталиите. Тие, пак, произведуваат хормони на растење, на трансформација на мозокот, коските, мускулите, градите и органите за репродукција. Пубертетот има и потесна смисла: се однесува на сексуалното созревање, а во помала мера на психолошки и културолошки аспекти.

Куле одушевено:

-Браво бе Буле, си запамтил од збор до збор што пишува на Гугл и фала ти што ни го пренесе тоа со свои зборови.

Другите смоковци и смоковки само кимнаа со главите во знак на одобрување и пофалба.

Продолжи Буле:

-Погрешно е и кога нашите татичиња и мамичиња, како и другите од нив како зрели и презреани, нè нарекуваат адолесценти. Предлагам да протестираме кај нив за тоа. Не зашто не сме адолесценти, туку поради ноторниот факт дека адолесценцијата се дефинира како период на психолошка и културолошка транзиција помеѓу детството и зрелоста. Сега немам време да ви ги елаборирам значењата на психолошка и културолошка транзиција, а мислам дека горе-долу ги разбирате. Јас само ќе потенцирам дека таа транзиција помеѓу детството и зрелоста е мошне комплексна, па не треба со неа да си ги тормозиме мозоците. Во секој случај, одбивно ми е, а знам дека и вам ви е одбивно поради транзицијата да нè викаат адолесценти.

Зошто ич не ми се допаѓа, не ви се допаѓа, просто ме нервира, ве нервира, ма буквално ме вади од тактот, ве вади од тактот кога нè нарекуваат тинејџери? Не дека не знаеме и не сме свесни што сè ни се случува како такви, туку просто затоа што зборот значи исто што и млади, момчиња односно момци и девојчиња односно девојки, па и неполнолетни. Особено ако се имаат предвид некои најнови истражувања кои докажуваат дека се продолжува периодот на тинејџерство од до 19 на до 24 години. Па замислете некои брачни, вонбрачни и со деца да ги нарекуваме тинејџери. Звучи дури несериозно, нели?

Смоковците и смоковките реагираат едногласно:

-Нели!

Продолжува да расправа Буле:

-Значи, ние отсега како млади, момчиња односно момци и девојчиња односно девојки, треба да си помагаме меѓусебно во решавањето на следните наши горливи прашања и проблеми:

Како без маски со зрели и презреани кои не можат без маски? Како на нашите татичиња и мамичиња да им туриме во главите дека веќе не сме нивните мали деца и мораме да стануваме што повеќе самостојни? Како да ги натераме да сфатат и прифатат дека нивното младештво, да не го наречам тинејџерство, не е исто како нашево? Особено дека не било опремено како што е нашево-со мобиљки, смартфони, компјутери, лаптопови, таблети, екрани, телевизори, Интернет, Гугл, Википедија. И просто ни е сè в раце и при рака. И дење и ноќе. Во тој контекст е сосем нормално што ни е најважно од сè како да станеме ѕвезди на секое поле. Натаму, дека ни е многу важно како да станеме фит и згодни, здрави, со витки линии. А за љубовта, пак, не знам дали воопшто треба да арчам зборови. Нашите татичиња и мамичиња мора да сфатат и прифатат дека на љубовен план сме активни и практични, а треба да се задоволни, дури да скокаат од радост дека сме без дискусија за здрав сексуален живот.

Туку, ај да завршам како што знам дека сакате: со уката за наведеното на чичко Спиро. Знам дека не ја заборавивте, ама ако не ви текнува, еве јас да го цитирам:

„Јас, вашиот чичко Спиро, ваш сопатеник во ова наше бизнисменско-политикантско-политичко живуркање, сакам да го запамтите ова од мене:

Времето иде, поминува и ништо во животот не враќа. Бидете млади ко што сте, по ваше и со нас, возрасните и старите. Далеку ви се годините кои дотежуваат, па не мислете на нив. На нашите. И знајте дека со вас и јас се чувствувам како млад. Не ми пречи и да ме сметате тинејџер“.

Знам дека не заборавивте кога се изнасмеа додавајќи:

„Се разбира, не како адолесцент или пубертетлија“.

Leave the first comment