ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Потребно време за читање: 3 минути

20. Кризирање

Кризира Буле! Влезе пред некој ден во криза како во никаде и до ден-денеска никако да излезе. И порано влегувал, богами често кога е чколијата во прашање, поготово учењето, ненаученото и од кец на двојка преку сила тројка, ама вакво кризирање немал. Тотално му кризира системот…емоционален, поконкретно лиричен!

Лиричното кризирање на Буле е богами сериозна работа. Затоа што никако не може да го надмине и почна да го јаде жив страв дека е можеби трајно изгубен за лирика. А тамам почна да се докажува како лирско-уметничка душа. Кога ќе ја пуштеше да се искажува или докажува просто му трепереше, просто го тресеше, просто го правеше како забеган во физичко-материјална смисла.

Прво што му падна на ум беше да провери да не има некоја причина за кризирањето. Нормално, прво им направи детален преглед на понежните полови во неговото индијанско племе Смокови, односно бандата, односно партиското членство.

За Смоковиците Лидија кракатата и Митра штиклата брзо заклучи дека немаат шанса за нешто такво. Тие уште не ни почнале да се будат како понежни полови, конкретно во емотивна, поточно во лирска смисла. Ич не му беше тешко. Едноставно, ги праша дали им се чини дека им летаат пеперутки во стомаците, а тие за малку што не пукнаа од смеа. Митра штиклата во името на двете успеа низ смеа да го праша дали побудалел, како може пеперутки да им влезат во стомаците. Уште ги потпраша дали сакаат поезија, а Лидија кракатата му одговори во името на двете дека таа е само за занесотини, а тие се дибидус конкретни и практични.

Буле не можеше ни во малиот мозок да мисли дека кризирањето му го сместиле Смоковите, на пример за да му ги дезавуираат авторитетот и лидерството-како индијански главатар Зелен гуштер што свири на шупелка или како Капо ди тути капи односно Глава на сите глави, а особено како претседател на партија во формирање.

За Куле дренот не сакаше ни да помисли, а камо ли да зборне, а Јонче стаорецот, Зоре сомот, Иле мачорот, Томче кубурата и Стојмен каменот ги провери од прва. Просто набрзина, со еден докажан рецепт: ги праша дали знаат да му изрецитираат некоја лирска песна, на пример од лектирските. Тие, апсолутно очекувано, во еден глас му одговорија дека не знаат, а единствено им се допаднала една епска за Марко Крале и Муса Кесеџија. Ама за жал, не ја знаат напамет зашто ја учеле на час по македонски во прво полугодие. Само Томче кубурата се сеќаваше дека во неа се збори за како Марко Крале го начекал Муса Кесеџија на бојно поле, му акнал две-три со топузот, тој паднал од коњот и не успеал да извади сабја дамасклија бидејќи Марко Крале му ја скинал главата со уште еден удар со топузот.

Му дојде на ред манекенката Жана Марија Магарева. За да ја открие како извор на неговото кризирање мораше да примени посебен метод, проверен врз себеси. Имено, кога ќе читаше два-три стиха од некоја модерна лирска песна, со малку трудење и повеќе, без оглед дали ќе разбереше нешто или не во него ко да се будеше нешто. Нешто како раѓање на рујна зора или заспивање во ноќ со месечина и ѕвезди на небото. Напиша четири модерни лирски стиха, ја собра од дома едно пладне, ја однесе во паркот, и ѝ рече со поетичен глас:

-Жана Марија Магарева, слушај внимателно, па после да видам како ќе реагираш. Мислам дека ќе реагираш како што треба, дека сум за тебе стабилен поет, ама морам да знам дали си ти причина за моето емотивно-лирско кризирање.

И ѝ ги прочита стиховиве:

„Во една бара крека жаба,
како да сака да ѝ станам жабок.

Престана да крека кога сфати
дека не ме интересира“.

Жана Марија Магарева остана тотално ладна. Го гледаше право в очи, како да не може да му се изнагледа или како ништо да не разбира. Буле ја праша:

-Како стиховиве?

Таа мислеше, мислеше и му рече тамам кога почна да го издава трпението:

-Да ти кражам право, мене ми се чини дека добро си ја опеал љубовта, баш лирски. Само што мислам дека си тотално во криза кога си се концентрирал на една жаба.

Буле заклучи дека никој не му е крив за кризирањето, а не си е крив ни на самиот себе. Моментално го утеши заклучокот дека секако ќе му мине, како на секој уметник, особено на секој лирски поет каков што е тој. Само треба да биде трпелив и издржлив.

Најпрвин реши едно време да не напише ниту стих, ниту строфа, а камо ли песна.

Leave the first comment