Потребно време за читање: 3 минути

Сѐ почесто и посилно научниците, и не само тие, го креваат својот глас против енормното и неконтролирано експлоатирање на рибното (и друго) богатство. Веќе постојат сомнежи дали има уште време за спас ( и на човештвото), дали не е сѐ неповратно изгубено.

Според најнови проценки на океанографите и биолозите на морето, живиот свет во морињата и океаните би можел да доживее драматичен пад во наредните 50 години, додека Обединетите нации и американската администрација сѐ уште разгледуваат начини за запирање на глобалното загревање.

Веќе се презентирани неколку студии кои покажаа дека океанските екосостави се во многу полоша состојба одошто тоа го утврдија исатражувачите во претходните неколку години.

Ловиштата на риба опустеле низ целиот северен Атлантик, покажа една меѓународна студија која применила нова техника на обележување. Продуктивноста на океаните е 6 пати помала отколку пред 50 години. Напорите во рибарењето се 3 пати поголеми отколку во 1950. година, а ловот е преполовен.

И покрај катастрофалното осиромашување на одделни подрачја, околу Њуфаундленд и во Северното море, „проблемот се јавува на океанско ниво”, предупреди Даниел Паули од Центарот за риболов на Канадскиот универзитет „Бритиш Колумбија“, кој го водел проектот.

Прочитај и за ... >>  Необични, а важни еколошки предупредувања и одлуки

Неговиот колега Рег Ватсон изјави дека големата риба, која се јавува на американскиот и европскиот пазар, сѐ повеќе се увезува од неразвиените земји

„Маскирајќи ја сопствената криза, ги плаќаме рибарите во други океани да ги подриваат сопствените морски екосостави за нашата потрошувачка”, потенцира тој.

Риболовната индустрија исто така се обидува да го спречи исцрпувањето на традиционалните рибни резерви со интензивно користење на влечни мрежи за длабинско ловење, со катастрофални резултати, тврди Калум Робертс од Универзитетот Јорк во Британија. Овој риболов е двојно погубен. Прво, прекумерно ги зафаќа бавно растечките природни видови кои живеат од 150 до 200 години,а второ, страдаат коралите во длабоката вода додека мрежите го стружат дното.

Истражувачите предупредуваат дека проблемите на прекумерниот лов се влошуваат со употребата на технологии на лов на длабински риби. Единствено решение, смета Др. Паули, е меѓународна спогодба за намалување на рибарските флоти, престанок на субвенциите за индустрискиот риболов и воспоставување на глобална мрежа на морски резерви.

Калам Робертс, од Универзитетот во англискиот град Јорк, реализирал обемна студија со историски и книжевни белешки за некогаш богатиот живот во морињата и неговата бескрупулозна експлоатација. Во својата книга под наслов „Неприродна историја на морињата“ тој заклучува дека претераното ловење на риба не е новост и оти таа појава е забележана пред повеќе од илјада години.

Прочитај и за ... >>  Еколошки кварт

„Со време ловењето на риба се раширило по светскикте океани. Денес таа се лови до длабочина од 2.000 метри, а понекогаш и 3.000 метри“, потсетува тој со загриженост.

Овој океанолог истакнува дека денешните рибарски бродови го „прочешлуваат“ дното на океаните со специјални длабински мрежи и други средства што, според неговото мислење, е една од причините за одумирање на стотици видови риби и други живи суштества.

Робертс наведува студии на Обединетите нации кои покажуваат дека 60% од видовите риби употребливи за исхрана доживеале пребрз пад од 50. години на 20. век до денес:

„Ако го погледнете кумулативниот број на риби кои постепено исчезнуваат и го проектирате тоа во иднината, ќе видите дека сите видови кои денес ги ловиме ќе исчезнат до 2050. година“.

Тој исто така наведува примери на брзо исчезнување на многу видови риби и други морски животни во Тихиот океан, како што се туната, сабјарката и морската желка

„Големата морска желка е најголем жив рептил на планетата, стар сто милиони години. Но во текот на тие сто милиони години ништо не ја подготвило за одбрана од олку голем број на рибарски бродови“.

Прочитај и за ... >>  Дали планетата ќе го преживее развојот на човековиот мозок

Професорот Робертс предупредува дека обновата на рибниот свет е итно потребна:

„Ако заштитите некое подрачје, бројот на риби се обновува и тие нараснуваат поголеми. А големите риби имаат значително повеќе икра од малите. Забестата риба од десет килограми, на пример, може да има 200 пати повеќе млади од онаа од еден килограм“.

Според неговото мислење, човештвото може само низ заштита на океаните да си обезбеди исхрана за сѐ поголемиот број луѓе на Земјата:

„Би морале да одредиме посебни подрачја во морињата во кои животот би можел повторно да пушти корен, во кои екосистемите би се опоравиле од вековното прекумерно ловење во текот на изминантите генерации“, нагласува тој.

Во изјава за „Глас на Америка“ Робертс тврди дека човечките активности ги направиле океаните неспособни да реагираат на глобалното загревање. Но и додава дека има охрабрувачки знаци оти луѓето се сѐ повеќе свесни за неопходноста од заштита на клучните океански живеалишта.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here