12. Докажување
Сум докажал и се докажувам
пред светов што се преправа
во мене како менлив,
а е всушност постојан
како еднаш засекогаш еден.
Сега не знам дали уште
да му се докажувам ваков,
со достојание, извишен,
творец,
или брзо, ако може мигум
да создадам нов во мене,
кој и без мене ќе биде
каков што никогаш
нема да биде во друг.
Можеби треба уште
да му се докажувам
со ново дело како последно,
макар незавршено.
Извесно е дека веќе
докажан се докажувам
пред конечно да заминам
во нова мраморна тишина.