Доказ

Потребно време за читање: 3 минути

Нешто не вреди ако не се докаже со нешто. Дури и кажувањето не може без докажување. Доказот е услов за прифаќање или неприфаќање на нешто. Што е тоа доказ?

Најнапред, доказот претставува искуствен или мисловен податок кој го оправдува прифаќањето на некој суд (мислење, теорија). Едновремено, тоа е и постапка со која се поткрепува валидноста на некое тврдење или теза.

Различна е дефиницијата и поинаков е третманот на доказот во одделни области.

Во логиката станува збор за постапка односно метод со кој се сака да се утврди вистинитоста на некој суд. Притоа, доказни темели или principia demnostrandi се искуствените податоци, аксиомите и судовите, на кои тоа-докажувањето се повикува во традиционалната логика, а уверливоста со која судот произлегува од нив се нарекува доказна сила или nervus probandi. Заедно со директните-остензивните докази, со кои се образложува вредноста на проблематичниот суд според неговата сопствена содржина, постојат и недиректни или индиректни-апагогички докази, кои се состојат во тоа да се утврди неоснованоста на судот кој е во противречност со судот што сакаме да го докажеме.

Да ги спомнеме и грешките во докажувањето: намерните се нарекуваат софизми, ненамерните паралогизми. До колку намерно се заобиколува пресвртната точка, таа грешка се нарекува mutatio elenchi, а ненамерното ignoratio elenchi. Доколку премногу се докажува се прави грешка qui nimium probat, nihil probat, а ако тезата се докажува со причини кои и самите не се проверени целата доказна постапка се врти во круг (circulus vitiosus или circulus in demonstrando). Ако од аргументите што се наведуваат не следи теза која се сака да се докаже, тогаш се прави грешката non sequitur, а ако наместо расправа и излагање на докази за спорна теза се сака да се дискредитира човекот со кого се води расправа, тогаш се прави неумесната грешка argumentum ad hominem.

Доказот е мошне значајна категорија во процесното право (кривичното, граѓанското и управното). Во него односно во нив под доказ најчесто се подразбира доказно зредство (medium probandi), т.е. извор на сознанија за фактите (појави, настани, човечки постапки и сл.) чие постоење судот или друг процесен орган мора да го утврди за на нив да ја заснова својата одлука.

Бидејќи процесниот орган може тие факти да ги утврди и со сопствени опсервации извршени во правната постапка (на пр. со увид) кога фактите ги сознава со употреба на соптвени сетила, доказните средства во постапката се употребуваат начелно тогаш кога не постои можност за утврдување на некој факт по пат на сопствено опсервирање на процесниот орган извршен во таа постапка. Тогаш тие служат како посредници кои се вметнуваат помеѓу свеста на процесниот орган и фактот што треба да се утврди (предмети на доказот,themae probandi): од содржината на изведениот доказ (тн. доказна основа,argumentum probandi) процесниот орган, во процесното дејствие на докажување, според доказната сила на доказната основа, изведува заклучок за постоењето или непостоењето на одредени факти. Ако доказната основа се состои во некое известување за правно релевантните факти (т.е. такви на кои правото надоврзува некоја последица) за зборува за непосреден (директен) доказ, а ако таа основа се состои во известување за индиции, се зборува за посреден (индиректен) доказ.

Доказните средства се искази на определени лица на кои им е нешто познато за фактите што се утврдуваат во постапката (исказ на сведок, вештак; исказ на обвинет во кривична постапка; изјава на странка, под одредени услови, во парнична и управна постапка), содржини на исправи и ооптички односно акустичКи снимки на факти (фотографии, филмови, магнетофонски снимки итн.). Лицата, исправите и техничките снимки на фактите од чија содржина се црпат информациите за фактите, понекогаш се нарекуваат носители на докази.

Во модерните постапки судовите и другите процесни органи ја оценуваат, според своето слободно уверување, доказната сила на секој одделен доказ (начело на слободна оценка на доказот), оти уверувањето на процесниот орган за тоа кој факт треба да се смета за докажан или недокажан не е нормирано со законски прописи (за разлика од тн. законска теорија на доказот, која владеела во постапките до втората половина на 19. век, а според која законските правила одредувале каква доказна сила имаат одделни докази со оглед на нивниот вид, бројот и квалитетот), туку единствено подлегнува на правилата на логиката и општото искуство. Степенот на тоа уверување, потребен за донесување на мериторна одлука во конкретна постапка обично се означува како таков степен на извесност за постоење на факти кои со таа одлука се утврдуваат кои исклучуваат разумни сомнежи во нивното постоње (за кривичната постапка in dubio pro reo).

Leave the first comment