Секој свесен и самосвесен човек во животот си поставува многу цели и има една цел. Целите ги остварува или на нив стасува во планирано, обично скорашно време, преминувајќи од една остварена на друга или од една достасана кон друга. За целта односно до целта, пак, мислам на најголемата, неретко крајната троши и најмногу енергија, ум, сила и посветува најмногу од своето време.
Секој свесен и самосвесен човек си поставува реално догледливи или согледливи цели, остварливи или достижни, мали, големи, на краток, на среден рок. Најчесто на долг рок, може и недогледлива и не сосем согледлива е едната, неретко единствена животна, неретко крајна, последна.
Сите цели, и многуте и едната, и догледливите и недогледивата, согледливите и не сосем согледаната се или индивидуални-лични, или колективни-заеднички. Можат да бидат и едните како другите, во зависност од нивната природа, содржина, поттик, мобилност, па и последователност.
Многу е важно да се знае однапред дали една цел е обусловена од други или не, но исто така дали со неа како остварена-достигната се одржува егзистенцијален и каков-годе друг континуитет.
Зошто ми се „општиве“ нафрлоци за целите и целта? Се разбира, не за да те прашам, мој читателу, кои се твоите цели и која е твојата крајна, најголема цел, туку едноставно да те предупредам, можеби е поточно да те поттикнам на критичко промислување на она што се случува и истовремено ни се случува сè позабрзано: коренити промени и подготвеност за нов свет кој многумина, со право или не допрва ќе се покаже и докаже, го нарекуваат почеток на нова-дигиталната ера на човечката цивилизација. Некои, со право или не допрва ќе се покаже и докаже, укажуваат на навремено „фаќање чекор“. Притоа, не посочувајќи толку на целите, туку потенцирајќи ја целта, големата, најголемата, крајната со нова почетна во неа.
На индивидуален, односно личен план секој би требало да се подготвува, доколку уште не е подготвен: на својата голема цел да ѝ ги подреди или прилагоди малите, што значи во ôд да се менува себеси; бидејќи веќе не важи само како што било вчера, туку во голема мера и како е денес; со други зборови, утре да не биде „соодветен“, корисен, маргинален, безначаен.
На колективен, односно заеднички план, пак, сите ние, припадници на сегашни и утрешни генерации, мораме отсега ако не досега, од овој момент да бараме, да инсистираме, да се бориме за асолна власт која државата и општеството ќе ги постави, одржува и развива на здрави основи, со што ќе ни обезбеди сигурна, безбедна, непобитна, над сè самобитна перспектива.
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 82