105. Годините и необјавените дела
Особено на творец во години му е важно да објави што повеќе свои завршени дела, а да остави што помалку коои можеби нема да бидат објавени никогаш. Или, пак, да не остави ништо за објава по неговото заминување од животот во вечноста. Од друга страна, тоа е напросто невозможно ако се има предвид дека секој вистински творец твори/создава до последен издив.
Оние, пак, што патат од големштилак или ги направиле големци „неговите“, не ни помислуваат, камо ли да прифатат дека со време од нив може да не остане ниту трага од оставеното.
Стремежот на секој творец да го објави сето свое творештво дури е жив е пред сѐ за да не се остави нешто што би кажувало за недоволна творечка енергија или комотност. Се разбира, ова доколку е прифатлив мојот став оти ниедно дело не е завршено, туку секое е отворено и за продолжување во читателот-слушателот-гледачот, односно за досоздавање, пресоздавање или како почеток во друго.
Меѓутоа, што ако веќе се нема време, ако навасале годините, а останало многу необјавено? Зошто? Па, на пример затоа што премногу „се работело“ против него. Бил премолчуван, отфрлуван, непризнаен, замолчуван. Затоа што не бил, ниту сакал да биде во некој, во нечиј „круг“. А може „факторите“ да се чувствувале нелагодно дури и од неговата сенка, па бегале, го одбегнувале, си го бранеле сопствениот творечки жабурник.
Конкретно: што ако тој творец оформил-заокружил 70-тина дела? Ништо!
Во ова наше и идно компјутеризирано-дигитализирано време има нешто што го „надминува“ проблемот (проблем?). Се разбира, станува збор за електронските изданија, за е-книгите, но и за тековното (секојдневно) творечко присуство на Интернет-со веб страница, на специјализирани портали, на социјални мрежи-сопствени профили и фан-страници.