149. Во Јас обичен смртниик Јас блогер:
Тендер „во четири очи“?!
Глупоста и недоветноста навистина немаат граници. Со нив постојано нѐ напаѓаат, навалуваат врз нас оние што ги измислуваат, а ги прават поради основна неписменост, незнаење, дилетантизам, инфантилност. Во сите области на нашево живеење и дејствување, без исклучок.
Каде се мудроста, промислата, искуството, стручноста? Настрана се, во некој агол од стварноста, бидејќи им се туѓи примитивизмот, агресивноста, коленичењето, лигавењето. Не оти се скриени, замолчеле, се повлекле, туку оти ја согледале залудноста од борбата за вредности, достоинство, почитание, доверба и самодоверба. Не сакаат да трошат во неврат ниту секунда од сопственото драгоцено време за лична надградба, творештво, за потврда на смислата на сопствената егзистенцијата.
Наш е проблемот што не сме научиле да ги слушаме, читаме, разбираме. Најмалку да им го слушаме, да им го дослушуваме молкот и премолкот во силниот и пресилниот збор.
Нашето пропаѓање не е однадвор, како постапна, до детали осмислена стратегија и тактика, како дел од глобално и регионално сценарио. Нашето пропаѓање е однатре. Поради личниот интерес, кариеризмот, одбраната на стекнати позиции, беззаконието, криминалот, корупцијата; поради моќта, а всушност немоќта на полит-бизнисменско-финансиската олигархија.
Нашето самоуништување од ден на ден е сѐ поинтензивно затоа што од ден на ден нашите „глави“ („главешини“) ги веднат главите, слепи се пред она што го гледаат; затоа што се надеваат дека сабја нема да им ги исече. А таа е сѐ поостра и поостра, и само што не дошла до нив.
Глупоста и недоветноста кај нас навистина веќе не вреди да се мерат. Едноставно, станаа немерливи. Дали да ги редам, да ве потсетувам на нив? И тоа не вреди. Одамна се наредени и постојано се наредуваат и доредуваат во редот. Па сепак…
Не треба да се биде голем економски теоретичар и практичар, да се има темелни познавања од економската теорија и практика воопшто, пазарната економија посебно, за да се знае одговорот на прашање кое е едно од оние „што не заслужуваат одговор“ (бидејќи „заслужните“ или не го знаат или се плашат да го дознаат). Од проста причина што со него може барем за миг да се „соголат“ пред себеси и пред нас.
Прашањето гласи:
Што е тоа тендер „во четири очи“?!
Се разбира, нема тендерџија кој не знае дека таков тендер ниту имало, ниту каде било некогаш ќе го има. Најпрво: затоа што во неговата сушност се јавноста-јавното (а „во четири очи“ најпрво значи тајност-тајно) и јавното прибирање-изнесување на понуди.
Прашањето, а не одговорот, е една од недобројните глупости и недоветности на оние што се „оптимисти“, а не знаат ниту како се станува, ниту кога треба да се биде таков. Можеби нив попрво треба да ги прашаме: што е тоа тендер? Па по нивниот каков-таков одговор да допрашаме: кога оправдувате тендер „во четири очи“, да не мислите на договор во три-четири-пет-шест очи? И пред да ни потврдат или одречат, да ги спасиме од нова глупост односно недоветност, да се обидеме да им објасниме:
Ама договорот, дами и господа, не е тендер!
Како и да е, тендерот „во четири очи“ се оправдува со интересот за привлекување на големи, светски компании (бидејќи домашни големи нема и за нив тендерите се реализираат „во многу очи“?!). Можете тоа да го замислите? Да се оправдува сопствената глупост и недоветност?! Зарем оправдувањето не значи нивно согледување, осознавање и одбрана со отфрлање од себеси како валкана долна облека?
А тие, пак, големите компании, се чудат, не разбираат, бидејќи не растеле и не пораснале „во четири очи“. Па во рамките на чудењето или не прифаќаат, не одговараат на молбите, на коленичењето да дојдат и да инвестираат во оваа наша „поволна бизнис дестинација“. Или, пак, тендерот „во четири очи“ брзо сфаќаат дека е всушност договор кој може да се направи во четири ѕида кои немаат уши!