Потребно време за читање: 2 минути

28. Јас книжевник-поет:
Објава на поезијата

Поезијата не е за секој ден, без оглед што во неа секој ден како секој час, како секој миг е безвремен и бескраен. Таа е само за при какво годе лично расположение, во зависност од неговата силина и подготвеноста тоа да се сподели или да се поистовети со слично или различно на друг.

Ничија поезија не е за секого, што ќе рече не е и не може да биде за колективна, односно за масовна „употреба“. Со други зборови, таа не е и не може да биде манифестна или фестивалска. Таа е строго индивидуална! И кога се создава/се твори, и кога се восприема/се општи со неа, и кога се доживува, преживува или одживува. Следствено, нејзе не ѝ прилегаат фестивали, „поетски читања“ и други „смотри“.

Секогаш е голем раздалекот помеѓу создавањето и објавата на песната. Напросто е невозможно таа едновремено да се објави и да се создаде. Притоа, секогаш треба да се има предвид дека создавањето неретко продолжува по објавата. Со други зборови, објавата никогаш не значи дека песната е создадена/завршена. Не затоа што авторот никогаш не е задоволен од што било создадено, туку во него до последен издив е сѐ во создавање. Исказот „Никогаш не се навраќам на веќе создаденото“ е или неверодостоен или неискрен. Затоа што е одамна потврдено и секогаш докажливо оти во секое ново дело има „понешто“ од претходно и претходни, и тоа најнапред како своевидна затврдена, дефинирана и препознатлива поетика.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Поезијата објавена во книга (не стихозбирка, поетска студија, поетски циклус итн.-тоа се поетски „целини“) е само можност со неа едновремено да бидат повеќемина, односно секој во свое време. Тоа значи нејзино временско траење, но не вредносно (совладана минливост). Исто како што се постира на сајт, на социјална мрежа, на блог на Интернет (On line) или во електронски/дигитален формат. Токму електронскиот/дигиталниот формат ѝ прилега многу повеќе (но и на други книжевни и некнижевни дела), а пред сѐ имајќи ја предвид брзината на постигнување на едновременост-со неа да бидат не повеќемина, туку многумина (во секој миг ист, поголем или помал број на нејзини восприемачи или доживувачи, преживувачи, одживувачи).

Објава на поезијата? Се разбира, кога е веќе за други, за до други, за во други. Сеедно каква е таа, сеедно кој начин, кој пат ќе ѝ избере, ќе ѝ определи нејзиниот творец до споделувачот на лично лирско и какво годе друго расположение.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here