Потребно време за читање: < 1 минута

80. Јас во тебе, ти од мене

Си докажувам дека нема ништо
попрво од сон што ита низ неспокој
се пробива со сите насобрани сили
кон недоброј денови и ноќи
за друго време да достаса со првиот зрак
врз урнатините на нашата куќа
од камен и сува земја
со насобрани ветришта во темелот

не мислам дека допрва ќе се случи
да се будам во тебе
со незнајно насобрано та заборавено
во животот минат како миг
на слепост и немост пред
единствено постоење

ти од мене зеде сѐ пред замин
за никогаш и никаде да не запреш
за намерно и случајно да не се вратиш
во дното на душата одново да почнеш
да ми ја мериш љубовта што така штедро
ти ја истурав в срце кога беше отворено
за ново раѓање на збор до изгор

сепак мислам дека макар уште еднаш
ќе се разбудам во тебе
макар пред влезор на урнатините
на нашата куќа извишена до небо.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here