Потребно време за читање: 3 минути

10. Два вола, бивши ѕевгари

Еден селски вол сретсело среќава негов стар пријател од неодамна градски и силно изненаден, но и силно радосен му вели:

-А бре волу, драг пријателе, ти ли си?! Не ме лажат очиве?

Од неодамна градскиот вол му одговара со рамнодушен и тажен, плачлив, напати очаен глас:

-Јас сум, драг мој селски пријателе. Не те лажат очите…Се вратив.

Селскиот вол го гледа втренчено:

-Се врати?! Во нашево село мало и запустено? Не ти верувам!…Да не си дошол на викенд, да подишеш чист воздух, да се почувствуваш што беше-селски вол?

Градсдкиот вол продолжува со ист глас-рамнодушен и тажен, плачлив, напати очаен:

-Се вратив за стално. Не ме бидува за градски вол…Ми пропадна бизнисот.

Селскиот вол:

-А бе ај…Не ти верувам! Кај се чуло видело вол, крава, магаре, магарица, свиња, јарец, коза и кое било друго домашно животно да напушти село, да отиде во град, да стане бизнисмен и да се врати за стално….Нема логика…Ти пропаднал бизнисот, велиш? Како тоа?!

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 6

Селскиот вол од неодамна градски одмавнува со главата, роговите и опашот:

-Батали…Ми пропадна бизнисот, и тоа е. Знаеш како е кај нас. Ако не си политикант, ако немаш свој во политиката и во власта, нема шанса да успееш. Туку…Добро што те сретнав…Ти текнува на времето кога бевме ѕевгари? Јаки што да нема појаки од нас во селово. Селаните на ред чекаа на нас да им ги изораме нивите….Тешка и мачна работа, ама немаше зима за нас. Живот воловски, јаремски, ама живот.

Селскиот вол:

-Како може да не ми текнува, пријателе волу? Просто се радувавме кога ќе ни го ставеа јаремот…А зошто тебе ти текнува? Да не те фатила носталгија?

Селскиот од неодамна градски вол:

-Нема врска!…Каква носталгија? Градски вол да сака да се врати на село и пак да стане вол! Туку…Ти да не си уште ѕевгар?

Селскиот вол речиси со весел глас;

-Знаеш што волу, мој стар пријателе? Ти како да не си информиран за тоа што се случува во селата кај нас…Каков ѕевгар?! Каков јарем?!…Одамна уште незапустените ниви се ораат со трактори и се обработуваат со секаква селска механизација…модерна, компјутеризирана…И кај нас, како во развиениот свет, бавно ама несопирливо се урбанизира, се ограѓанисува селото… Само тук-таму може да се најде понекој ѕевгар. Силен, ама сам впрегнат во двоколка, како жива атракција во рамките на развојот на селскиот туризам. И толку…А за јарем, за два ѕевгара за орање нива…ма нема ни збор!

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 8

На пропаднатиот селски вол, до неодамна градски бизнисмен како наеднаш да му проработе бизнисменскиот порив, па со ведар и надежен глас му вели на селскиот вол:

-За селски туризам велиш? Како атракција велиш? Велиш впрегнат во двоколка?…Па тоа е супер! Може да ти предложам нешто? Да ги здружиме јас и ти силите и заедно на некој селско-туристички бизнисмен во селово или во неговата околина да му предложиме да нè стави во својата понуда…Како прошетка на туристи во двоколка со два вола во јарем…А кога ќе нема туристи, да нè најмува на орачи за орање нивни ниви…Не може трактор да ора така добро како два вола ѕевгара…

Селскиот вол го пресекува во зборот со решителен глас:

-Не доаѓа предвид волу, драг пријателе…Каков јарем?!…Јас бев,сум и ќе си бидам само туристички вол и не ми паѓа на ум пак да бидам ѕевгар!

-Добро де, добро…Не лути се…Само ми текна како да ми помогнеш…да се помогнеме за да ни биде поарно заедно…Ќе се снајдам некако…Ќе купам трактор и ќе почнам да развивам сопствено земјоделие.

Прочитај и за ... >>  БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 5

Селскиот вол се обидува да му го порасне оптимизмот поддржувајќи го:

-И ќе успееш, да знаеш…Јас ти гарантирам…Ретки се такви како тебе вратени на село, градски со пропаднати бизниси, ама кој се вратил не пропаднал. Напротив, можам да ти изнаредам неколцина во селово и околинава кои  богами станаа ептен успешни земјоделски бизнисмени….Само треба да запнеш ко вол и ќе успееш речиси прекуноќ…Ама јарем никако!