Аукција

Потребно време за читање: 3 минути

Доволно е да се погледнат почетните страници на големите пребарувачи и веднаш да се сфати дека Интернет аукциите е сѐ попопуларен начин на работење.

Имено, на многу пребарувачи линковите кон одделни аукциски сајтови заземаат централно место на првите страници. Може да се каже дека тие се еден од најзначајните сегменти на електронското работење.

Прометот кој на овој начин се остварува со секој ден станува сѐ поголем.

Една од причините за популарноста на овој начин на продажба лежи во тоа што тој на купувачите им овозможува натпреварување, а на трговците постигнување на максимална цена. Освен тоа, секој може да понуди каква било стока и за неа на глобалниот светски пазар да пронајде купувач.

Втората причина може да се бара во традицијата. Од памтивек луѓето се спогодувале и ценкале при трговијата, па таа навика е пренесена и на еден високо софистициран медиум, каков што е Интернет. Вистина, на Интернет е тешко остварливо ценкањето во класична смисла на зборот, но затоа аукциите се мошне популарни, кај што, пак, цената на стоката се добива со слободно формирање.

Како трета причина би можела да се наведе едноставноста на работата. Постои ли полесен начин да се ослободите од некој предмет од својата куќа, отколку да го понудите преку сајт на продажба? Доволно е да го сликате и да го опишете и веќе сте на светскиот пазар, а предметот на трговијата не сте го ни поместиле!

Аукции на интернет

Сето ова создаде речиси идеални услови аукциите на Интернет да станат една од најдобрите работи.

Зборот аукција доаѓа од латинскиот auctus што значи зголемување. Веќе самиот корен на зборот обаснува зошто овој метод на трговија стекна голема популарност, иако е нормално секогаш да не се постигнува зголемување на цената на стоката. Во случај односот на понудата и побарувачката да биде таков да има повеќе стока од купувачи или кога за стоката нема купувач, доаѓа до пад на цената.

Аукциите низ историјата

Првите забелешки за аукциите датираат од периодот околу 500-тата година пред новата ера и се однесуваат на Вавилон. Како што запишал Херодот, во Мала Азија девојките подготвени за брак се продавани по пат на аукција. Цената се движела од позитивна за оние убавите, до негативна за оние помалу убавите госпоѓици, кога со невестата се давал и подарок. Натаму, низ историјата на аукциите, се продавани робови, и тоа низ целиот период на античка Грција. Во Римската империја, освен продажбата на робови, било вообичаено војниците на аукции да продаваат предмети кои ги опљачкале на своите походи. Во тоа време аукциите биле вообичаен начин на тргување. Дотолку повеќе, се случило во еден момент (193-та година) целокупното Римско царство да биде продадено на аукција! Имено, преторијанската гарда го убила претходниот император и го понудила упразнетиот „престол“ на аукција. Оној што дал најповолна цена ја добил- императорската круна. По падот на Римското царство и аукциите престанале да имаат такво значење за трговијата и размената. Се до средината на 14-от век аукциите се мошне ретки, а тогаш во Франција се јавуваат во форма која со мали измени е задржана до денес.

Во Холандија во 16. век е развиен посебен метод на аукција кој е користен при продажба на слики на холандските мајстори во текот на 16. и 17. век. Во исто време во Кина се појавиле аукции кои се одржувале покрај будистичките храмови и манастирите.

Британските аукциски куќи Sotheby и Christie започнуваат со работа во 1733-та односно 1776-та година. Нивното непрекинато работење во текот на наредните три века направи тие да станат институции од голема доверба. Ова се денес најпознатите аукциски куќи, каде што се продаваат најексклузивни предмети, уметнички слики и колекции на антиквитети. Цените кои се постигнати на нивните аукции се речиси неверојатни. Така на пример, слика на Ван Гог во 1990-та година е продадена кај Christie за 82,5 милиони фунти, додека Sotheby продал Реноарова слика за 78,1 милион фунти. Од 1960-та година обете аукциски куќи своето работење го проширија и на САД и отворија претставништва во Њујорк.

Во Америка аукциските продажби ги донеле доселениците од Европа. На почетокот на тој начин продавале земјоделски производи и робови. Дури во 1883-та година се појавуваат аукциски куќи кои се занимаваат со уметнички предмети.

Се до појавата на Интернет аукциите имале затворен карактер. Првата аукциска куќа која се појавила на Интернет во 1995-та година е јапонската Aucnet. Оттогаш па наваму оваа област на Интернет работење доживува експлозивен развој.

(Преземено и преведено од: http://www.e-trgovina.co.yu/)

Leave the first comment