2.3.4. Активизам
Придружната функција на радиото е во непосредна корелација со неговиот активизам. Имено, самиот активизам претпоставува мотивираност и расположение на слушателот односно психолошка подготвеност радиото да се слуша. Проблемот е мошне комплексен и бара сестрана анализа, користејќи искуства и сознанија од повеќе научни области, компетентност и стручност, а оособено изграден вредносен критериум. Бидејќи во нашиот (македонскиот) радиодифузен простор на активизмот на радиото речиси воопшто не му се посветува внимание, најголемиот број на радија (и приватни/независни/комерцијални и јавни) се задоволуваат со тн. пасивно слушање, без оглед на програмското време и времето кое слушателот-рецепиентот му го посветува на „своето“ радио. Тоа пак, од своја страна, ја стеснува можноста за избор (тој се сведува само на музички план-доминантноста на одделен музички жанр).
Расположението на слушателот (-психолошко) ја преферира прилагодливоста на програмите, емисиите и рубриките на времето и просторот, на егзистенцијалната сигурност и стандардизацијата на животот. Ова особено се потврдува во кризни-пресвртни времиња, кога промените се брзи, секојдневни, а нивното прифаќање претставува проблем за оној што настојува да го одбрани сопственото време (слободно и творечко). Понудата на различни „радио производи“ може да му помогне во тоа, а особено во разбирањето на стварноста и обидот самиот да дејствува врз неа. Токму тој „двонасочен“ активизам го афирмира радиото како современо односно модерно, како постојан придружник, соговорник, пријател на соовремениот/модерниот човек.
Прашањето на избор на радио-станица е прашање кое се однесува на плурализацијата на радиодифузниот простор, а во рамките на плурализацијата на општествено-економски и политички план. Суштината е во овозможување токму на избор не само во однос на просторноста, туку и во однос на квалитетната раазличност-типизираност, па следствено и на активизмот на радијата што егзистираат на конкурентскиот пазар.
Придружната функција на радиото, како потврда на неговиот активизам, е во корелација и со задоволувањето на интересот и потребите на индивидуалниот слушател и на „масовната публика“.
Во таа смисла, мошне конкретен и илустративен пример е слушањето на вестите на радиото во рамките на една отворено–контактна програма, во која тие (како рубрика) имаат поинакво, меѓу другото и подинамично место отколку во програми со друга, поинаква глобална програмска ориентација; на пример доминантно информативна.
Активизмот на радиото се одржува не во нивното повторување (во точно утврдени термини оти слушателот сака да ги слуша во „свое време“ (кое?),често занемарувајќи дека и „точното време“-неговото кажување само по себе е вест), туку во нивното постојано обновување (преработка), селективност и дополнување со нови. Во спротивно, при нивното повторување слушателот-рецепиентот не ги слуша ниту пасивно, значи не ги слуша вооопшто, па стануваат излишни, непотребни во програмата. Од друга страна, во подготвувањето, уредувањето и реализацијата на вестите се прави една основна грешка токму со неприфаќањето на нивниот еднаков третман со другите програмски сегменти и содржини. Проблемот е во недоученост на новинарскиот занает, а во поширока смисла на непознавање на програмската темпоралност при дефинирањето на развојната стратегија и глобалната порограмска концепција.
Во тој однос малку се внимава на времето на целната група на која тоа-радиото ѝ се обраќа. Имено, таа, како и секоја друга што со програмата се „задоволува“ (но во многу помал обем), си има „свое време“; во него не треба по секоја цена да му се нуди сè што претполагаме дека го интересира, па дури и да нема вести и информации (ниту „обични“ ниту „ексклузивни“). Впрочем, и во едукативните и во забавните програми и емисии самото „кажување“ на водителот или медијаторот (водител во забавни, медијатор во едукативни) е исполнето со многу вести и информации (веста и информацијата не се само од дневен настан!).