8. 1. Едукативно (образовно) радио
Со децении траат расправите и полемиките околу едукативната функција на радиото. Тие добиваат во својот интензитет особено со сè поголемата застапеност на образовните програми на телевизијата и можноста за нивна „визуелизација“. Притоа, најчесто функцијата на радиото се разгледува ограничено, на планот на образованието, а поретко пошироко, како едукативна. Расправите одат од неопходноста за ваква функција на современото-модерното радио, како негова иманенција, до целосно негирање, како нешто што само по себе не е „радиско“. Бидејќи крајностите само ги разгледувам и анализирам, но не ги прифаќам, и во однос на ова прашање ќе се обидам да најдам најцелисходно, „средно“ и применливо решение. Имам и конкретни позитивни искуства.
Мошне прецизни и цврсти аргументи против образовното радио наведува Жак Салбер. Според него, тоа е „скапо, неадекватно и надминато“. Образовното радио е скапо „до апсурд“, ако се има предвид фактот дека е многу мал бројот на негови слушатели. Одделните програми и емисии често воопшто не го интересираат ни „најобичниот“ слушател. Образовното радио е неадекватно во однос на средствата што ги користи и целта што се сака да се постигне. Самиот факт дека најчесто образовните часови на програмата не соодветствуваат на времето на наставата во образовните институции ја потврдува нивната неадекватност. Освен тоа, постојат области кои пренесени радиодифузно се многу сложени и неприемливи кај слушателот (на пример, филозофијата). И најпосле, образовното радио е надминато со развојот на аудио-визуелните средства за индивидуална употреба (касети, плочи, CD…).
Меѓутоа, и овој автор целосно не го отфрла образовното радио, односно неговата позитивна функција, а што е само по себе „друга апсурдност“. Тој се залага за јасна издиференцираност помеѓу радиото и училиштето. Диференцирајќи се, тие едновремено треба да се надополнуваат. На пример, улогата на „радио училиште“ радиото да ја врши за време на полугодишниот и годишниот распуст на учениците и студентите, односно во нивното слободно, неангажирано време.
Кои форми треба да се користат за радиото на современата модерност да ја „оправда“ својата образовна (-јас се залагам за пошироката-едукативно-образовна) функција?
Според мене, од особено значење е токму делот од излагањето на Ж. Салбер кој се однесува на поставеното прашање со оглед на неговата конкретизација. Имено, тој се залага пред сè за „радиофонични игри: документарци, расправи за материјата или за методите од педагогијата”1).
За формите на образовното, поточно едукативното радио подетално подоцна, а во продолжение ќе приведам уште неколку размислувања во врска со местото, улогата и функцијата на радиото на современата модерност во образовниот процес.
Некои искуства во функционирањето на образовното радио во светот ни пренесуваат Доналд Гратан од BBC и Ролф Рундген од Шведското радио. Иако се од поодамна користени, застапени и развиени во светот, тие искуства кај нас немаат соодветна примена.
Образовните програми се концепираат, оформуваат и реализираат во тесна соработка со училишните установи и со наставничкиот кадар. На тој начин образовното радио им служи најнапред на наставниците како корисници на програмата, а потоа и на слушателите. Притоа, размената на искуства е постојана и се одвива двонасочно. Меѓу другото, се врши и заштеда во времето за подготовка на наставниците, во планирањето на нивното време на работа. Можноста за снимање на одделни програми или циклуси предавања е само една од предностите и функционалните квалитети на образовното радио.
Станува збор за тн. „образовно партнерство“ или здружување на радио-кадрите со другите наставници (искуство на BBC). Меѓутоа, целата таа активност, соработка, „партнерство“ претпоставува и производство на учебни „помагала“ од страна на радиото. Р. Лундгрен ова го аргументира со ставот дека е неопходно „професионално искуство, образовните програми не смеат да бидат второстепена продукција”2). Таа работа-продукцијата може да ја преземе како своја задача или радиодифузната организација или „образовен програмски продукционен центар”3) (кој би требало да има исти извори за продуцирање на програми).
Значи, дилемите околу образовното радио остануваат, иако него никој децидно не го отфрла. Напротив, се бара негово „прилагодување“ на времето, неговата улога и функција да бидат јасно дефинирани, научно елаборирани и фундирани.
Образовното радио не може и не смее да биде настрана од постојната модернизација на радиото воопшто, од неговата динамична и континуирана преобразба. Менувајќи се, човекот ги менува и своите потреби, а ги менува и начините и формите со кои нив ги задоволува. На пример,телевизиската настава и можностите на аудио-визуелната техника што се користат за да се навлезе и таму каде што „окото не може да види, увото не може да чуе“ овозможуваат зголемен интерес за сè што е дел од нашето минато и нашата сегашност, и она што ќе биде составна, „природна“ компонента на нашето живеење утре. Документарните програми и емисии и на радиото и на телевизијата, со својата непосредност и висока професионалност во користењето на масмедиумското изразување предизвикуваат полна концентрација кај слушателот-гледачот.
Кај нас-во македонскиот радиодифузен простор потрагата по нови форми на образовна програма не е доволно поттикнувана, не е поголем предизвик за програмско-уредувачката политика. Можеби и затоа што не е доволно развиено „образовното партнерство“ помеѓу радио-кадарот од една, и наставничкиот во училиштата и на факултетите од друга страна.
А станува збор и за нешто друго, што го нагласувам многу често во контекстот на оваа расправа: малку се размислувањата за современото-модерното радио воопшто, малку се познаваат неговите основни „параметри“ и досегашните искуства за да се применуваат и користат во практиката. Овој став ќе го илустрирам со некои лични (-Љ.Д.) програмски искуства чија реализација не предизвика/предизвикува интерес кај творците на образовната програма. Личните програмски искуства се покажаа како успешни и мошне прифатливи од страна на слушателскиот аудиториум.
Најнапред, во рамките на „Радио урнебес“, во неговата прва развојна фаза, беа реализирани, со различен успех, две “образовни” серии. Првата беше “Час по сексуално воспитување” во соработка со лекари-гинеколози. Оваа серија не траеше колку што беше предвидено, затоа што не се реализираше како што беше замислено; имено, со стручните лица да се разговара на “полустручен” начин, што ќе предизвика реагирање кај слушателот, ќе го предизвика да се јави на програмата и да расправа, полемизира (не да поставува прашања на кои бара одговор). Згора на тоа, требаше прилозите од оваа серија да бидат “урнебесни”: стручното, “сериозното” искажување на компетентната личност-соговорник да се презентира во радиска форма, односно истото да се следи и реагира на него со сопствен “радиски” коментар (радио-израз). Сето тоа се чини беше преголем “залак” за тогашните соработници на оваа програма, а со оглед на нивното недоволно радиско искуство и нивото на професионалноста.
Во рамките на „Радио урнебес“ (1982) во подолг период се реализираше компјутерска рубрика „Видео игра“. За првпат на радио-програмите на Македонското радио беше застапен компјутерски курс (-бејзик) што го водеше стручно лице, и за првпат секоја сабота беа емитувани видео-игри за слушателите да можат да ги преснимат за лична употреба (забава-разонода, забавно-едукативен прогамски сегмент). Оваа рубрика стекна голем број слушатели, бројот на „компјутерџиите“-соработници на програмата постојано се зголемуваше.
И конечно, личното искуство во концепирањето и реализацијата на едукативно-забавна програма. На Вториот канал на Македонското радио (-Радио Херц) во периодот 1989-1996. двапати неделно (во вторник и во петок) се релизираше емисијата „Паноптикум“, која постапно стекнуваше свои соработници и слушатели. Станува збор за еден вид радио-енциклопедија-одговори на прашања од слушатели и според личен авторски избор, од најразлични области: филозофија, економија, биологија, антропологија, етика, естетика, од митологијата, лингвистиката, други области од културата и уметноста, други егзактни науки итн. Сето тоа презентирано на занимлив, забавен начин, преку постојана непосредна или посредна комуникација со слушателите (програмата одеше во живо). Беше применет принципот на асимил („ова мора некаде да сум го слушнал и сега сигурно ќе го запомнам“), а литературата што се користеше за одговори се обработуваше, односно се сообразуваше со комуникацискиот радио-израз. Се користеше домашна литература (во сопственост на авторот-моја-Љ.Д.), што значи дека постојано се препорачуваше изворот како збогатување на сопствената домашна библиотека.
Инаку, „Паноптикум“ беше продолжение на една друга емисија од забавно-едукативен карактер, која на Вториот канал на Македонското радио ја реализирав на овој труд неколку месеци и, на сопствена иницијатива, ја згаснав пред сè затоа што не наиде на разбирање кај одговорниот-уредувачкиот состав; квиз-емисија која бараше многу поширок ангажман и тимска работа.
Наведените примери сугерираат едно, би рекол, клучно прашање за натамошниот развој на едукативното радио (или едукативно-образовно; моја заложба: едукативно-забавно радио): формите, начинот, радиската презентација на воспитно-образовните содржини на една современа-модерна радио програма.
Говорејќи за комплементарноста помеѓу радиото и училиштето, и тоа во време кога младите и наставничкиот кадар во училиштата се слободни (за што се потребни претходни истражувања и согледувања, односно договарања), веќе цитираното дело на Жак Салбер ги наведува радиофоничните игри, документарците и расправите за материјата или за методите од педагогијата. Од нив се особено интересни радиофоничните игри (конкретно: квиз-натпреварите*) и документарците. Расправите не се и не можат да бидат специфика на едукативно-забавното радио. Напротив, тие имаат многу поширока функција и значење во отворено-контактната програма.
_________________________
*Квизот има повеќекратно етимолошко значење. Веројатно авторот на овој збор, Мистер Дејли, не ни претпоставувал каков резултат ќе оствари неговиот „изум“ кога се обложил дека во рок од 24 часа во англискиот јазик ќе воведе збор чие значење никому нема да му биде познато.
Квизот се употребува како ознака на игра, загатка, а најчесто во масовните средства за комуникација како проверка на нечие знаење.
На американските факултети квизот значи испит, колоквиум, проверка на нечие знаење, при што се користи формата на кусо усмено или писмено испитување.
_____________________________
Колку квизот и пошироко радиофоничните игри се прифатливи како форма за едуцирање и едновремено забава на и со радио-програмата? Дали е нужно нивно прилагодување, адаптација или, пак, сами по себе значат тоа, па е доволно само вградување во програмата? Колку нивната различност овозможува богатство на едукативно-забавни содржини на радиото на современата модерност? Дали се тие рамка што ги детерминира, па и негира новинарската инвентивност, личната иницијатива и авторството? Воопшто, до колку се прифаќа како радиска форма на едукација и забава (не негирајќи ја „телевизичноста“), тогаш: каков радио-квиз?
Некои основни искуства треба да се имаат на ум при евентуално концепирање на едукативно-забавна програма или емисија во рамките на современото-модерното радио:
Треба да се направи важна дистинкција: квизот никако не се сфаќа и прифаќа како лесна форма на забава, разонода, неангажираност,„губење на слободното време“. Напротив, станува збор за форма која мобилизира широка и разновидна публика. Тој е мошне прифатлив затоа што во себе го содржи натпреварот или борбата за докажување-победа на сопствените знаења и способности. Социолозите би рекле: потврда на личноста во сопствениот интегритет, како општествено битие пред сè. Квизот ја содржи играта, но тој не е само игра. Од друга страна, постојат многу теории на играта кои, покрај слободната и доброволната активност како извор на радост и разонода, ја акцентираат и нејзината „плодотворна активност“. Играта е творечки импулс, слобода, авантура на пронаоѓачки дух, фантазија и дисциплина во исто време.
Во делото на Еуген Финк среќаваме многу размислувања и ставови за играта како „фундаментална црта на нашето постоење“, како „непосредност на животот и рефлексијата“, а посебно поглавје ѝ е посветено на сеопфатноста на „структурата на играта“:
„Играта е исклучива можност на човечкото постоење. Само човекот може да се игра. Ниту животното, ниту бог не умеат да се играат. Единствено она постоечкото, кое на конечен начин се однесува спрема опфатниот универзум и притоа постојано се задржува во меѓупросторот помеѓу стварноста и можноста, егзистира во играта… Секој човек ја познава играта од својот сопствен живот, стекнал со неа и за неа искуства, го познава однесувањето на блиските во играта, ги познава безбројните форми во кои се игра, ги познава јавните игри, цирценските масовни приредби, игрите за разонода, детските игри и игрите на возрасните, донекаде потегобни, помалку лесни и помалку привлечни-секој исто така ги познава елементите на играта во полето на работата и политиката, во меѓусебното однесување на половите, елементите на играта во речиси сите подрачја на културата. „Хомо луденс“ не е издвоен од „хомо фабер“ и „хомо политикус“. Играта е димензија на егзистенцијата која со другите е проткаена и повеќестрано испреплетена. Секој човек исто така се играл и знае за играта да кажува од сопственото искуство. Играта не мора само однадвор да се внесува за да може да стане тема на едно промислување; ние секогаш веќе стоиме во играта, блиски сме со таа основна можност и кога актуелно не се играме или мислиме дека одамна сме ја оставиле зад себе животната фаза на играта. Секој познава безброј состојби на играта во приватното, семејното и јавното подрачје. Дејствијата на играта постојано одново се појавуваат во огромно изобилство, тие се скојдневни настани и дадености во човечкиот свет. На ниеден човек играта не му е туѓа-секој ја познава-од сведоштвото на својот живот. Но секојдневната познатост на играта често го спречува подлабокото прашање за сушноста, за смислата на сушноста и рангот на сушноста на играта и сосема го оневозможува прашањето: дали и како човечкото разбирање на сушноста во целина бидува одредено и сочинето со игра. Секојдневното познанство со играта најмногу исто така со секојдневното излагање на играта е направено непроблематично. На играта како на еден основен феномен ѝ припаѓа структурата на изложеност. А таа изложеност е додаток на приватната или јавната свест која би можела и да изостане. Егзистенцијалните основни феномени не се само начини на суштествување на човечкото постоење, тие се секогаш и начини на разбирање во кои човекот се разбира себеси како смртен, како работник, како борец, како оној што сака и како играч, и истовремено настојува од таквите смисловни хоризонти да го прпотолкува суштествувањето на сите ствари.
Што е тогаш карактеристика на секојдневното толкување на човечката игра? Ништо друго, освен обид играта да се изгони од средиштето на сушноста на постоењето, да се направи небитна, да се сфати како „маргинален феномен“ на нашиот живот, да ѝ се одземе тежината на вистинското значење. Додуша, се увидува зачестеноста на играта, големото интересирање на човекот за играта, интензитетот со кој ја упразнува, растечкото особено почитување на играта во склоп со растечкото слободно време во едно технизирано општество, но играта обично се посматра пред сè како „одмор“, како „опуштање“, како разонода и ведро безделничење, како добродојдена „пауза“ што го прекинува работниот ден или е занимавање во слободно време. Секогаш кога играта се толкува од едно спротивтавување на работата или воопшто на сериозното остварување на животот, имаме најповршно сфаќање на играта кое сепак преовладува во секојдневјето. Играта тогаш важи само како комплементарен феномен-важи како нешто несериозно, необврзувачко, самоволно и произволно…Човекот се игра-но всушност сè уште само половично, поради шега, поради забава, поради разонода, поради привремено симнување на амовите на работното диринџење, можеби дури во терапевтска намера-да се опушти, регенерира, да се оттргне од тешката стварност на животот; играта му е потребна како сон. Реалитетот на животот на возрасните, се вели, претставуваат одлуките, моралните, политичките одлуки, маката од работата, грубоста на борбата, одговорноста за себеси и за своите. Само на детето уште му е дозволено да живе во игра, во ведра безгрижност да минува часови, залудно да го троши времето. (…)
(…)
…Човековата слобода не може да ги прескокне своите консеквенции. Ние додуша избираме, но заедно со извршениот избор е даден синџирот на последиците. Во играта немаме реална можност навистина повторно да се преобразиме назад во состојбата пред изборот-но уште можеме во имагинарниот свет на играта, или, пак, да бидеме сè што неотповикливо сме го штетувале во стварниот свет. Со секој чин на слободно самоостварување се жртвува еден круг од претходно подготвени можности. Во играта човекот е во состојба-во модусот како-своето севкупно минато да го издвои од себеси и повторно да го почне од нулта точка. Минатото со кое не може да се располага пак станува нешто со што така речи може да се располага-и исто така наспроти иднината е можно едно држење кое не ги нивелира реалните шанси и не негува оганичени надежи-не, во играта е можна слободна антиципација, не постојат никакви пречки, ние можеме сите фиктивно да ги отстраниме, сè што дава отпор да претолкуваме, можеме во полето на светот на играта да си создадеме сценарио што сме го сакале и за кое сме сонувале… Кога ќе ги земеме заедно сите спомнати црти на играта: магичното производство на привидот на светот на играта, магичното скротување на заедницата на играта, идентификацијата на гледачите со играчите, само-зреењето на човековото постоење во играта како „огледало на животот“, пред-рационалната смисленост на играта, нејзината симболичка сила, нејзината парадигматична функција и нејзиното ослободување на времето во неотповикливоста на сие одлуки, играчкото олеснување на постоењето и нејзината способност да ги опфати сите други основни феномени на човечката егзистенција и конечно уште самата себе, значи да се игра не само работа, борба, љубов и смрт, туку уште и игра,-кога ќе го согледаме сето тоа тогаш како вкупно устројство се покажува свечениот карактер (-подвл. Љ.Д.) на играта”4).
Мошне значајно е делото на Роже Кајоа „Игри и луѓе“, особено неговата квалификација на игрите. Дефинирајќи ја играта како слободна, издвоена, неизвесна, непродуктивна, пропишана и фиктивна, тој назначува четири главни категории на игрите: агон, алеа, мимикрија и илинкс. Од нив агонот, кој претпоставува „напрегнато внимание, посебно прилагоден тренинг, непрестани напори и желба за победа”5), т.е. наметнува „дисциплина и постојаност“6), и алеата или игрите на среќа, при што „се негира работата, трпението, подвижноста, квалификацијата; таа ја елиминира професионалната вредност, точноста, тренингот“, односно „е апсолутно: или- или“7),би можеле да ги издвоиме како најважни составни сегменти на радио-игрите (за кои ќе стане збор во рамките на програмската структура и конкретната програмска шема), односно на радио-квизот (еднакво и на телеквизот, кој ја има предноста на директна, непосредна визуелизација на дејствието).
Радио-квизот ја има доминантно едукативната функција и според неа треба да се концепира неговата „физиономија“:
-директна изведба со радио-пренос, што значи непосредно присуство и учество на публика; ваква можност постои и од техничко-технолошки и од организационен аспект;
-телефонски радио-квиз, каков што е мошне развиен во светот, а сегментарно се применува и кај нас; телефонскиот радио-квиз претпоставува постојан контакт со слушатели-непосредни учесници-натпреварувачи кои го стекнуваат тоа право според применета селекција;
-едукативно-забавниот карактер на радио-квизот го збогатува и водителството кое предизвикува реагирање и кај слушателот-учесник-натпреварувач, но и кај слушателскиот аудиториум. (Пример: дополнување или точност на одговорот се бара од другите слушатели, со што тие учествуваат во наградувањето, односно во делбата на поените);
-покрај тестот на знаење од одредени области за кои кандидатите имаат време за подготовка, значи се најавуваат однапред, во забавно-едукативниот дел (не чисто забавен, не само игра) е претпоставена импровизацијата и непредвиденото, изненадувачкото; за сценаристот односно водителот, за натпреварувачот и за публиката. На пример, една квиз-задача која досега не е проверена-применета кај нас: радио-анаграмот, чиј резултат не може целосно да се „погоди“, освен во рамките на максималните логички решенија;
-можна е и трета форма на радио-квиз, тн. семеен-во кој се користи и директната, непосредната реализација и посредната-телефонската. Во студиото се врши тестирање на кандидатите (се одвива квиз-натпреварот), а преку репортерско посредување имаме и втор „консултативен елемент“-семејствата на кандидатите.
Во секој случај, квизот како радиофонична игра е можеби најзначајниот „израз“ на едукативното радио во современа-модерна смисла.
Документарните емисии со едукативна содржина треба исто така да бидат составна компонента. Не станува збор за „документирано предавање“ оти, веќе нагласив, „училишниот радио-час“ веќе станува (во светот е тоа одамна) програмски анахронизам. Не станува збор ниту за радио-репортажата која е посебен новинарски-радиски жанр. Карактеристичен пример е една серија разговори на програмата France Culture на тема „Просторот и времето денес“ на Е. Ноел, со истакнати француски научници од најразлични области, а чии сознанија се компатибилни со основната тема и ја обработуваат од најразлични аспекти. Оваа серија разговори потоа е објавена како книга во „популарно“ издание. Ми послужи како збогатување на аргументацијата при елаборирањето на програмската темпоралност.
За отворено-контактните едукативно-забавни програми поприфатливи се оние емисии во кои темата се „документира“ со радиофонска презентација на изворен материјал (на пример, емисија за нашето фолклорно богатство). Со други зборови, тој изворен материјал претставува еден вид илустрација, амбиенталност, непосредност, случување; едновремено и темелност, аналитичност, вредност. Таквиот новинарски пристап овозможува звучно богатство од една, а од друга страна активизам на современото-модерното радио. Значи, се преферира радио-израз кој не само што го следи динамизмот на секојдневјето-животот, туку и иницира свест за вредното-трајното, надминување на минливоста; градење на вредносни критериуми.
Во однос на третата форма на едукативното (образовното) радио-расправи за материјата односно за методите од педагогијата, основната заложба е: расправа која ќе резултира со адекватна и најприфатлива презентација на одредена материја, се разбира со максимална употреба на радиофонскиот израз. Тоа ја претпоставува најнапред директната комуникација, но и индиректната или посредната (на пр. писмената кореспонденција) за емисии и рубрики со тн. советодавен карактер-одговори на прашања од слушатели од компетентен соработник на програмата.
Јасно е дека со ова не се опфатени сите можности и сите аспекти на едукативното радио. Не можат да се пренебрегнат и веќе традиционалните форми што ги развија некои програми, но основно во сето тоа е: постојано усовршување и на формата и на содржината, нивна постојана модернизација.
Бидејќи главна програмска определба на Евергрин Горм радио е (беше-радиото згасна во 2005. година) едукативно-забавната и информативно-контактната (едукација, забава, информација, комуникација), односно тоа се дефинира како едукативно-забавно радио (пошироко од образовното), подетално ќе се задржам на два основни-стожерни прогамски сегмента од неговата прогамска шема: „Универзалии- Паноптикум“ и проектот вечерни- ноќни програми под заеднички наслов „Ноќна ведрина“ (секоја вечер-ноќ, од понеделник до петок со посебни поднаслови).
„Универзалии-Паноптикум“ претставува развојно продолжение на емисијата „Паноптикум “ што се реализираше на Вториот канал на Македонското радио; надградба во однос на обемот, структурата и квалитетот. (За нејзините високи радиски дострели говорат многубројната слушателска публика, резултатите од истражувањата на јавното мислење-една од најпопуларните и најавторитетните емисии во Република Македонија, како и признанието-наградата „Крсте Мисирков“ за најдобро радио остварување на годината. Ваквите успеси, како единствена радио-енциклопедија во Македонија и пошироко, им даде повод на креаторите на програмата на Првиот канал на Македонското радио-Радио Скопје да ја „позајмат“ назнаката „радио- енциклопедија“ за наслов на секојдневна образовна програма. Тоа не само што е несоодветно за образовна програма, туку е и неприфатливо од аспект на радио-дизајнот; назначувањето на карактеристиката-определбата, содржината на една програма, емисија или рубрика („објаснувањето“) не може да се преточи во наслов затоа што тој мора да ги сугерира сите елементи). Тоа значи не само „пренесување“ од една на друга радио-фреквенција, од едно на друго радио, туку и поставување на нови просторно-временски координати. А едновремено токму таа програма, во многу поголем обем (секој работен ден, во европско работно време од 09,00 до 17,00) и со побогата структура, да го легитимира и етаблира Евергрин Гром радио уште на стартот како единствено, неповторливо, оригинално во македонскиот радиодифузен простор.
Има уште една важна заложба која исто така бара подетална елаборација, а ја афирмира тому оваа програма: еден човек радио (one man radio). Што, како и мноу други прашања-аспекти на радиото на современата модерност кај нас ниту се разбира, ниту се развива. (Познати ни се one man show емисии, но и тие не се ниту доволно застапени во радио-програмите, ниту афирмирани; поради програмско-уредувачка и кадровска политика насочена во друг правец (просек, „колективна легитимација“ и сл.), но пред сè поради неавторитетноста на вокалните личности (личности?); „уредникувањето“ и „коментаторството“ имаат многу поголема цена од популарноста кај слушателите.)
Како единствена „жива радио-енциклопедија“ („жива“: отворено-контактна) во Република Македонија, па и пошироко, „Универзалии-Паноптикум“ се афирмира токму помеѓу слушателите кои спаѓаат во целната група на која ѝ се обраќа(ше) Евергрин Гром радио: од 25 до 45 години; се разбира не како строги граници, туку како целна група чии интереси и потреби би можеле да се подведат под заеднички именител (види поглавје за целни групи во оваа студија).
„Двојниот“ назив не се оправдува само со „дообјаснување“ или конкретизација на вториот-„стандардниот“, „препознавачкиот“, туку и со поголем просторен и временски опфат на програмската структура. Имено, нивната универзалност ја акцентира озабавувањето на едукативноста, додека паноптичноста, напротив, ја едуцира програмската забава. Еден ваков пристап, како програмско-уредувачка определба, политика и развојна стратегија, афирмира и авторство и авторитетност: авторството како согледба и став во однос на актуелни состојби, прашања и проблеми на современата стварност (со пошироко, поуниверзално значење)-тн. творечки рубрики, а забавата како хумористично-сатиричен, иронично-саркастичен поглед на светот (заедно со музиката „за сечиј вкус, за сите генерации“ во рубрики), како и постојаниот директен-непосреден водителски контакт со слушателите; авторитетноста афирмирана со познавањето на основни поими, сознанија и знаења од најразлични области, а пред сè со користење на извори на знаењето (значаен дел од „капиталот“ на радиото: паноптична библиотека и хеморотека); поттик за слушателите да учествуваат во креирањето на програмата со користење на сопствени извори, на сопствени сознанија, знаења и искуства.
Имајќи ја предвид програмската темпоралност, програмската шема на „Универзалии-Паноптикум“ е/беше така концепирана да ги следи токму универзалноста и паноптичноста на слушателскиот аудиториум во вистинското време: „Универзалии“ претпладне, а „Паноптикум“ попладне, со поврзувачки рубрики во пладневните часови.
Како продолжение односно доградба, па и надградба на „Универзалии- Паноптикум“ (во зависност од тематската ориентација-различна секој ден), во програмската шема на Евергрин Гром радио се/беа застапени и посебни едночасовни рубрики (од 17,00 до 18,00) кои го афирмираат новинарското авторство-темелно познавање на одделна област од економско-социјалниот, општествениот и културниот живот, а во чии рамки се предвидени и настапи на стручни-компетентни личности со респективен однос спрема нивните ставови. Тоа овозможува продолжено концентрирано внимание од страна на слушателскиот аудиториум од една, а од друга страна заокружување и завршница на секое издание со нагласка на една негова специфика.
За разлика од „Универзалии-Паноптикум“, вечерните односно ноќните програми под заеднички назив „Ноќна ведрина“ ја афирмираат забавно-едукативната и контактно-забавната димензија на Евергрин Гром радио. Станува збор за авторски емисии чиј заеднички именител се основните специфики на тн. talk show: дефинирана вокална личност, со своја публика, еластична концепција (циклична променливост), препознатлив радио-дизајн, со мошне значајна функција на музичката содржина; таа не само да релаксира, разонодува, туку и да зборува-кажува за себе и за светот што го освојува; нејзиното вреднување претпоставува изграден критериум, вредносен систем (критички осврти-рецензии на нови музички изданија, концертни настапи на музички групи и солисти, прикази на музичка литература, музички портрети-музичка ретроспектива и сл.); но не и преку топ-листи кои не претставуваат соодветна форма за селектирање, туку пред сè за забава и нејзина евентуална комерцијализација-значи во рамките на забавно-рекреативните или музичките програми и емисии (за нив посебно, во поглавје за музичко радио).
Забавно-едукативната улога-функција на вечерните односно ноќните програми „Ноќна ведрина“ се реализира преку радио-игри односно квиз-рубрики. Тие се најразлични, а во зависност од целта: каква и во кој обем забава и едукација на слушателите, каква игра (играта како феномен). Тие радио-игри или квизови се само програмски сегмент, а не главна или дури единствена содржина; се од мозаичен тип, а контактот како забава е дел од водителството како шоуменство. Оттука и значењето на вокалната личност и авторството за овие програми.
_____________________________
1) Žak Salber: „Audiovizuelno obrazovanje u školama i na fakultetima“, Simp. JRT, Beograd, 1974
2) Rolf Lundgren: „Zemska distribucija obrazovnih programa putem službe AB centara“, Simp. JRT, Beograd, 1974
3)Ибид.
4) Eugen Fink: „Osnovni fenomeni ljudskog postojanja“, Nolit, Beograd, 1984
5) Rože Kajoa: „Igre i ljudi“, Nolit, Begorad, 1965
6) Ибид.
7) Ибид.