Активна љубопитност

Потребно време за читање: 4 минути

Вака е и не може да биде поинаку: љубопитноста е секогаш во нас, уште од раѓање, од најмали нозе, подеднакво „енергизирана“ во сите животни доба.

Меѓутоа, доколку не ни е активна, ако не постојано барем одвреме- навреме, со време толку ќе се и ќе нѐ пасивизира што за нас со право да се вели дека сме стасале до кај сме и за натаму не сме. Пасивната љубопитност е всушност рамнодушност спрема сѐ околу нас, од нас, па и во нас. Всушност, поразија на животот.

Не сте љубопитни да прочитате, макар само како првично сознавање- дознавање, како поттик за натамошно откривање, за десетте компјутерски „божји заповеди“, историјата на креветот, за глувците во митолошкиот свет? Или за исламската архитектура во Шпанија, за првите куклени театри? А ви паднало ли на ум да се запрашате како ајкулите го откриваат пленот?

Еве ги одговорите:

Десет компјутерски „божји заповеди“

-Американскиот институт за компјутерска етика, непрофитна организација основана во 1992-ра година, објавила кодекс кон кого би требало да се придржуваат сите корисници на компјутерска технологија и на дигитални електронски системи.

Иако почитувањето на кодексот е работа на добра волја и во самите САД, не е лошо секој, при читање на следните „заповеди“, да застане пред огледало и понекогаш да се погледне себеси в очи:

1. Не користи компјутер за да повредиш други луѓе;
2. Не мешај се во компјутерската работа на други луѓе;
3. Не душкај по компјутерските фељтони на други луѓе;
4. Не употребувај компјутер за да крадеш;
5. Не користи компјутер како лажен сведок;
6. Не копирај и не користи туѓ софтвер за кој не си платил;
7. Не употребувај туѓи компјутерски ресурси без авторизација или соодветна компензација;
8. Не ограбувај туѓа интелектуална сопственост;
9. Размисли за општествените последици на програмата што ја пишуваш или системот што го проектираш;
10. Компјутерот секогаш користи го на начин кој ќе осигура уважување и почитување на други луѓе.

Колку е богата историјата на креветот?

-Креветот им е познат уште на древните културни народи: Египтјаните, Асирците, Медијците, Персијанците и Етрурците.

Речиси три ипол милениуми старите кревети од Тутанкамоновата гробница според својата основна структура се слични на денешните.

Античкиот кревет, сталак од дрво или бронза со четири ногарки, со крзнени или волнени покривачи и перници, им служел на Грците и Римјаните и како почивалиште за време на јадењето.

Германите и Словените спиеле на под или на дрвени клупи до крајот на 8-от век.

Во раниот среден век креветот има висока перница за да се спие во наполу седечка положба. Во 12-от век креветот добива наслон за перницата, во готиката балдахин, најнапред само над главата, а потоа над целиот кревет со завеси наоколу. Господарот на куќата-феудалецот, како и неговите пријатели- гости, имаат удобни, пространи кревети, а децата и слугите спијат во неугледни мали и ниски кревети слични на сандаци.

Во времето на ренесансата и барокот кралевите и големците имаат монументални постели (Луј 14-ти поседувал над 400 кревети), па примаат гости и вршат државни работи в кревет.

Во времето на Француската револуција се враќаат античките форми на креветот.

Денес креветот сѐ повеќе го заменува каучот.

А за „војните“ што се случувале и се случуваат ноќе, понекогаш и дење, не треба да се трошат зборови. Колку е побогата историјата за нив-знаете сами.

Дали глувците ги има во митолошкиот свет?

-Глушецот му припаѓа на групата на Аполонови свети животни-бикот, лавот, вепарот, кошутата, козата, делфинот, гуштерот, жабата и глушецот.

Пророчиштето му наложило на Скамандар, богот на истоимената река, и на неговиот син Теукро (првиот тројански крал), да се населат на Троаса, на она место на кое ќе ги нападнат „децата на земјата“- глувците. На едно место глувците ги загрозиле и им ги изгризале тетивите на лаковите, како и ремените на штитовите. Кога се ослободиле од таа напаст, тие го подигнале светилиштето на Аполон Сминтеј (на Аполон на полските глувци).

Дали во Шпанија постојат споменици на исламската архитектура?

-Еден од нив е прочуената џамија во Кордоба.

Имено, кога Кордоба во Шпанија станала центар на западниот ислам, овој град во подножјето на Сиера Невада бил и седиште на калифот. Овде е подигнат и раскошен калифов дворец. Во 8-от век во Кордоба започнала изградбата и на голема џамија. Подоцна овој извонреден споменик на исламската цивилизација во Шпанија е три пати прошируван и доградуван. Старото здание ги преживеало подоцнежните воени разурнувања, па неговата внатрешност, по повторното освојување на Кордоба од страна на Шпанците, е обновена во 16-от век и на средината е изградена нова црква.

Кога настанале првите куклени театри?

-Се смета дека куклените театри се мошне стари.

Првите кукли најверојатно се направени во Индија или во Египет. Во овие две земји се пронајдени остатоци од куклени театри кои говорат за тоа дека тие се стари повеќе илјади години.

Куклените театри никнувале во разни земји-во Кина, Јапонија, на Јава, во Италија, Грција- во многу земји на Европа.

Како ајкулите го откриваат пленот?

-Спротивно на поранешното верување дека ајкулите слепо ја следат трагата на крвта, најновите истражувања откриле дека тие располагаат со низа сетилни органи од исклучителна чувствителност.

Така на пример, преку низите од ситни пори вдолж страните тие детектираат вибрации кои се простираат по водата, при што се посебно чувствителни на нискофреквентни вибрации (600 циклуси во секунда), што ги произведуваат животните кога се наоѓаат во неволја.

Преку водата што минува низ носницата и устата, ајкулите постојано ги контролираат мирисите и вкусовите во водата. Утврдено е дека тие го чувствуваат мирисот на крвта и на гнило месо во концентрација од само еден дел на милион и повеќе делови на водата.

Најчудно е дека тие располаат и со некој вид на радар, со кој ги детектираат и најслабите електрични струи. Така, тие можат да откријат риба скриена под песок само врз основа на електричните емисии предизвикани од физиолошките процеси во организмот на рибата. Супстанците во слузокожата на устата, шкргите и кожата на рибата (посебно кога е ранета) реагираат на солената вода, произведувајќи со тоа слаби струи кои ајкулата исто така може да ги почувствува.

Leave the first comment