Направи непоправлива грешка и што сега со неа? Што отсега?
Не оти досега не направил ниедна, сега не прави и отсега нема да направи, но оваа му е најголема. Ем најголема ем непоправлива.
Нема човек што до смрт не прави не една, а многу мали и големи грешки, поправливи и непоправливи. Знае дека една од нив е секогаш најголема непоправлива, но со време или успева некако да ја поправи или прави уште поголема. Тоа значи дека нема непоправлива грешка? Има и се рзликува од сите досегашни и сегашни според последиците. Имено, тие се непоправливи, ненадминливи, па не му преостанува друго освен да научи да живее со нив, да се навикне на нив, да им се прилагоди. Како тоа?
Точно, која било непоправлива грешка, најмала, помала од друга или мала, голема, поголема од сите досегашни или најголема, е каква што е со оглед на последиците. Но, и тие се различни, а со оглед на времето, времетраењето, тежината или леснината, едноставноста или сложеноста. Клучно за сите нив:
од каде до каде можеме со нив или, пак, не можеме без нив?
Зарем нема големи, поголеми и најголеми, најмали, помали и мали грешки без никакви последици? Не може да нема. Проблемот е зошто не можеме и без нив, па да гледаат на нас како непогрешливи односно совршени. Особено кога сме свесни за нив, а не ни пречат, ниту има потреба да се прилагодуваме на нив. Зарем има меѓу нас непоправливи односно совршени?
Досега негова најголема непоправлива грешка:
Откорна столетен даб пораснат накриво до небо и на негово место засади накриво садница на жална врба.
Да ја откорне и повторно да ја засади? Не може? Зошто не може? Затоа што во изминатото меѓувреме жалната врба фати корен.
Во „Жива мисла“ за грешката и грешењето:
Една голема грешка не престанува да прави мали.
Се смееш на грешки на други, а плачеш поради последиците од сопствени.
Може да се простат грешки на виделина. А последиците од сокриените не се поправаат.
Многу грешки по една непоправена.
Одговорноста на оној што греши е секогаш помала од оној што дозволил тој да греши.
Грешиш многу не работејќи ништо.
Стравот од грешка е немерлив.
Грешен e човек што греши оти се користи со погрешни средства.
Многу грешиш кога таиш грешки.
Престани да ја работиш работата која ја грешиш постојано.
Разликата меѓу грешките на паметен и будала е што паметниот ги согледува и ги поправа, а будалиот не престанува да ги прави.
Туѓите грешки нè учат да не правиме наши.
Сопствените грешки ни се за ука и поука, доколку совреме ги согледуваме.
Знаеш дека грешиш, но грешиш продолжувајќи да грешиш.
Внимаваш на грешките на други, а истовремено правиш свои. Барем прашај се чии се поголеми.
Грешките ни го скусуваат животот.
Лична грешка може да биде со несогледливи последици за колективот.
Секогаш се тешки грешките на несовесните.
Внимавај во исто време и на сопствените и на туѓите грешки.
Поради грешки се губи слободата.
Грешни се надеваат да им ги простат грешките безгрешни?! Зарем има такви?
Не бегај кукавички од својата грешка, туку смело поправи ја.
Многумина грешат, а малкумина внимаваат барем да не ги повторуваат веќе сторените.
Секогаш е полесна признаената од непризнаената грешка.
Влегуваш од една грешка во друга, зашто не си свесен дека грешиш.
Боли грешка од пријател исто колку без престан да му грешиш на пријател.
По многу грешки извинувањето е бесмислено.
Не престануваш да правиш грешки што ги прават други!
ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 9