Ближниот е близок и кога е блиску и кога е далеку. Кога е најдалеку од кога било, најмногу се бара каква било можност за поврзување макар одвреме-навреме ; најнапред за да не се продлабочи заборавот кој неминовно ја пополнува оддалеченоста.
Заборавот, пак, поради се поголема оддалеченост на ближен, не може да се изедначи со отуѓеност. Од проста причина што тој никогаш не може да ги совлада сопствената минливост и вкоренетоста на заедништвото во минатото и сегашноста.
Кога ближен на ближен ќе му рече со прекор “Се заборавивме, роднино”, всушност кажува дека во едниот или во другиот, може и во обајцата времето на личното траење траело предолго.
Ближен најмногу му верува на ближен. А ако се случи таа верба да се изгуби, тогаш меѓу нив се урива секогаш голем дел од близоста, па и вкоренетоста на заедништвото.
ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 121