ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК, XXII, 663-765

Потребно време за читање: 5 минути

663. Вреди ли туѓото Јас, ако своето се исплати?

664. Суштествено!
Никој не може да те натера гласно да ја изговориш идиотската придавка на Македонија-северна. Па и кога даваш заклетва дека ќе ѝ служиш, целосно ќе се посветиш на доброто и перспективната иднина на македонскиот народ и другите етникуми во неа.

665. И мој нов ден. И во и за и со живот.

666. Јас како мислечка и творечка личност, со огромно мислечко и книжевно творештво-единствено на светот, со многу години живот и искуство сум познат, почитуван и влијателен во странство, а кај нас сосем маргинализиран и непризнаен?!
Искрено, ниту сум помислил, ниту ми значи, ниту дозволувам тоа да ме преокупира или оптоварува.

667. Јас уште жив, но за тебе одамна мртов.

668. Што јас? Никому ништо.

669. Можеби сме заедно, но јас не сум со тебе.

670. Многу сум премолчил и молчам.

671. Во мојот творечки круг само јас и моите дела.

672. Самоубиствена е омразата што ја раѓа и ја расте стравот поради злосторно минато.

673. Светот и сè на светот има четири страни.
Идиотштина е на една држава да ѝ се признае само една страна.

674. На секој мислител и зналец му е јасно дека „македонскиот проблем“ на Грција и Бугарија е Букурешкиот договор од 1913 година.

675. Знам многу за малку и малку за многу.

676. Правило на рамноправност:
Ако не исполнуваш само едно нешто од сè  договорено, сè договорено не важи.

677. Дека си во право, исправи се!

678. Не е политичка партија што ја предводат понизни политиканти. Е банда предавничка, мафијашка и платеничка.

679. Подобро крај, одошто очај.

680. Аман!
Научете да разликувате народ од нација. Заради соседите. Има македонски народ! Нема и не може да има македонска нација!

681. Стар бел дедо нема ништо материјално. Само творечко: грандиозно мислечко и книжевно дело-единствено на светот.

682. Беден живот на богат дух.

683. Човек во години сè повеќе губи неповратно.

684. Од моето време:
За многумина сум бил, за малкумина и сум бил и сум.

685. Исчезна негде далеку од мене.

686. Мојата дребнавост наспроти моето дело. Може таа да го следи него?

687. Сè е минливо со нас.

688. Успеа несетно да се вдоми во туѓ дом.

689. Најнакрај ништо што ти се случило не може да ти се случи.

690. Од мене не за мене и без мене.

691. Залудно твое време без дело и трага.

692. Судиш, а ниту знаеш, ниту промислуваш.

693. Бевме заедно некогаш. Одамна не сме и не се надевам дека некогаш ќе бидеме.

694. Што се однесува на мојот општествен статус и непризнаеноста на моето мислечко и книжевно творештво-спокоен сум, дури рамнодушен.

695. Многу е важно човек да продолжи и покрај сè. Поради себеси пред сè.

696. Рамнодушноста е прифаќање на неменливост или неминовност, а малодушноста е немоќ пред пораз.

697. Немало и не може да има некој како мене!

698. Најтешко е да се открие кој стои зад и кој ги држи конците в раце.

699. Широко срце за чиста и безмерна љубов.

700. Неснослива празнотија во душа на човек оставен сам од блиски.

701. Можам да решам доста од мене, ама нема зошто.

702. Ти можеш што не можат други, а што можат други можеш и ти.

703. Треба внимателно да следиш и промислуваш сè што се случува околу тебе. За да не ти го заробат умот.

704. Се докажуваш жив со своето создавање и дејствување.

705. Ништо не значи што сум бил, ако не сум и нема да бидам.

706. Нема начин како да разберам што е со тебе. Поразително.

707. Личност се менува не за да се прилагоди, а за да се надгради себеси.

708. Мудриот секогаш со свое и нечие време на постоење.

709. Барем одвреме-навреме нешто ново од мене.

710. Колку тежи моето грандиозно мислечко и книжевно творештво?
Тони поезија, проза, сатира, белешки, афоризми, изреки и сентенции.

711. Суштествена разлика:
Минатото го промислуваме откривајќи во него, сегашноста и иднината ги промислуваме создавајќи за нив.

712. Сосем неважно:
Од мене толку и уште. Додека сум.

713. Интересно е ако е точно дека сум некаде и никаде.

714. Светот одамна не е на крстосница. Со војнички чекор сè повеќе навлегува во беспаќе.

715. Моето дело и суди и се бори за слобода и ослободува. Со своите вредности.

716. Се согласуваме дека да војуваш сам е потешко одошто заедно со други. Ќе се согласиме и дека тоа не е, ниту може да биде донкихотски.

717. Ќе го продолжи некој моето дело?! Не разбирам зошто. Впрочем, можно ли е тоа?

718. Мене скоро ќе ме нема, а сите без мене ги нема одамна.

719. Наци-фашизмот во светот се повампирува. И околу Македонија и во неа!

720. Не ми излегувај пред очи додека не знаеш кој си и што си.

721. Никој никого не може да освои засекогаш. Се менуваат силите.

722. Не ме ни спомнувате оти не можете со мене затоа што не сакате.

723. Стојам во место само за да здивнам.

724. Драго ми е што ми се придружи на патов кон утре.

725. Се случи да се разминеме, а да не ме препознае. Одамна не сме се виделе.

726. Беше лична, привлечна и возбудуваше. Таква ја паметам.

727. За СДСМ-овците е несфатливо и неприфатливо, но нивната партија е мртва. Наместо неа, потребна е нова, со ново име и нови луѓе.

728. Некој дамна можел да ме има незаборавно.

729. Било љубов, но не било и нема да биде.

730. Секој можел да сакал.

731. Непојмливо далеку еден од друг.

732. Се шири лицемерие како плевел.

733. Нештата се движат како и колку за кого.

734. Што не било, па да не биде?!

735. Си играат силници со сегашноста на слабаци.

736. Цел живот човек, љубов и човекољубие.

737. Нема од кого да добијам што било за сè што давам.

738. Нема да ме видиш оти не сум за гледање.

739. Најсоодветно име на нова партија наместо мртвата СДСМ:
СЕВЕРНОМАКЕДОНСКИ СОЦИЈАЛ-ДЕМОКРАТИ (ССД).

740. Секој мој збор со добрина за добрина.

741. Избрани луѓе за живот и дела.

742. Народот е трпелив кога знае дека ќе биде.

743. Се прашувам зошто само кога нешто не ми е наместо или не ми оди од рака.

744. Искреноста не бара согласност.

745. Ничија трага во пустелија.

746. Моите години и твоите години за многу години.

747. Те нема засекогаш.

748. Не мене, туку на МАНУ-вци треба да им биде чест јас-Љупчо Димитровски (73 години), мислител и книжевник со грандиозно творештво-единствено на светот (моментно 111 поетски, прозни, сатирични и мислечки дела), да бидам со нив-академик.
Нема кој да ме предложи? Тоа е проблем на инфериорноста и омаловажувањето.

749. Во својата смрт однесе голема и таена невозвратена љубов.

750. Што ми е посебно драго:
Знам неколкумина писатели и книжевни критичари (од постарите и помладите генерации) кои скришно и внимателно ги читаат моите дела на Интернет и социјалнава мрежа Facebook, и кои темелно ги согледале нивните стојности.
(Не се мои и ваши FB пријатели.)

751. Човек од раѓање до смрт се учи да ја сака татковината, а не да ја мрази и да стане предавник.

752. Секогаш во одбрана на човечкото достоинство, слободата, народот и државата.

753. Безидејна партија на недоветни, шутраци и политиканти.

754. Посакувам само ова да се памети за мене: дека сум живеел, сум живуркал и сум создал дела.

755. Откриени траги во минатото неизбришливи до денес, чувани и штитени за утре.

756. Секидневно творење до ниедно доба на ноќта.

757. Во туѓа земја не можеш да си свој.

758. Вистинската љубов е и безвремена и безмерна.

759. Најпрвин економија, технологија и култура, па сè друго.

760. Дај Боже да не сум во право, ама не верувам.

761. По човекот животот се познава.

762. Лесно само при доволна живеачка.

763. Нема излез од бурно и тешко време без творечка енергија.

764. Не барај совет од неопитен човек во години.

765. Како тргна, не ми изгледа дека ќе стасаш на целта.