XVII
Дамјан Гласноговрникот ми зборува за себе како колумнист и како творец-книжевник:
Неретко ги слушам оние што ме познаваат, но не ми се блиски дека како колумнист сум повеќе книжевник, а како книжевник повеќе колумнист. Не мислам дека е тоа позитивно. Напротив. Особено кога е збор за моето книжевно творештво. Дури мислам дека е прилично зломислено, омаловажувачко. Нејсе. Јас одамна сум ги разграничил тие две нешта, освен кога во книжевно дело користам факти и документи со кои му давам поголема стварносна димензија. Што се однесува на колумната, знаеш дека ја сметам за поблиска до есејот одошто до стручната согледба и до хрониката или кој било друг ниовинарски жанр. Кога инсистирам на суштествената разлика, ги имам предвид и слободата на исказот, јазикот, стилот, општоста и конкретноста. Не верувам дека треба тебе да ти докажувам колку пишувањето колумни ми е многу полесно одошто на какво било книжевно дело. Дека тоа просто ме релаксира, па најчесто колумните ги пишувам по „книжевниот умор“.
Сакам да ти укажам на нешто друго, пријателе мој, на нешто што ми е апсолутно неприфатливо. Но, во овој моментум е многу тешко, дури невозможно надминливо: еднаквиот читачки однос спрема колумната и книжевното дело. Ми се случува и да ме знаат како колумнист, а да немаат поим дека сум книжевник. Што значи да ги читаат ревносно моите колумни, а да не прочитале ниту ред, ниту стих од моите прозни или поетски дела. Се разбира, тоа многу, да не речам воопшто не ме погаѓа, сепак признавам дека не ми е баш право, па не се ни обидувам да го „поправам“. Оставам на времето и случајноста.
Јас сакам да му укажам на секој што ме почитува и како колумнист и како книжевник:
Колумнистот е нужно мислечка и творечка личност која проблематизира, открива, анализира, докажува и изнесува свој став, а творецот-кој било, во „случајов“ книжевникот, уште и создава, гради и надградува.
Неколку колумни на Дамјан од Истин за општости и конкретности:
1. Употреба и злоупотреба
Денес многу повеќе се злоупотребува отколку што се употребува. Најнапред се злоупотребува секој, од некој или од секого, а потоа се потребува сѐ и сешто. А кога и кои се последиците односно штетите, тоа е мошне тешко да се одговори. Зависи од случај до случај, од ситуација до ситуација.
Во актуелниов моментум помеѓу злоупотребата на секого и на сешто можеме да ставиме знак на равенство, што значи дека е подеднаква и според содржината и според тежината. Притоа, од секого можеме да ги издвоиме новинарите, медиумите и социјално загрозените поединци и групи, а од сешто особено добиената-стекнатата позиција во општеството, поготово како влијание и функција во власта.
За употребата нема што многу да се зборува. Нејзината суштина е во нормалното или општоприфатеното, значи без последици за други, постигнување на целта, а најбезболна е употребата на средствата за производство. Сепак, од сите употреби најголема е онаа на зборовите-празните, но и истрошените, изабените од преголемо користење или повторување. Кога се тие во прашање, многу е тешко да се догледа и согледа, навреме да се дознае кога се преминало во злоупотреба. Најчесто нивната употреба е всушност злоупотреба.
При употребата и злоупотребата најважни се употребувачите и злоупотребувачите. Кои се тие? Умееме ли да ги препознаваме навреме, пред и нас да нè земат во свои раце?
Постојат повеќе групи или категории на употребувачи и злоупотребувачи. Помеѓу употребувачите на прво место се бизнисмените, а помеѓу злоупотребувачите политичарите. Бизнисмените употребуваат сешто и секого за да им цути бизнисот, за да не се доведат во неблагопријатна ситуација, а политичарите ги злоупотребуваат довербата и трпението на народот за остварување на своите клиентелистички, непотистички и корупциски амбиции. Досега кај нас поинакви сѐ уште „не родила мајка“. На пример, чесни, искрени, доблесни, достоинствени.
А што е тоа злоупотреба?
Злоупотреба е кога некому му правиш или му нанесуваш зло поради употреба. Не е точно? А да не е точно кога некого го употребуваш за да му нанесеш зло на друг (во множина на други, може и на сите)? Може да е точно, а може и да не е? Е, па, тогаш, сигурно станува збор за причинско-последична поврзаност помеѓу злото и употребата.
Ми се чини дека најилустративен пример на злоупотреба е нашата полит-бизнис олигархија. Токму поради злоупотребата нејзе никој ништо не ѝ може. Особено не некој нејзин член да биде фатен во „неправо“ дејание и да го „изеде мрачнина“.
Да, полит-бизнис олигархијата владее и натаму ќе владее со државата, особено со оние оние од „задните редови“ кои како за сламка на спасот се фаќаат за лагите и глупостите што им се нудат. На пример за глас на парламентарни избори. Порано тој се купуваше и со килограм брашно или шеќер, а сега со проценти кои и онака ќе ги добијат во наредниот период: ќе ги дадат Европа односно „меѓународна заедница“, во рамките на инвестирањето во глобализмот, за и кај нас ни случајно да не крене глава локализмот.
А кој злото го употребува кога нешто или некого употребува? Не брзајте со одговорот. Поарно допрашајте го „ако сакате да станете милионер“? Не! Еден од „нашите“ или ваш „коалиционен“ партнер.
2. Бизнисменска ступидарија
Во настојувањето да се сврти вниманието кон сопствениот бизнис (маркетинг), да се предизвика потенцијалниот купувач-потрошувач-корисник, многумина пред сè мали бизнисмени соодветно или посебно внимание посветуваат на називот на нивната фирма; тој да „звучи“ или да „паѓа в очи“, да се издвојува од другите. Притоа, предизвикани-поттикнати-инспирирани од виденото или чуеното во странство (или, пак, „шетајќи“ низ интернетскиот свет) „позајмуваат“ такви што не се само непримерени за карактерот односно содржината на бизнисот, туку воопшто не можат да го оправдаат.
Посочувам на една бизнисменска ступидарија која за жал најнапред ги промовира како такви-ступидни бизнисмените што ја прават токму со именувањето на своите бизниси. Со нејзиното жигосување само правам обид таа да не добие епидемиски размери, па да добиеме едно многу „интересно“ бизнисменско опкружување. Ќе го наречам (можеби најпрецизно): академизација.
На една македонска позната дама, „стручњак“ за женска убавина, според сопствено јавно признание на стартот и паднало на ум на својата фирма да ѝ даде „сериозност“, па ја нарекла академија! Како таква е веќе афирмирана, а многумина мои познајници во своето безделничко време кога ќе ја слушнеа рекламата се прашуваа колку е успешна таа „академија“, односно што се досега се изродило од неа. Откако дамата се покажа на ТВ (платен маркетинг) и објасни за што станува збор, прилично се разочараа: не станувало збор за академија во вистинската смисла на зборот, туку за обичен фризерски односно фризерско-козметички салон за женска убавина.
Првото прашање што им паѓа на ум: кој тоа ѝ дозволил на дамата својот занаетчиски дуќан да го крсти академија? Не ѝ треба дозвола? Веројатно, имајќи го предвид Законот за трговски друштва, посебно за нивно регистрирање. Сепак…
Во меѓувреме, одвреме-навреме слушам, читам и гледам на ТВ реклами за формирање „академии“ и за други бизниси, пред сè од „трговските“. Како што тргнало, ако не се запре, можеме наскоро да очекуваме и појава на „академија за љубов и секс“, бидејќи (засега) кај нас е забранета регистрација на јавна куќа.
Се залагам за забрана на „академизирање“ на каков било бизнис, сеедно мал или голем. Што не би требало да претставува некој посебен проблем. Доволна е само (по)строга примена на законската регулатива за дејноста за која се регистрира фирмата.
Нашите ступидни, веќе „академизирани“ бизнисмени сакам само да ги потсетам:
Академија е висока школа за наука или уметност или здружение на научници и уметници, чија единствена дејност е унапредување на науката и уметноста. Исто така, со терминот „академија“ се означува и свечена приредба во слава на некој значаен настан или некоја личност.
Госпоѓи и госпоѓици, дали добивате „академска убавина“ во таканаречениот фризерско-козметички салон? Дами и Господа, дали купувате „академска стока“ во таканаречените занаетчиски дуќани и трговски продавници? Да не „случајно“ патем добивате и соодветно (фризерско-козметичко, трговско-занаетчиско итн.) „академско“ знаење-образование?
3. Древната опсерваторија Кокино, Каменот од Розета и античките Македонци
Кокино допрва ќе ги открива своите тајни во милениумските
пластови.
Астрономот Ѓоре Ценев откри древна опсерваторија од пред 3.900-4.000 години, која му припаѓала на народ со висока култура, знаење, можеби и писмо.
Набљудувајќи го изгревањето на Месечината на опсерваторијата, Ценев открил дека освен маркерите за Сонцето, кои се веќе откриени, а по што Кокино и е признаено како една од четирите најстари светски опсерватории, постојат уште четири маркери за следење на Месечината. Со други зборови, се потврдува дека народот окопу Кокино изработувал лунарен календар.
Изјава на Ценев:
„Со ова откритие локалитетот уште еднаш ги потврди сите свои вредности, својата уникатност и во светски рамки, така што со протолкувањето на овој календар, кој е употребуван на Кокино, всушност се добива еден значаен придонес во светската наука“.
Откритието докажува дека 1.400 години пред Метон постоел календар што го делел времето на зима и лето, со 12 месеци со по 29 или 30 дена. Доказ дека Македонците се сигурно потомци на високо цивилизиран народ!
Што знаеме за Каменот од Розета? Доволно, особено по она што го открија академик Тоше Бошевски од МАНУ и професор Доктор Аристотел Тентов од Електротехничкиот факултет: средниот текст од писмото на него е на античко-македонски јазик стар 2.200 години. Како што тврдат тие, резултатите од нивните истражувања ќе предизвикаат „страшен удар на досегашното учење на историјата“.
Основни сознанија за Каменот од Розета:
Во 1798. година Египет го зазеде францускиот војсководец и државник Наполеон Бонапарта (1769-1821). Една година подоцна еден војник на неговата окупациска војска во селото Розета сосема случајно, копајќи ров, пронашол рамен камен од црн базалт на кој се наоѓаат 3 натписи. Горниот дел содржи 14 реда хиероглифски текст, средниот 32 реда демотско писмо, а долниот 54 реда грчко писмо.
Еден офицер веднаш го прочитал грчкиот натпис со следната содржина:
„Во Мемфис во 196. г.пред Христа се собраа свештеници од целиот Египет. Се советуваа за тоа какви почести ќе му се дадат на младиот фараон Птоломеј V кој многу направи за храмовите и свештениците. Одлучено е во секој храм да се постави по еден кралски кип со плоча на која на 3 писма ќе се овековечи тој настан“.
Тријазичниот текст на плочата веднаш го привлекол вниманието на научниците кои го започнуваат нивното проучување. Египетското сликовно писмо, хиероглифите, го привлекувало вниманието на стручњаците уште од античкото време, но бидејќи тоа излегло од употреба при крајот на антиката никој не ја знаел неговата тајна.
На почетокот од 19. век неколкумина стручњаци истовремено се обидувале да го најдат одговорот што се точно хиероглифите и како хиероглифските текстови можат да се читаат. Сепак, најголем придонес во дешифрирањето дале Англичанецот Thomas Young (1773-1829) и Французинот Jean-François Champollion (1790-1832). Young во 1814. година докажал дека демотското писмо од каменот не е алфабетско, а забележал и дека кралските имиња се посебно означени со тркалести знаци. Така ја насетил тајната на хиероглифите неколку години пред Champollion, но поради неможноста од натамошно финансирање морал да ги напушти своите истражувања.
Jean-François Champollion со споредба на неколку египетски споменици со хиероглифско писмо и грчкиот натпис од Каменот од Розета успеал да ги одгатне имињата Птоломеј и Клеопатра. Ги пронашол и буквите п, т, л, м, потоа с, к, е, а, в, како и знакот за буквата т. Открил дека египетското писмо се состои од фонетски и идеограмски знаци. Забележал дека писмото низ долгата историја на Египет доживеало некои промени, па така настанало хиероглифското, потоа поедноставеното хиератско (свештеничко) и едноставното демотско писмо (за секојдневна употреба; демос-народ).
Демотското писмо станало службено при дописите во работите во книжевноста. Тоа било мошне популарно, но со време се развило во коптско. (Копти се верници на Коптската православна црква во Египет).
Токму средниот текст на Каменот од Розета, напишан на демотско писмо, македонските научници го откриваат како античко-македонски, со што се урива една заблуда: дека античките Македонци биле неписмени. Демотското писмо го сметаат за писмо на нивниот јазик, а од него директно потекнува нашиот денешен македонски.
Тентов тврди:
„Дел од овие зборови што се откриени во ова писмо се пронаоѓаат во нашиот современ јазик и во нашите дијалекти, а исто така дел од зборовите биле пронајдени и во јазиците на другите словенски народи“.
Според преводот на декретот на Птоломеј V, Египтјаните се запишани како Аѓупци, Македонците како живи господари, а Грците како Данајци.
Бошевски и Тентов се убедени дека писмото на античките Македонци било претходница и на римското писмо. Бошевски вели:
„Такво писмо после тоа ние најдовме кај сите стари европски народи. Најдовме исти знаци во етрурското писмо. По наше длабоко убедување, претходник е на римското писмо во реонот на Средоземното Море“.
Тентов:
„Воспоставуваме континуитет со античките Македонци. На светот ќе имаме шанса да му презентираме, според нашите сознанија, една цивилизација која досега се сметаше дека е загубена“.
Дополнува Бошевски:
„Структурата на дијалектите на нашиот македонски јазик ќе има големо наследство од јазикот на античките Македонци од периодот на Птоломеите“.
Како доказ за постоењето на овој јазик е и новооткриениот текст на еден камен кај опсерваторијата Кокино, напишан со истото писмо.
Очигледно, станува збор за епохално откритие кое, сигурен сум, во светот допрва ќе добива признанија. Ние, вообичаено, кога станува збор за наши вредности, творечка работа и врвни остварувања, и натаму остануваме „збунети“ и рамнодушни. И за делото на Тентов и Бошевски чекаме признание од странство, па потоа…
Кога сранува збор за траги од древноста на сопствено тло, секој народ односно секоја држава покажува особен сенс и грижа.
4. Во Македонија сè повеќе самоубиства
Се актуелизира уште еден проблем кој во иднина ќе станува сè поголем, а се однесува пред сè на средните и старите генерации во Македонија: зачестуваат самоубиствата, имаат растечки тренд!
Суицидолозите и криминолозите прогнозираат дека стапката на самоубиства во средината на овој век ќе достигне 15 до 16 на 100.000 жители, а со неа Македонија од земја со ниска стапка од 7,5% ќе премине во земја со средна. Уште позагрижувачки се долгорочните прогнози: зачестеноста на самоубиства до 2075. година ќе се зголеми за 75%, кај младите дури за 170%!
За комплексноста на состојбата во земјава нека послужат и следниве податоци:
Смртноста од самоубиства е за 2,5 пати повисока кај мажите. И кај нив и кај жените доминантни се самоубиствата со бесење, давење и труење. Поподложни на самоубиства се возрасната група од 35 до 54 години и старото население над 65 години. Повеќе од половина од самоубијците одлуката ја донесуваат во состојба на афект, а e значително мал бројот на самоубијци кои боледувале од неизлечиви болести. Во најголем процент се застапени самоубијци со просечно интелектуално ниво. Кај самоубиствата психозите се застапени со 50,4%, неурозите со 17%, алкохолизмот со 8,5%. Кај обидите за самоубиство доминираат неурозите со 44,3%.
Како ризик фактори за самоубиствата експертите ги посочуваат дисфункционалните семејни односи, а улогата на училиштето ја посочуваат како етиопатогенетски фактор кој го покренува таквото однесување.
Што денес и утре може да се стори на планот на превенирање на самоубиствата? Ако не можат целосно да се спречат, барем да се забави нивната се поголема зачестеност.
Секако, дел од нив, и тоа поголем, претставува данок на стресното урбано живеење, егзистенцијалната загроза, алиенацијата итн. (презентираната застапеност на психози, неурози, алкохолизам).
5.Денес голем, утре уште поголем проблем на светот: водата
Серизоно, алармантно предупредување: светот сè повеќе се соочува со криза во снабдување со вода. Прогнозата е премногу мрачна за сите-општеството, државата, секој лично да се однесува рамнодушно и неодговорно: кон средината на овој век дури 7 милијарди луѓе ќе бидат соочени со недостиг на вода!
Затоа што бројот на жители на Земјата расте, а водните ресурси се намалуваат.
И она што се прогнозира одамна, а се чини дека ќе стане неминовно: се приближуваме до периодот кога ќе се војува поради питка вода.
Поразителни долгорочно актуелни податоци: над 1,6 милиони лица умираат годишно поради тоа што немаат питка вода или вода за одржување лична хигиена, а во 90% од починатите се деца под 5-годишна возраст. Луѓето веќе користат извори кои можеби се загадени или опасни, што може да доведе до ширење на колера, тифус, маларија, тропска треска.
Проценки:
1,1 милијарди луѓе воопшто немаат пристап до здрава вода за пиење, 2,5 милијарди немаат соодветен водовод и канализација, а секоја година е сè поголем бројот на луѓе кои умираат од недостиг на вода. Таа бројка е 10 пати поголема од онаа на жртвите во војните ширум светот.
Вкупното количество вода на планетата Земја се проценува на околу 1.400 милиони кубни километри, но од тоа само 2,5% е слатка вода. Од тој пороцент, само 20% со дезинфекција и слични прочистувања може да се прилагоди на човековите потреби.
Човекот дневно пие помеѓу 2,5 и 3 литри вода. Во исто време, само 2,6 милијарди луѓе уживаат минимални санитарни услови, додека половина од населението на земјите во развој се погодени од болести предизвикани од неисправна питка вода.
Според еко-сајтовите на Интернет, најквалитетна вода имаат Финска, Канада, Нов Зеланд, Велика Британија, Јапонија, Норвешка, Русија, Јужна Кореја, Шведска и Франција, а ситуацијата е најтешка во пустинските и полупустинските области во подсахарска Африка и Азија.
Експертите проценуваат дека за да се преполови бројот на луѓето во светот кои немаат пристап до питка вода и санитарии е доволно да се обезбедат 6,7 милијарди долари годишно. За споредба, во Европа и САД годишно за храна на куќни миленичиња се издвојуваат 17 милијарди долари.
6. Нафрлоци за поетот и писателот (основа за есеј)
Поет: уметник на зборовите. Има начелно иста судбина како и другите уметници. Тој е со слични диспозиции и сличен карактер, има слична општествена положба итн.
Пистаел: најшироко земено, писател е секој оној што пишува. Тоа е човек од перо (писател, автор, книжевник) кој се занимава со пишување како занимање; произведувајќи книги, написи и други материјали поради публикување. Тоа е лице кое се служи со пишаниот збор за да ја соопшти својата мисла, чувство, приказ, а сметајќи дека тоа би можело да биде од општ интерес.
Многумина сметаат дека творечката личност на поетот како уметник не е идентична со неговата граѓанска личност. Личноста на поетот, како лице кое произведува привид, како илузионист и лажливец, прв ја напаѓа во европската традиција Платон. Но и во подоцнежно време, секогаш кога треба да се зацврсти државната заедница, личноста на поетот се зема како несигурна и ја допушта само онаа поезија која ги јакне јавниот морал и општествените интереси. Од тоа може да се разбере силата на влијанието кое поетите можат да ја имаат врз текот на јавните работи во општеството. Оттука, одговорноста на поетот е поголема колку што медиумот на неговата уметност е близок на секојдневниот говор.
Писателот како творец на магистрални дела, што ѝ припаѓаат на тн. Голема книжевност, се нарекува и поет. Според тоа, писател е оној кој пред сѐ владее со зборови, со јазикот и духот на јазикот во специфична книжевна форма, кому му е својствено да го употребува јазикот на имагинативен и дискурзивен начин, креирајќи книжевен, поетски и аналитичко-рефлексивен израз со кој постигнува одредени ефекти и цели. Тоа значи дека писателот не е само творец на духовна стварност реализирана во структурата на книжевното дело, односно творец на имагинативна книжевност (поетска, драмска, наративна и критичка проза), туку и автор на филозофски, научни, политички, публицистичко-журналистички написи, филмски сценарија, пригодни музички дела и др.
Некогаш се верувало дека писателот е во власта на силите или духовите, а гении го водат и го вдахновуваат во создавањето. Потоа е сметан за истражувач на вистината, совеста на општеството, народен трибун и профет, чие звање и мисија се издигнати речиси во божествени сфери.
Меѓутоа, денешниот писател е поосамен, поскептичен, кој доведува речиси сѐ под прашање, па и самата целисходност на својата работа и позив. Во минатото тој во својата работа главно се насочувал објективно, настојувајќи да го прикаже и толкува светот каков што е или би требало да биде, додека денес неговата насоченост е претежно субјективна, низ која се изразува себеси, својата исповед и својата слика на светот.
Според својата функција, писателот си припаѓа пред сѐ на себеси и на својата уметност, но му припаѓа и на човекот и општеството; изразувајќи ја во книжевен, поетски адекватен јазик, својата основна порака-мислата за човечката слобода и достоинството и за достоинството на книжевноста. Поседувајќи го она „творечкото“ во човекот, како што вели Николај Хартман, писателот му останува верен на своето најдлабоко битие, без обврски да му служи на што било што е спротивно на неговата визија. Со хуманата и неутилитарна суштина на уметноста (иако тие обврски неретко му биле наметнувани), тој работи колку што може континуирано и предано, речиси нагонски препуштајќи му се на процесот на постојаното уметничко самоусовршување. Секогаш неспокоен и незадоволен од состојбата на работите, секогаш во дослух со сите мени на човечкото искуство; откривајќи ја, толкувајќи ја чувственоста и судбината на човекот и светот, испитувајќи ги просторите на срцето и душата и механизмите на свеста, непрестајно проширувајќи го опсегот на сопствените-и читателовите сознанија и спознанија, унапредувајќи го притоа книжевниот вид и струката за која се определил.
Сразмерно на силата на својата творечка индивидуалност, како еден од битните предуслови за автентично создавање, писателот е целиот во она што го напишал, а пишува за да биде читан. Тој е отелотворена сензибилност и ум: со својот сопствен, индивидуализиран јазик ги кажува сопствените и општи желби и стремежи, патила и надежи. Располагајќи со фантазија и со познавање на човечката душа и природата на човекот, писателот создава, интуитивно или со посредство на искуството или дедукцијата, искуства и факти; воочува, замислува, поврзува, гради, односно обликува во јазик, значи: пишува.
Тој може да биде (1) гениј кој создава книжевни ремек-дела, кој открива нови правци и патишта во развојот на книжевната уметност и книжевното мислење; може да биде (2) творец кој во согласност со својот талент и способности дава повеќе или помалку значајни дела; но писателот е (3) и оној чии дела го прават просекот на книжевната продукција, кој (4) занаетски вешто имитира големи уметнички зборови или (5) пишува исклучиво за разонода и забава на читателската публика.
Книжевните творци-писателите, не само „како исклучителни, туку како позитивни личности го одржуваат континуитетот на духовната егзистенција на човештвото“ (И. Секулиќ), а што, меѓу другото, е една од нивните највозвишени должности.
Општествениот и политичкиот ангажман на поетот и писателот е „посебен“. Со оглед на длабината, тежината, последичноста? Да, како творечки и мислечки личности. Тој е „посебен“, секогаш задржувајќи ја, сочувувајќи ја автохтоноста, независноста и непокорноста. Ангажман едновремен со делото/творештвото и со неспоредно учество во актуелните ошштествени и политички процеси.