112. Живи зборови
Околу него неброени
живи зборови:
цели,
на слогови
и гласови разделени,
во молк продолжени,
без никакви знаци
на еден без друг,
на еден по друг,
на еден во друг,
со крик пресечени,
звучни, безвучни,
тивки, екотни,
без никакво значење,
полнозначни,
нови, излитени,
уморни, неуморни,
разиграни, распеани
и други, секакви.
Околу него дека биле,
дека се од него
собрани, па растурени,
на небо распослани,
сјајни, видливи,
во свои сенки,
во мрак потонати,
спокојни, огнени.
А он во жив простор
живо време
занемен!
Па добро,
прифаќа отсега,
штом наместо него
од него собрани
околу него
неброени живи зборови
кои ќе го продолжат
во луѓе како човек.