54. Лична борба
Откога се знае себеси,
кој бил, од кога е, што е,
он стои исправен и стамен
на ветромет, спроти ветер,
дека се памети,
дека го паметат од дамнина.
Просто речено, он е човек
кој води непрестана
лична борба против
личната минливост
и безличноста,
кои без престан унишуваат
знаци, траги,
секакви артефакти
како докази на живеен
човечен живот со дела
за спокој, достоинство, игра,
победи како порази,
порази како победи
во земја, на небо.
Зарем само лична борба,
а не и рамносилна со исти
како него,
со различни од неговата,
но сплотено, споделено,
смислено, претпазливо,
грижно, доблесно?
Прво лична, после на други
со него
секогаш ако негови со нивни
предци и потомци
опстанувале,
го продолжување постоењето
на неговиот во нивните
светови, семиња, плодови,
корени,
говор и писмо за разбирање,
слободен оган за ново раѓање
во незаборав. Просто речено, он е човек
кој има срце живо
што игра и пее за време
по негова смрт,
совреме направено
од дрво, камен, железо,
молк и тишина
во сонце што изгрева,
во сонце што зајдува
како секое, како сечие друго,
како ниедно друго отсега
во некоја неизвесна
ниедна доба.