КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), IX, роман

Потребно време за читање: 12 минути

IX

Три суштини на секојдневниот живот на Колумнистот, а кои се лесно забележливи во неговите колумни дури и кога не се конкретизирани: самоста, промислувањето кое не престанува со гледишта и заклучоци, и континуирано книжевно творење. Самоста како слобода во која е сам со себе, промислувањето како високо концентриран мисловен ангажман, творењето-пишувањето подеднакво и наспоредно на постојни, „отворени“ и континуирано создавање нови дела. На оние што читаат негови објави, кои всушност го следат неговото секојдневје, им е просто несфатлива, а видлива, а конкретно докажувачка, како што самиот ја нарекува нескротлива творечка енергија. Да се пишува, да се создава буквално секој ден, многу често до речиси пред раѓање на нов ден…

Една од неговите најчитани колумни објавени на Интернет во последно време беше токму за самотата како слобода. Ќе ја пренесам подоцна, а сега од неа само ова:

„Знам дека самотата на многумина им е тежина, може неподнослива. Но, мене ми е драгоцена оти за мене претставува и простор и време на слобода. За најлесно да се разбере тоа, ќе раскажам во два-три збора за еден човек кој живее самотнички во пустина опкружена со големи планини со неосвоиви врвови.

Човекот е безимен, деноноќно е на раб на преживување. Одамна докажал дека и пустината го овозможува тоа, доколку се прилагоди на неговите екстремности. Особено кога е таа опкружена со планини и неосвоиви врвови.(Можностите се на нив и во нив.) За него таа воопшто не е проблем, а самоста му е безгранична слобода. И поголема колку повеќе се оддалечува од планините. Во последно време во пустината среќава сè повеќе самотни, а слободни и слободоумни луѓе.Со кои радо споделува од неговото време и простор во неа.Со радост и надежност им помага да соградат свои постојани живеалишта. Разбирливо, повеќе подземни одошто надземни“.      

Инаку, секојдневјето на Гласномисленикот, Дамјан од Истин, е исто и според ист ред, рутинерски како на секој обичен човек со свое секојдневје: станување во рани зори, измивање и будење-раздвижување на телото, облекување облека според годишното доба и очекуваното време во денот, појадок-прикаснување нешто готово, спакувано, задолжителен зелен чај, едно јаболко и голема шолја кафе што го испива речиси до ручек; раздвижување-претпладневна прошетка во длабоката шума на крајот од градот, лесен ручек-што не бара многу време за готвење, пржење, печење (воопшто не го привлекуваат готвачките вештини и знаења); попладневен одмор-дремка, вечерно гледање телевизија (час-два-вести, дебатна и документарна емисија-од „светот на дланка“). Во меѓувреме и во часовите до полноќ и по неа творење-читање и пишување.

Неретко се прашува дали би можел подолго време да се посвети само на пишување колумни, што значи секој ден? Сигурно би можел, но е сигурен дека тоа многу брзо ќе му здодее и ќе престане засекогаш. Како што му се случи неодамна со сатирата, а на која сигурно долго нема да се навраќа.         

Од колумните (поентите)    
на Дамјан од Истин      

1. Промислување, согледба, гледиште

Тие можат да бидат последователни, како постапност, како процес, но може и меѓусебно да се омеѓени или наспоредни. Важно е да се нагласи дека и промислувањето и согледбата и гледиштето имаат еднакво значење и вредност за човечката мисла, особено за конкретно дело.

Промислувањето или опстојноста односно темелноста најпрвин не може без знаење и искуство. Без нив тоа се сведува на импровизација и волунтаризам. Во последователноста тоа е прво, а по него следуваат согледбата и гледиштето.  Во однос на наспоредноста, треба да се нагласи дека секогаш може да се продолжи и според неговата „природа“ е непрестано. Сеедно дали станува збор за нешто или за нешта. Токму затоа промислувањето може да се назначи и како надградба на мислата. Ги имам предвид и мислата и мислењето како ментален и делотворен процес, но и свеста и идејата и имагинацијата како нивни блиски концепти.

Согледбата или сфаќањето односно разбирањето е суштествено за здраворазумското просторно-временско егзистирање на човекот. Ако не се согледува стварноста каква што е, не е можно таа ниту да се менува надградувајќи ја, ниту да се предвиди нејзина блиска перспектива. Ако не се согледува реалноста каква што е, не е можно неа да ја спротивставиме на она што е надвор од неа, што не може да се разбере разумски-трансцедентното, а со тоа ниту да го докажеме нашето постоење. Согледбата е процес со завршеток и едновремен нов почеток. Тоа значи дека е временски ограничена, а таа ограниченост може да биде дури зададена. Сеедно дали станува збор за појава, состојба, предмет, собитие. Согледбата е предуслов за каков било напредок, личен или колективен. Животот се согледува постојано, се открива и освојува. Тој просто не може да се живее ако совреме не се согледуваат неговите промени.

Гледиштето или ставот/стојалиштето/становиштето/гледната точка им е својствено на личности со идентитетска самосвест, докажани, видни и авторитетни. Тоа значи на мислечки и творечки личности кои постојано, непрестано се надградуваат себеси, кои смислата на својот живот, на своето постоење ја гледаат и ја наоѓаат во движењето, менувањето, напредокот и постигнувањето лични и заеднички цели. Едно суштествено прашање: дали е „нормално“ гледиштето да се менува, сеедно ретко или често? Мојот одговор е да се менува е нормално, дури нужно и треба сеедно ретко или често. Имено, тоа е во најголема мера последователно. Значи, доаѓа, поточно се оформува по промислувањето и согледбата. Не оти не е наспоредно со нив. Напротив, затоа што континуираното преиспитување, надградбата, дополнувањето и неговото напуштање односно замената со ново се негови иманентности. Во спротивно, тоа би претставувало догма, отфрлање на критичка проверка. Мислам дека е и погрешно да се тврди дека некој го сменил или го „прилагодил“ своето гледиште, освен кога станува збор за ново, сосема спротивно на досега постојно. Би било правилно тоа да се забележува како потврда на развојната динамика на личното мислење.

Најнакрај сакам да го истакнам значењето на промислувањето, согледбата и гледиштето во творештвото, во процесот на создавање на едно дело од почеток до завршеток.        

2. Дигнитетот на авторот

Проблемите во културата со години се таложеа, се таложат, нивното решавање се одложува(ше) за „подобри времиња“, а е сѐ поочигледно дека стануваат суштествени за нашата духовна, па и материјална егзистенција. Во секоја организирана средина тие не можат да се совладуваат-надминуваат изделено од решавањето на севкупните проблеми и состојби, од решенијата што ги наметнува актуелниот миг, од системот што се воспоставува и гради.

Ако е основната ориентација кон пазарно стопанисување и конкурентско однесување („модерен капитализам“), тогаш ниту институциите во културата, ниту сето она што значи нејзина манифестација, не можат да се потпираат исклучиво на фондовско финансирање, на „соодветна“ распределба на средства за поддршка од страна на државата (министерствата). Потребни се радикални решенија што ќе ги овозможат самостојноста и продуктивното работење, и тоа не со однапред утврдени критериуми и мегаломански, неостварливи барања и потреби. Не се во прашање само спонзорството и меценатството, кои кај нас практично не заживеале, ниту во догледно време ќе заживеат, туку пред сѐ реорганизацијата и преструктуирањето на самите организации, институции и други чинители во културата во правец на нивно ефикасно и економично работење и дејствување.

Од каде да се почне за да се продолжи? Културната политика не може да се води без претходно согледување на потребите и можностите, без претходно ситуирање на состојбите и перспективите. Притоа, никаков волунтаризам не може да даде брзи и квалитетни решенија и резултати. Во тој однос најважно е вреднувањето на трудот и авторската креативност. Затоа што не е можно создавање на културни вредности, на дела како наше препознавање во светот, без соодветна валоризација и одбрана на дигнитетот на авторот.

Во сегашниов миг се соочуваме со неприфатлива практика од страна на културните институции и организации. На пример, за да ја одржат сопствената динамика издавачките куќи објавуваат дела од наши автори со исплата на (буквално) симболичен хонорар. Именио, за да го одржат колку-толку сопствениот творечки активитет, за нивните дела да не „лежат“ со години необјавени, писателите се принудени дури и да се откажат од авторскиот хонорар што им следува, да покажат разбирање за состојбите, да го докажуваат сопствениот ентузијазам. Нешто што е одамна надминато во другите сфери на нашево живеење и егзистирање. На пример, дали некој од занаетчиите, односно од услужните дејности ќе ја заврши својата работа без да ја наплати? Знаете ли колку жестоко, со сите можни средства се борат и изборуваат композиторите на забавните музички сочиненија, за „дебело“ да си го наплатат трудот и авторството? Настрана што е тоа најчесто плагијат или „поткрепено“ со позајмени „парчиња“.

Од друга страна, самите издавачи не покажуваат таков ентузијазам, туку од пласманот на своите изданија очекуваат да ги наплатат барем своите материјални трошоци и да ги обезбедат платите на своите вработени. Се разбира, некои успеваат во тоа, па дури и нешто да им остане плус, но за себе, а не за авторите.

Кога веќе не е можно плаќање на трудот и делото, зошто немаме бесплатни изданија?

Еден писател со години го работи своето дело, бдее над него, го создава и пресоздава, за конечно да го објави и да му се вреднува. А ниту тој може да си го одбрани, ниту други (издавачите се први) го бранат неговиот авторски, неговиот творечки дигнитет.

Зошто објавувате книги, господа писатели? Можат ли издавачите без вас? Сѐ уште не сте научиле дека можете сами да си ги издавате, и тоа без речиси никакви трошоци (на пример на сопствен блог на Интернет)? Па дури и со некое рекламче или спонзорче колку-толку да си го наплатите трудот! Немате поим колку е големо тоа задоволство. Само пробајте!

3. Транспарентноста и јавноста

Една од постојаните забелешки и на домашниот и на странскиот „фактор“, најнепосредно поврзана со демократското владеење, слободата и независноста на граѓанинот во развиено плурално општество, е (не)транспарентноста во работата и дејствувањето; од најниско до највисоко ниво, на сите релевантни „органи и тела“. Се разбира, најпрвин транспарентност во однос на почитувањето на јавноста, на нејзиното критичко (па и критично) мислење. Притоа, забелешките се секогаш негативни (негативни оценки односно минуси кои се најнапред поврзани со рејтингот на власта и државата), а особено кога станува збор за подобрувањето на бизнис климата. Што, пак, зависи од позиционерско- опозиционерската „позиционираност“.

Стандардна практика: позицијата (власта) за опозицијата не е транспарентна, а опозицијата станува нетранспарентна штом ќе ја освои власта. Следствено: (не)транспарентноста е најмногу врзана за власта односно владеењето.

Најважната релација: јавно владеење-јавна власт.

Најнапред: може ли да се владее тајно? Има ли тајна власт? Наивно прашање? Па, да. Зошто да не? Навлегуваме во сферата на шпекулациите? Сепак, не.

Со светот се владее тајно. Не е никаква тајна дека тајно владее бизнис-олигархијата организирана во посебни здруженија, лоби групи итн. (Дури и со Ватикан, па и со тероризмот-исламскиот посебно). Она што мора да се знае притоа, а очигледно не го знаат или недоволно го знаат мнозина наши стручњаци, промислувачи, аналитичари, политичари, е дека во и со светот се владее тајно преку јавна власт. Затоа што таа-власта според нејзината природа не може, ниту смее да биде тајна. Кога би било поинаку, како што е кај нас, тогаш нема демократска власт, значи избрана од народот, а нема ни јавност. И кога изборот е наместен тоа-местењето се прави што е можно потајно (би било најдобро воопшто да не се „почувствува“), а во одбрана на наводниот легалитет и легитимитет на избраните.

Се разбира, постоеле и постојат во светот тајни избори кои не се организираат-одвиваат јавно и не кореспондираат со демократијата и развиената демократска свест. Но, тоа е друга тема.

Јавната власт е според својата природа транспарентна. Дали нашата и сегашна, како и  досегашните, минатите е таква? Не била, не е и не може да биде судејќи според забелешките, а особено крајно негативните оценки на „меѓунарониот фактор“ (мошне релативен и невалиден термин за најсилниот односно најсилните). Од едноставна причина: во сите сегменти е партиска.

И така, следејќи ја логиката, дојдовме до круцијалниот проблем кога станува збор за транспарентноста, јавноста и  нивната меѓузависност. Дојдовме до одговорот на прашањето: зошто нетранспарентноста и непочитувањето на јавноста-јавното мислење (можеби е поточно да се каже манипулации со неа, шпекулации и криминални-коруптивни дејанија „зад неа“) се помеѓу главните причини поради кои оние што ја слушаат нашата „приказна“ не веруваат во нејзината успешност.

Една власт е природно нетранспарентна и не ја почитува јавноста (не може да биде поинаква) кога се поставува себеси (самата) партиски-коалициски, во нашите специфични услови и „рамковно“, од најниско до највисоко ниво. Се поставува себеси откако „генерално“ ќе ја добие власта в раце, односно ќа ја „присвои“ довербата на јавноста како електорат-гласачко тело. Така поставената власт владее тајно со помош на партиските послушници (еуфемизам: партиски припадници или блиски односно „симпатизери“) и партиските војници (во првите редови на „фронтот“ пред јавноста).

Треба ли конкретизација? Сметам дека нема потреба. Доволно е само да потсетам на најважниот предуслов за транспарентност и јавност во секое и сечие работење и дејствување (најчесто, со право или не проценете сами, се поврзуваат со чесноста): вистинскиот избор.

Ниту партиски, ниту позиционерско-опозиционерски, ниту „рамковно“ може да се владее со помош на или преку стручни, компетентни, авторитетни личности, со чест и достоинство, со „чисто“ минато односно со дела-творештво; со докажани, потврдени, афирмирани вредности и индивидуалност; независни, самостојни. Со еден збор: големи луѓе. Со кои никој не може да владее и да манипулира.

Можеме ли во догледно време да избереме, да добиеме такви луѓе односно таква-ваква власт: која нема да создава владеејќи, туку ќе владее создавајќи?

Во догледно време мошне тешко, мошне „трудно“.

4. Политички дилетанти и трабанти

Не е ништо ново ако кажам дека дилетантизмот воопшто кај нас е сеприсутен, одамна завладеал во сите сфери на нашето живеење. Дури, во меѓувреме, создал толку моќен одбранбен систем против стручноста, знаењето, компетенцијата и против вредностите, што секој обид да се поткопа или да се урне со силата на аргументите, однадвор или однатре, е однапред осуден на неуспех.

Тој е еден од основните, стожерните „хемиски елементи“ на времево и животот.

Секој чекор, секој обид да направиме, да создадеме нешто (средство, дело) што ќе нѐ легитимира во светот со сигурна перспектива, ни го (де)градираат оние кои се во „круговите над“ благодарение на полтронството и ступидноста што вешто ги користеле додека биле во „квадратите на круговите под“. Едновремено, одбегнувајќи да се најдат во „средината со“ за да не мораат никогаш да го минат Рубикон и да подвикнат „Alea jacta est!“.

Што сакам да кажам? Ќе докажам, но пред тоа за оние на кои им е потребно основното за дилетантот:

Тој е површен во струката, недоучен, без стручна подготовка, на пример обичен љубител на уметноста или на некоја вештина, а со цел исполнување на време (не-слободно); за разлика од аматерот кој е сличен на него, а сепак е чекор „понапред“ со тоа што неговото аматерско занимавање неретко е на повисоко ниво од она на професионалецот.

Дилетантизмот е занимавање со нешто од желба, љубов, а не професионално; нестручност, површност.

Да докажам:

Кога зборувам за дилентантот, не зборувам за него во пејоративна, иронична, туку напротив, во позитивна смисла; во рамките на статус кво ситуација. Наспроти вредносниот систем од кој токму тие и таквите бегаат како од ѓавол, та не се ни обидуваат да го постават (може во рок од 24 часа, па и помалку), а камо ли да дозволат некој друг да го постави и да го развива.

Што би правел дилетантот како позитивна личност во такви „околности“? Во кои, меѓу другото, би морал катадневно да се соочува со професионалците, стручњаците, и да мора да им се спротиставува со силата на аргументот, а не со аргументот на силата? А бидејќи, кога би можел не би бил тоа што е-дилетант, за да остане како што го третирам во контекстов-како позитивна личност би морал да стане аматер и да дјествува како таков-аматерски. Со шанса со време, учејќи, остручувајќи се, дури да го надмине професионалецот. Дури него, кого го имал за пример и углед, да го направи аматер.

Политичкиот дилетантизам најлесно може да се спореди со фудбалскиот. И едниот и другиот се на исто „ниво“, а тоа го потврдуваат со секој нов настап на домашен и на меѓународен терен.

Конкретно:

Експертите, стручњаците, аналитичарите постојано укажуваа дека сме далеку, предалеку од европеизацијата. Дека стандардите на секој план ни се далеку „под стандардни“, па не вреди „непоправливиот оптимизам“ наспроти нужната потреба од радикален рез преку ноќ. За конечно навистина да почнеме да создаваме, да градиме држава. Во ваква, карикатура од држава и светот нѐ гледа како карикатури. Особено нашите врвни политички дилетанти.

И политичарите и фудбалерите, како и многу други, во други сфери и професии, да беа барем аматери.

Што е со трабантите? Нив ги има неброено во секоја партија, и од позицијата и од опозицијата. Сите си се меѓусебе трабанти, а пред сѐ „верни и послушни придружници“ кои постојано живеат и се одржуваат, духовно или физички, во сенка на некој…

5. Помеѓу властодршците и властољупците

Дали е потребно објаснение на термините во насловот? Не знаете што се тоа властодршци и властољупци? Исти се? Може да се исти(те), ама може да се, а и поначесто се различни. Уште поначесто се на спротивни страни, како „лути“ противници.

Се разбира дека властодршците се и властољупци, ама ја држат власта в раце. А властољупците само како такви ја љубат, ама не ја држат. Може ја држеле некое време, но случајно или намерно им се испуштила или им ја зеле со помош на „довербата“ на гласачите, на избори (мислам на досегашната доверба, па затоа ја ставам во наводници). И бидејќи властодршците ептен ја љубат власта, ептен се навикнале во љубењето, се борат против вторите со сите сили. Најжестоко на парламентарни, помалку жестоко на претседателски, а досега најнежестоко на локални избори. Допрва и на нив најнајжестоко, а со оглед на перспективниот развој на локалната самоуправа кај нас.

Властољупците, пак, ги има два вида: првите се оние што ги спомнав-ја имале власта в раце, ја љубеле некое време, ама може од премногу љубење (може и од прељубење, па и силување) им се испуштила од раце или им ја (пре)зеле оти не се покажале како добри, искрени и способни љупци. Вторите властољупци ептен ја љубат власта, ама досега не им се укажала добра прилика или не им се дало, најточно не биле ербаплии да ја земат во свои раце и да покажат колку знаат и умеат да ја љубат.

Кај нас, во изминатиот период, на политичката сцена е навистина многу тешко да се разликуваат едните од другите. Некогаш изгледаат и како да се едно исто. Како да се во договор, како да се менуваат во љубењето на власта. А таа, пак, нека ми биде простено, веќе ми изгледа истрошена, малаксана од љубов (и секс). Како, пак нека ми биде простено, да е проститутка, како да се проституира. Кој ќе плати повеќе, нему му легнува. Ни трага од евентуална невиност, чистота, искреност! Да не спомнувам некаква вредност. Ги имала некогаш, макар една од тие доблести? Којзнае.

Јас лично досега не сум чул за власта, туку за политиката дека е, нека ми биде по третпат простено, курва односно ороспија. Велите што има да слушам, па таква се покажува и докажува на секој чекор? Но, дали вие знаете што мислите или што ми велите? Што сме ние со, односно под таква, курвинска-оросписка власт? А што се оние во неа? Сакате да ми кажете дека не треба ни да помислувам да влезам во неа, да станам дел од неа, оти со тоа и јас ќе станам…Затоа овие нашиве интелектуалци не сакаат да се ангажираат односно да се бојосаат политички? Хммм…

Туку, шегата настрана, да си кажам еден мој став што можам лесно да го одбранам:

На кои било избори во нашава земја (претседателски, парламентарни, локални) ќе се случува најголема, најжестока и најрешавачка битка на политичкиот фронт помеѓу властодршци и властољупци. Тешко е, всушност е веќе неверојатно дека на тој фронт помеѓу нив ќе „застанат“, како ни победени ни поразени некои „сервисограѓани“ кои конечно ќе ја прифатат личната одговорност за добиената доверба. Кои ќе му бидат горди и достоинствени, а не фрустрирани служители на народот. На жалост на сите, а особено на народот.

Е, сега, да не останам недоречен, да не оставам збунети со „сервисограѓани“:

Да, тоа е моја лична кованица. Ако не ви се допаѓа, можам само да жалам поради тоа оти во овој момент не ми текнува некоја поубава. Како ми текна баш таа? Ми се наметна сама по себе:

Бидејќи се знае дека модерната држава не е за одумирање (нема кој да ја одумре откако умре комунизмот), туку треба-мора да биде сервис на граѓаните, логички е оние во државата односно властодршците и властољупците да бидат граѓани-сервисери.

Не се такви? И јас мислам дека не се. Ниту се покажале, ниту можат допрва да ни се прикажуваат такви. Ич не ги бидува за глумци, на тој план се тотални антиталенти. Па токму затоа признавам и со мала разочараност и голема резигнација, поточно апатија тврдам дека помеѓу нив дефинитивно нема да „застанат“ други како такви. Особено со таква сила и моќ, а пред сѐ и над сѐ со политичко искуство (ербапство, мафијаштво или како сакате) што ќе им овозможи да станат служители на народот.

Напомена во врска со последново-„служители“:

Намерно го употребив наместо „слуги“ оти такви (слуги) нема во модерни држави. Има во „старовремски“-буржоаски, монархиски и др. Сигурен сум дека ја знаете разликата помеѓу служење и слугување. Народот второво никогаш не го сакал.