ТЕКОВИ, раскази/ескизи, 76

Потребно време за читање: 2 минути

76. Конечно фати бестрага

Се разбра дека конечно фати бестрага. Сите разбраа, и старо и младо. Конечно бидејќи долго, со години наназад се спремаше за таа бестрага, од самиот него назначена како последна животна цел. Бестрага цел?! Не, не е за чудење, ниту за какво-годе изненадување. Според негово сфаќање, кога човек ќе се почувствува премален дотолку што да не може да направи ни чекор-два напред, а повеќе не може ни да стои во место, единствено кон каде што може да тргне и да стаса пред да издиши смртно е бестрага. Има и многу друго, ама е тоа прво. Не мора, но обично трга сам, сам фаќа бестрага и до кај ќе стаса стасал на целта.

Спремањето му беше долготрајно, детално смислено, во најголема мера макотрпно. Не повеќе од она што можеше да го носи сам како товар на плеќи, сè до трошење на последно, трошка ли е, капка ли е, семе ли е; до последна употреба или до толкава излитеност што да не може ни да се прикрпи ни да се крпи: вода, брашно, сол, масло, маст, сушено месо, овча кожинка, разен зарзават, китки разни лечебни тревки; неколку пара волнени чорапи, шал, капа, две ленени кошули, неколку пара памучни гаќи со и без ногавици, гуна, чоено палто и чоени пантолони, бечви, длабоки и плитки чевли; кибрити, неколку кожени ремени, голем нож со две сечила, кама, чакија, наган, пушка; сунѓересто легло со зглавје. Спремање му беше и издржувачко искачување по тесна врвица до некој врв, одење со забавен чекор до некој извор во шума и минување на пустелија од почеток до крај гладен и жеден. Спремање му беше и распознавање на пој на секакви птици, шумно движење и ревење на секакви животни, како и навестувачките знаци на времиња и невремиња. Секако и долго премислување за што-годе, како и гласно зборење сам со себе.

Конечнио фати бестрага. Стана пред изгрејсонце, се изми со канта вода од бунарот во дворот на куќарката на крајот од градот, ги размрда коските и мускулите со неколку вообичаени вежби, се облече и го натовари багажот на плеќи. Сонцето штотуку почна да изгрева кога се сврте0 кон куќарката за последен пат, ѝ рече „Збогум“, излезе низ дрвената капија и тргна.

Брзо се разбра зошто фати бестрага:

Веќе неколку години на ред никако не го погодува времето за сè според редот; како што било, како што го научила природата според годишните доба. Веќе ништо не прави совреме, кога треба, та неговите пет ари земја долу до рекичката веќе ништо не раѓа, со ништо не го наранува. Си докажа на себеси дека за мешањето на годишните доба најмногу е виновно ветриштето кое ненадејно и со денови и ноќи навалува од север. Ем силно ем студно.

Од ден на ден и од ноќ во ноќ снагата му премалува сè повеќе, дури почнаа да му ја обессилуваат секакви болештини. Се брани од нив со сал нему знајни мешавини од лечебни билки, ама од некои од нив веќе не може да се одбрани. Ги чувствува, како да му се прилепени, како да му се прикриени во крвта. Забележува сè повеќе и поголеми грутки на вените на нозете.

Сите разбраа, и старо и младо, зошто најмногу решил: чувствува, слуша и гледа дека веќе никому не му е потребен.

Тој фати бестрага и веќе го нема.