48. Врвица до него
Единствена негова врвица
води до живото постоење
на достојание со дела
помеѓу земја и небо.
Кој одел по неа често
запаметил дека е стрмна,
дека се извива змиулесто
кон догледен доблесен врв
кој не може облак
ниеден, никаков, од нигде
да го покрие,
та да го прикаже
подалечен отколку што
се чини оддалеку.
Кој одел по неговата
единствена врвица
знае дека има знаци
крај неа, лево и десно
како негови трајни дела
од глина, камен, дрво
и корени на виделина,
кои треба да се следат
доколку се сака
заедно со него да се најде
на место кое ги докажува
слободата и самобитноста.
Мора да се докаже дека
неговата врвица не е иста
како до живо постоење
на кој било друг творец,
извишен дури бил жив
меѓу стварност и заумност.
Се разбира дека е тоа
лесно докажливо
ако се има предвид
колку е тој тој за паметење
со секој знак
како негови трајни дела
од глина, камен, дрво
и корени на виделина.