СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, поглавје 61

Потребно време за читање: 2 минути

61. Систем

Како интелектуалец, поточно мислечка и творечка-градителска личност, Пламен е секогаш подготвен да промислува и расправа со пријатели и познајници за во овој момент најактуелната тема непосредно и посредно поврзана со опстанокот на Македонија како држава на народ и малцинства: функционалноста на системот. Во последно време таа му се наметнува сè повеќе, во сета своја комплексност. Има разработено кредо, поставено на Интернет како концепт, со точки и потточки, кое постојано го надополнува со нови сознанија и стојалишта:

1. Темелна функционалност на државата (со трите нивоа на власт-законодавна, извршна и судска) и општеството:

а) слобода-освојување и постојана одбрана; политичка слобода

б) демократија-владеење

в) правда-добивање на заслужено (концепти на морална исправност засновани на етика, рационалност, закон, религија, еднаквост и правичност).

2. Држава на народ и малцинства и држава на нација и етноси (Македонија држава на народ и малцинства).

4. Граѓанско општество и слоеви на граѓанство

Клучно за слободата:

-слободата како вредност

-јавен и приватен живот; власт и ускратување на слободи;

-слобода на дејствување-контрола врз сопствениот живот и осознавање на животните цели (акцент на позитивната слобода поврзана со колективитети и негативната слобода како поединечна).

Клучно за демократијата:

-владеење на народот кое се врши од него или преку негови извршни претставници (слободен изборен систем);

-облик на владеење во кое државните одлуки се спроведуваат директно или индиректно од страна на мнозинството на граѓаните преку праведен изборен процес.

Клучно за правдата:

-акцент на социјалната правда-праведен однос меѓу поединците и нивното општество (привилегии, можности и богатство распределени меѓу нив);

-слобода и еднаквост, еднаквост пред законот, изрекување казни (преуда или судење) и цели.

Веќе има солидни теоретски познавања кога е збор за историскиот континуитет на одделните точки во поставеново кредо. Но, во дискусиите одбегнува да ги изнесува затоа што смета дека сè уште има многу „празнини“, а имајќи ја предвид пред сè актуелната состојба во Македонија, загрозениот идентитет на исконскиот македонски народ, неговиот сегашен и иден опстанок.