ДОСТОЈАНИЕ НА ИЗВИШЕН ТВОРЕЦ, 42

Потребно време за читање: < 1 минута

42. Пламено

Брзо и лесно пламнува,
а потоа пламено се шири
не мислејќи кога и каде
да запре, да почини;
кога да остави од него
недопрено
или каде да создаде
круг пламен
во кој мисла и збор
дури е жив
нема да му угаснат.

Неговата љубима го сака
пламено,
особено кога го гледа
ѕвезден на ѕвездено небо
до рано утро;
како создава нивен свет
во кој пред изгрејсонце
заедно ќе се ѕвездосаат
ѕвездолики.

Уште неретко пламено
е осамен
без својата љубима,
уште
меѓу раѓање, будење, сон
и лунѕање молчаливо
пламено бара нежност,
бара спокојно да мине
низ нови предели
на својата постојаност.

Некогаш му иде пламено
да ѝ запее песна лекокрила
што ќе ги одлета далеку
нивните голи снаги
толку далеку што да нема
никој нигде никогаш
да ги препознае
како птици кои скрито
свиваат свое гнездо
за рожба пламенена.