53. Тактична
Бисера насетува нервоза, па и лутина во гласот на Пламен кога ѝ одговара дека баш би сакал да слушне што открила и како ја доживеала посетата на петте екосистеми низ Северна Америка „собрани“ во Biodôme, „куќата на животот“, во центарот на Монтреал, а кој е дел од „Просторот за живот“ во кој спаѓаат и Ботаничката градина со природната флора и фауна, тематските оранжерии, Инсектариумот, планетариумот Rio Tinto Alcan и Олимпискиот стадион.
-Многу сум љубопитен. Беше таму со твоите двајца најдобри пријатели, нели?
-Не бев со нив. Жан Кадре како член на виолински квартет е на тринеделна турнеја низ неговата Франција, а Сем Пери е во Торонто кај што отвори изложба на која го изложува својот најнов циклус асптрактни слики на тема „Очите на тишината“. Бев со Грозданови.
Го излажа, но успеа тоа да го „сокрие“ на своето лице. Обајцата беа во Монтреал, со нив е речиси секоја ноќ во страсни сексуални игри; едно ново занесно уживање, огнено трошење на телото. Се разбира дека тоа ја оптоварува, бидејќи досега никогаш немало што било меѓусебно сокриено, тајно меѓу нив, особено кога е збор за личното и заедничкото интимно време односно раздвоеноста на љубовта и сексот. Овојпат по малку се плаши од неговата реакција, а пред сè со оглед на самотното сопатништво. Не излажа дека „водичи“ ѝ беа Грозданови, Тодор и Стојанка.
Се префрли на „темата“:
-Пред да заминам за Монтреал, заедно многу прочитавме и разбравме за Biodome. Но, „живите“ сознанија и доживувања се многу поинакви. Лично за мене можеби највозбудливите од сè што досега посетив и видов во Монтреал.
Тропската шума е како секоја друга, со бујна вегетација и влажна и топла клима. Laurentian Maple Forest, јаворовата шума е дом на дабровите, видрите и рисовите. Заливот на Свети Ловро е „полн“ со два ипол милиони литри „морска вода“ која се „произведува“ на самото место. Лабрадорскиот брег е субарктичка зона на карпест брег, без вегетацијa. А Суб-Антарктичките острови се всушност вулкански предел со температура помеѓу два и пет степени Целзиусови и во кој живеат четири вида пингвини.
Грозданови знаат многу занимливости директно и индиректно поврзани со Biodôme, а и јас прочитав на Интернет. На пример:
–зградата ја дизајнирал францускиот архитект Roger Taillibert како место на велосипедска трка за Олимписките игри во Монтреал, а е отворена како „куќа на животот“ во 1992. година;
–растенијата во Тропската шума никогаш не мораат да бидат отстранети затоа што се саморегулирачки; стеблата се кројат три или четири пати годишно за да не бидат потиснати низ стаклениот покрив;
–Biodôme и натаму е единствено место на светот за репродукција на циклусите на годишните доба во затворен простор;
–до четири илјади животни секојдневно се хранат со диети, вклучително месо, овошје, зеленчук во мали стапчиња или големи парчиња, свежо сирење, јајца и риба;
-сите карпи, како и џиновските дрвја кои го држат стаклениот покрив во тропската шума се изработени рачно, од бетон и стаклопластика.
Пламен:
-Видна е твојата одушевеност од Biodôme. Ако имам предвид и сè претходно што си ми раскажала и напишала за Монтреал, ти како да си решена да не го напушташ. И оти твојата дилема, како и потребата од време за заедно да решиме, е всушност само одлагање да ја искажеш одлучноста да останеш. Значи, спрема мене и спрема децата, па и спрема Славка не си баш искрена.
Бисера воздржано лута:
–А јас мислам дека меѓусебно почнавме да се оддалечуваме, како сопатници да стануваме сè посамотни…Да го завршиме разговоров. Не ми е пријатен зашто не сум подготвена да се објаснувам себеси, ниту да ја оправдувам мојава моментна состојба…Јас се обидувам да ти го доближам Монтреал, колку е животот во него поинаков отколку во Скопје, богат, разновиден, квалитетен, опуштен, спокоен, над сè со многу можности за личен напредок и соживот, а ти…
И Пламен со воздржана лутина во гласот:
–Сето тоа е в ред, и сум ти благодарен. Но, зошто стануваш нетактична?! Уште ако речам дека се чувствувам како изневерен…
Бисера пламнува:
–А ти мислиш дека не го гледам тоа на твоето лице и не го слушам меѓу твоите зборови? Ти пречат моите пријатели Жан и Сем, нели? Мислиш дека сум во сексуална врска со нив…групен секс!?…Мисли! Твое право!
Пламен смирувачки:
–Првпат те слушам и те гледам ваква!…Мислев дека тоа меѓу нас е одамна надминато…Лична слобода…Љубовта е над сè…
Бисера по молчење со вкочанет поглед:
–Крај на разговоров! Ќе се чуеме утре или ќе ти пратам SMS порака.
Нервозно го гасне мобилниот.