31. Едниот од двата проекта на Пламен
Се разбира, за Пламен, а и за „неговата“ компанија во Бирмингем, „паметната“ зграда, како и „паметниот“ станбен комплекс не се нешто ново, најмалку иновативно. И нему, како на секој „напреден“ архитект, кој ревносно ги следи состојбите и процесите, конкретно модерните трендови во архитектурата, му е одамна познато дека тоа „градежништво“ станува сè поинтензивно, а во развиениот свет и сè „пообично“. Веќе се конкретизираат, почната е реализација и на таканаречени смарт градови. Лично нему повеќе години наназад, ако не и цела деценија пред да се изгради првата „паметна“ зграда на Балканот-објектот Б2 во Белград, Србија, во 2008. година, со имплементација на тогаш најновата технологија на интегрирање на услуги во единствен систем, му беше познато апсолутно сè, до последен детал. На неколку наврати и ја посети и детално се запозна со нејзината „памет“: комплекс на околу 25.000 метри квадратни кој содржи шопинг мол, станови, деловен простор и четири подземни катови за паркинг.
Се обиде дома, во Македонија да убеди „надлежни“ дека тоа е иднината на натамошната градежна експанзија на македонските градови, а не грижата за обезбедување живот „во четири ѕида“. Но, не успеа да им го „продаде“, да го реализира. Најпрвин се соочи со елементарно непознавање на суштината на „паметната“ зграда: со користење на материјали и систем да се постигне што помала потрошувачка на енергија, што поедноставно да се ракува со сите содржини и таа да се прилагодува на моментните активности, расположението, навиките и животниот стил на секој нејзин станар; од осветлувањето, електропотрошувачите, термодинамиката, контролата на пристапот и присуството во просториите, безбедносните системи, па сè до автоматско прилагодување на лифтовите, вратите, прозорците, тендите, жалузините, ролетните…Со други зборови, во таквата зграда сè е автоматизирано, а клучни се заштедата и квалитетот на животот.
Во меѓувреме се запозна и со СмартБит концептот на вградување и интеграција на различни технологии во станбените објекти, односно дигитализација и поврзување на сите процеси и дејствија на модерното колективно живеење; автоматизација и далечинско управување со осветлувањето, греењето, климатизацијата, безбедноста. Очекувано, во својот проект се потпре токму на СмартБит системот бидејќи тој најнапред подразбира контролирање со една централна единица и домашна мрежа преку универзалниот далечински контролер Magic Cube кој овозможува управување со повеќе од 8.000 уреди.
Во SMS порака на Бисера ѝ напиша:
„Во мојата компанија овде во Бирмингем мојот проект сигурно немаше да помине само со она што е веќе вообичаено во светот на „паметните“ згради и станбените комплекси, што се смета за „нормална“ содржина. Мислам на големите зелени тераси, покрив со дрвја и растенија, обновливи системи на енергија, простор за забава, библиотека, кафуле и кафеана, мини кино, спа и фитнес центар, базен, градинка за најмалите, аптека и маркет; како и на 12-те критериуми за висока употребна вредност: издвојување на децата според пол, на децата и родителите, простории за личен и заеднички живот, можност за собирање на семејството и формирање на таканаречена „кружна врска“, потоа „проширена комуникација“ и непречен прием на гости, дневна соба, издвоена работна кујна, гардеробери и шпајз, отворени површини и слично.
Велам, проектот немаше да ми помине ако архитектонски не го „разрешив“ главниот проблем на модерната живеачка во мегалополисите, а за кои долго расправавме и донесовме заеднички одлуки: секојдневна наспоредна и хармонична живеачка на човекот и природата во „паметната“ зграда. Да, се согласивме дека таа се подразбира како „содржина“ на сè досега познато и вградено во неа, но е неспорна, и еве се докажа оригиналноста на моето односно нашето решение: во нејзината околина, но и во неа како дел од живеалиштето природата да биде „видлива“, просто секогаш да му биде „при рака“ на секој жител индивидуално, а едновремено да ги задоволува колективните потреби како дел од „природноста“. Можам да речам дека дури со восхит ги прифатија малите стакленици како дел од секоја станбена единица, паркот со цветна, овошна и мини зоолошка градина, како и водоскоците и водопадите среде густа разновидна шума“.