37. Еден средовечен политичар за сексот и политиката
На улица новинарот Јосиф Зораноски разговара со средовечниот политичар Симеон Ристоски за сексот и политиката. Разговорот почнува откако Ристовски се согласува:
-Да разговараме за сексот и политиката? Зошто да не? Нема проблем. Прашајте сè што Ве интересира во врска со таа проблематика.
Зораноски прашува, а Ристоски одговара без многу размислување, како од пушка:
-Имаат ли врска сексот и политиката?
-Како да не! И тоа не една. Може да се рече дека се повеќе врски, и плитки и длабоки. Сакам да речам и површни односно лабилни и темелни односно мошне стабилни.
-Што се случува со сексот во политиката и политиката во сексот?
-Морам да признам дека тоа е круцијално и мошне комплексно прашање. Би рекол, суштествено за кариерата на секој политичар, но и во најширока смисла за внатрешната и надворешната политика на власта односно државата. Следствено, тоа бара и повеќе време за одговор, но јас ќе се обидам да одговорам најкусо што можам. Имено, со сексот во политиката се случуваат многу нешта. Исто и на политиката во сексот. Сексот во политиката обично се одвива долгорочно, а политиката во сексот се остварува претежно краткорочно односно на дневна и ноќна основа. Исто е и во домашни и во меѓународни рамки.
-Сакате да кажете дека тие се неразделни односно се надополнуваат?
-Сакам да кажам дека сексот не може без политика исто како што политиката не може без секс.
-Ама морам да забележам дека таа плитка и длабока врска не е баш транспарентна.
-Да, добро сте забележале. Поинаку и не може да биде ако се знае дека транспарентниот секс се сведува на ќе речам швалерство за да не бидам вулгарен и да речам курвалак, а транспарентната политика на ќе речам голо пенетрирање однапред и одзади за да не бидам вулгарен и да речам голо онадење на едни со други, едни за други и едни преку други.
-Морам да признам дека ова многу не го разбирам, но како и да е. Воопшто не ја спомнавте врската меѓу сексот и политиката во контекст на политичката кариера. Особено кога станува збор за политичар на средни години како што сте Вие.
-Ако мислите на моето досегашно лично искуство, можам да речам дека за мене сексот нема никаква улога во мојата политика, а особено во правењето политичка кариера. За мене сексот е секс, а политиката политика.
-И задоволен сте од постигнатото како политичар?
-Пред мене е уште долг и трнлив политички пат. Кој исто така нема никаква врска со сексот кога сум јас во прашање.
-Простете, но мислам дека не сте баш искрен. Ако се има предвид ноторниот факт дека политиката е курва…
-Да, се согласувам, тоа е ноторен факт, ама е многу простачко. Ноторен факт е и дека политиката е умеење и вештина на владеење, особено кога е државничка.
-Еден голем мислител рекол и дека политиката е вештина да се лаже во вистински час.
-Така е, ама сексот притоа не мора да биде ни пред ни при, а ни по лажењето.
-Можам ли да заклучам дека според Вас врската меѓу сексот и политиката е нормална денес, што значи дека кај нас е вообичаена на сите политички нивоа?
-Со додавка од мене дека доколку доминира сексот, како што е случај на некои повисоки нивоа кај нас, тогаш станува збор не за политика, туку за политикантство.
-Многу Ви благодарам на одговорите на моите прашања.
-Ми беше чест што ги побаравте баш од мене. Се надевам дека сте задоволни. Би сакал уште да го додадам и истакнам следново: кога сексот се прикажува како политика тој е повеќе рутинерски, а кога политиката се докажува како секс таа е прилично нечиста.
Новинарот Јосиф Зораноски и средовечниот политичар Симеон Ристоски се поздравија срдечно и се замешаа во луѓето.