42. Убедувањето-убеденоста
Убедувањето за што било е пред сѐ долготраен процес, акција или дејствување. Тоа не може да се постигне за кратко време (денови, недели), а особено не кога е вербално.
Кога е во прашање процес, има утврден, проверен тек на „нештата“: најнапред се поставува крајната цел, потоа целите на „меѓуфазите“, па стратегијата и тактиката, средствата (зборовите-јазикот-стилот) и изборот на убедувачите.
Во акцијата ги нема „меѓуфазите“, па и конечната цел не мора да биде најпрецизно дефинирана.Таа по правило трае одреден, детерминиран временски период. Притоа, бројот на убедувачите е многу помал отколку при процесот. Што се однесува, пак, на дејствувањето, тоа е најчесто краткоротчно и „монофазно“.
Убеденоста е всушност целта кон која се насочува процесот, акцијата, дејствувањето. Основно е дека таа е претходно утврдена, резултат на претходно убедување. Кога е таа во прашање, убедувачите прават не мала грешка: се трудат да ја разводнат. Па наместо убедувачки процес, го применуваат разубедувањето. Се разбира, тоа е можно само ако убеденоста не е цврсто „фундирана“.
Одамна е потврдено дека убедувањето е многу пофлексибилно и поефикасно отколку разубедувањето. Затоа е секогаш подобро да убедуваш отколку да разубедуваш.
Убеденоста сама по себе претставува успех на убедувањето.
Нормално, ако сте однапред убедени, нема потреба да ве убедуваат. Залудно е. А можеби и не е, доколку постапат „според редот“ со вас: најнапред да ве разубедат во она во што сте се убедиле, а потоа да почнат да ве убедуваат во друго, конкретно во нивното. Но што ако не успеат ниту во едното, ниту во другото?
Во однос на убедувањето и убеденоста има еден „трет елемент“ на кој најмногу се насочува енергијата, а особено кога се работи за крупни „залаци“, како на пример освојување на власта: неопределеноста. Конкретно: привлекувањето на неопределените.
Треба да се има предвид дека и таа-неопределеноста е убеденост, а не нешто помеѓу. Многумина убедувачи не го знаат тоа, не го научиле, па наместо убедување применуваат разубедување. И, се разбира, резултатот е лесно предвидлив, се знае однапред: убедуваните остануваат неопределени (не неубедени).
Неопределеноста за која било понудена опција не значи ништо друго, освен убеденост дека ниедна од нив не е вистинската или доволно убедителна.
Претходниве мали нафрлоци за убедувањето, убеденоста и неопределеноста беа нужни за да го поставам следново мошне важно прашање:
Дали ве убедуваа(т) правилно и доволно за да бидете од убедените или, пак, сте односно останувате убедени во она што сте биле досега?
Нужно е да одговорат особено неопределените. Во името на личната слобода, пред сѐ.