БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 4 минути

49. Манипулацијата

Онаа во значење на ракување или употреба со предмети или стока е секојдневна, дел од севкупноста на животот во егзистенцијална смисла, па не е особено интересна за разглед.

Кога е збор за егзистеницијата на личноста, конкретно за нејзиниот опстој во едно опкружување, во општеството воопшто, од особено значење е онаа што подразбира постапка на нејзино потчинување на одреден вид интерес. Учените ја дефинираат како модел на однесување обележан со обиди за запирање или криење на релевантни информации, а притоа да се користат неточни податоци, искривени факти, лажни интерпретации и, можеби најважно, вешто подметнување за создавање лажен впечаток со што ќе се оствари контрола над рецепиентот. Со други зборови, тоа е модел на однесување во кој некој ги користи меѓучовечките односи за нешто да прикрие или за да добие одредена информација, да освои нечија наклонетост или стекне корист за себе.

Психолозите ја истакнуваат тн. емотивна уцена како едно од најмоќните средства на манипулација. Ја нарекуваат уште „рекет на чувствувања“ која на манипулираниот му дава лажно чувство на заштитеност. Слична на неа е самосожалувањето. Имено, беспомошноста и улогата на жртва предизвикуваат емпатија, а што е мошне „подобен“ терен за манипулација. Се изделува и манипулацијата низ комуникација.

Треба да се има предвид фактот дека најчесто со манипулација се користат луѓе кои имаат ниска самодоверба, кои се „базично незадоволни“, патат од чувство на вина, комплекси, сакаат да сокријат став или несигурност.

Лично, не дозволувам никој да манипулира со мене. Да си игра, да се поигрува, да ме употреби за свои, лични интереси, да ме злоупотреби за туѓи, мрачни цели.

А кој дозволува? Се знае кој: само оној што манипулирал во минатото или манипулира денес со други. Си игра со чесноста, скромноста, искреноста, достоинството на друг. Се поигрува со надевањето на оние што веќе изгубиле нешто премногу блиско или премногу вредно. Го употребува за свои, лични интереси, за нешто што е неможно да го направи сам, не може да го достигне само со лични сили и средства. Го злоупотребува зашто се плаши дека може да биде поразен до ништожност во остварувањето на преголема, нереална, болна амбиција.

Ти дозволуваш? Тоа е твој проблем, но и проблем на оние со тебе и околу тебе. Зашто по тебе тие ќе дојдат на ред. Зашто ве врзуваат многу заеднички нешта кои оној што те манипулира лесно ги открива, осознава, па лесно ќе ги употреби или злоупотреби. Зашто ти веруваат кога ги убедуваш дека тебе никој не може да те манипулира.

Од кога и од каде толку големата потреба за манипулација, толку раширеното манипулирање и на оние на позиција и на оние во опозиција? Се разбира дека не е од вчера, ниту од завчера, туку од многу одамна. Уште од кога интересот им е modus vivendi на оние што немаат свои, па постојано посегаат и одземаат, освојуваат туѓи вредности. Или, пак, не се свесни за сопствените, па не ги негуваат, не ги надградуваат, не ги досоздаваат.

Јас сум писател и во моето дејствување сум поразил многу обиди на други писатели, писателски кругови, друштва, здруженија, кланови да манипулираат со мојата искреност, доверба, чесност, алтруизам. А пред сѐ и над сѐ со моите дела и моето создавање. Можеби навреме, можеби предоцна во однос на последиците, но најважно дека сум успеал да ги поразам. Се разбира, некои успеале да ме „подзанишаат“ со своите злоупотреби или злонамери. Поради нив сум отстапувал, сум се повлекувал, оставајќи да уживаат во успесите, во благодатите од позициите што ги стекнале и признанијата што ги добиле. Затоа што не сум им пречел, ниту ги попречувале такви како мене. Признавам, нивен најголем успех е мојот „доброволен“ речиси дводецениски „издавачки“ замолк (без наводници: необјава на ништо од моето творештво-ниту како книга, ниту во книжевната периодика).

Од каде почнува манипулирањето? Секогаш од некаде, неретко од секаде. Та е од тешко потешко да се одбраниш, да останеш свој на своето, до крајот на патот по кој решително чекориш. Да не потклекнеш особено пред оние што со задоволство би те виделе како коленичиш.

Што знам за масовната манипулација? Знам многу, ама најпрво дека е таа најопасна. Пред сѐ политичката, на политичките партии и политичарите-политиканти. Со лековерните, несозреаните и недозреаните, неучените и недоучените, заслепените и ослепените. Лично, таа ме плаши најмногу.

На пример кога гледам масовни протести на такви, кога гледам и слушам дека не знаат зошто протестираат, а се закануваат.

Во контекстов или „близу“ до него:

Одвреме-навреме (не баш често) во сандачето (Inbox) на мојот FB профил добивам пораки, искази-мислења, ставови, реакции на мои творечки објави или статуси. Некои заслужуваат да се „извлечат“ и да се „спасат“ од заборавање-архивирање.

Исказ на еден писател, почитувач на моето творештво, со кого не сум се видел, не сум се сретнал повеќе од три децении (ја почитувам „приватноста“ на обраќање во Inbox-от, па нема да го именувам; мислам дека нема ни потреба):

„Со твоето враќање на македонската книжевна сцена, со твоето тековно творештво и континуираната објава на социјалните мрежи, ти пријателе предизвика вистински потреси и голема нелагода во книжевните кругови! Многу нешта неминово радикално ќе се менуваат, а пред сѐ во односот спрема тебе и твоите дела. Толку обемно и разновидно творештво подготвено за објава и тековно, во настанување-романи, раскази, поетски студии, песни, двостишија, проблесоци во мислата…

Да, за многумина неверојатно. Зачудувачка, несфатлива творечка енергија. Врвно творештво, со посебно, бележито место во светската литература, да! А од друга страна….

По цели 17 години, од објавата на поетската студија „Генерика“, која дури сега се открива, многумина дури сега се запознаваат со неа, а за многумина останува сѐ уште непозната, загадочна, ја објави стихозбирката „Безбели, на небо ветер фрла длабок здив“ и прва книга од „Проблесоци во мислата“. И тоа како самиздат, под логото на Здружението на писатели „Манускрипт“-првата само во 15 примероци, втората во 50 (како што стои во нив)!

Што е ова? Што се случува? Уште колку ќе чекаме на вистинска објава на твоето творештво? На пример, зошто не наеднаш 10 нови книги?

Зарем за тоа не е доволна причина што имаш буквално илјадници фанови, твои приврзаници, читачи, проследувачи, почитувачи на социјалните мрежи, на твоите фан страници? Зарем за издавачите не се доволен предизвик мислењата дека си ти „великан“, „величина“, „маестро“, „мајстор на уметничкиот збор?

Знам, сметаш дека не ти се годините за особено „експонирање“, за посебно внимание спрема тебе. Веќе прочитав што ти е најважно: да дооформиш колку е можно повеќе дела за објава и да создадеш уште понекое ново. Ама е недозволиво и штетно за македонската книжевност твое натамошно премолчување, одмолчување и маргинализирање“.

Јас за исказов само велам: претерувања!

Меѓутоа, кога на тема објава, признавање, премолчување, одмолчување и маргинализирање на моето творештво би си пишувал сам на себеси-за себеси(!), овој исказ секако би бил многу, ако не и целосно поинаков.

Најнапред, затоа што „не сум од вчера“, па знам дека македонските книжевни кругови со години на ред дејствуваат речиси мафијашки. И е дури непожелно да се „пробиваат“, да се влегува во нив. Зашто би било нужно „прилагодување“, да се „игра“ како што се „свири“ во нив. А од нив признавање, внимание, објава не ќе е баш „пожелно“. Би било дури дегутантно.

Можам уште многу да (до)кажувам, но ќе биде одвишно, излишно и…секако залудно.

Leave the first comment