БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

66. Јас книжевник за нескротливата творечка енергија.
Не му е првпат

Секој има некои карактерни особини што ближните и опкружувањето или не ги прифаќаат оти не ги разбираат, на кои се обидуваат да им се спротивстават, нивното влијание и дејство да не го поремети меѓусебниот однос, или, пак, успеваат со голема воздршка и трпение да им се прилагодат, дури да ги пренебрегнат. На пример, упорноста односно настојчивоста која се изедначува со посветеноста, а многу често се престорува во тврдокорност. Не знам дали грешам или не, но мислам дека таа им е својствена најмногу на творечките и мислечките личности.

Јас како творечка и мислечка личност, не само книжевник-поет, прозаист, мислител, афористичар и сатиричар, сум ја покажувал и докажувал упорноста уште како дете-во игра, во најрана младост-во приврзаноста и сакањето, во зрелото доба-во љубовта, професијата и самоедукацијата („голтање“ на една книга дневно, особено дела од теоријата на книжевноста, филозофијата, естетиката и комуникологијата) и ден-денес-во истражувањето на древните цивилизации (пред сѐ македонската). И тоа со иста силина, без оглед на последиците.

Сегашнава, во третово доба, во најголема мера ми е поврзана со нескротливата творечка енергија. Која неретко сосем ме премалува, па сѐ почесто си давам оддив.

Ја прекопувам, ја превртувам земјата околу семејната куќа (во планина, високо над градот), ги уредувам дворот, тревникот, овошната градина („цветниот дел“ е грижа на мојата друшка). Со нескриена радост, па и восхит со часови го гледам растењето, извишувањето на малечката шума со павловнии-брзорастечки дрвја со големи листови, кои растат со неверојатно брзина. Насадив двесте и педесет, мошне густо-на раздалеченост од еден метар во ред и меѓуредно, што е апсолутно „нестандардно“ но со јасна цел. Сега нестрпливо чекам да пораснат над десет метри и веќе на пролет да почнам да ги разретчувам, меѓу нив да направам патеки и дрвени клупи за пладнување.

Мојата упорност односно настојчивост, изедначена со посветеноста и нескротливата творечка енергија, со години наназад и сега за многумина ближни, пријатели и познајници е несфатлива, просто неверојатна. Еден од нив подолго време бара да му ја објаснам, особено оти не „произведува“ никаква материјално-финансиска добивка, а јас одбивам прилично неубедливо:

-Немам објаснение. Немам никаква добивка од неа? А задоволството? А премалувањето во моиве години?

Leave the first comment