83. Неразбирање-Недоразбирање
Не знам за други, ниту ме засега, но за себеси знам: 24 часа се толку многу време што човек може смислено да се посвети доволно и на работа, создавање, дејствување, и на одмор, но никако не на безделничење-оти е тоа залудно (по)трошено време. А целосно само за создавање-творештво? Може, ама е само по себе истоштувачко, може дури опасно по здравјето и животот на творецот. Да, знам, затоа предупредив: и Бог го создавал светот шест дена, а седмиот одморал.
Зошто едновремено „двоен“ наслов на мојава писателска белешка-„Неразбирање“ и „Недоразбирање“? Едоставно, затоа што станува збор и за едното и за другото кога се поставува едно прашање од не мало значење за писателот, за неговото творештво и неговиот статус (писателски и општествен): да се пишува/создава/твори многу или малку?
Можеби е прашањето излишно? Да не се однесува тоа единствено на објавувањето, а што, пак, нема баш никаква врска со творечкиот континуитет (за него подолу како суштествен и во однос на прашањево). Ако е, тогаш на која и каква објава се мисли?
Прашањето пред сите прашања е:
Колку е многу, колку малку, а колку доволно за според тоа да се признава или не признава, почитува или омаловажува творештвото на еден писател?
На пример, познат е „случајот“ со францускиот писател Виктор Иго и нобеловецот Клод Симон. Симон рекол дека не го чита Иго зашто: „Кај него има генијални места, но немам трпение да ги барам тие места“. Поентата е дека несомнено големиот Иго грешел што пишувал премногу.
Во врска со прашањево прочитав едно убедување кое е мошне дискутабилно, но сепак го приведувам како „давање“ на некаква смисла: при создавањето на едно дело, доколку е тоа интензивно (се однесува пред сѐ на есејот и раскажувачката проза), во првата верзија се пишуваат 90% од текстот (по сите доработки); останатите 10% писателот кој пишува „помалку“ ги посветува на „доаѓање“ до конечната верзија (оној што се определил за „повеќе“ на пишување нов односно нови). Ова е мошне дискутабилно од проста причина што и 90% и 10% се крајно индивидуални, а еднакво, дури поначесто се „обратни“: 10% да се за поставување, втемелување или скицирање на текстот, а 90% за многу верзии, сѐ до конечната.
Таков „случај“ сум јас, и тоа го потенцирам токму поради континуитетот на моето создавање (и за ништо друго!): речиси сите мои досегашни и сегашни дела ги создадов односно ги создавам со години и децении. Притоа, од не помало значење: без оглед дали „во меѓувреме“ се објавени-издадени. (Да, треба да се има предвид разликата помеѓу објавување (целосно, делумно, тековно/во создавање, во продолженија) и издавање во книжен или електронски формат односно на Интернет или социјална мрежа.)
Процентите целосно ги негирам со мојот многупати изнесен, елабориран став: ниедно дело на творецот не е завршено, туку е тоа отворено како за неговиот творец до крајот на животот, така за неговиот консумент- читателот.
Во еден дел и со заложбата дека треба да имаат еднакво значење, да се вреднуваат квалитетот и обемот-квантитетот како составни „елементи“ на сечие творештво. (Не изделени еден од друг или пренебрегнување особено на вториот).
Потсетувам на прочуената синтагма на рускиот писател Јуриј Олеша: „Ни ден без ред“, а која многумина не ја разбираат или кај нив предизвикува недоразбирање. Имено, се смета дека секојдневното создавање, конкретно пишување дела е практично невозможно и физички и интелектуално, особено кога е збор за „чекање на инспирацијата“ (тоа со право се исмева, се карикира) или за „собирање на творечка енергија“.
Прашање:
Како да се „третираат“ писателите во минатото и денес со неисцрпна творечка енергија? Треба да посочам на некого од нив?
Причините за „пишување помалку“ од типот „да се води сметка за трпението на читателот“, „со многу се мали шансите да се дознае или открие најдоброто“, „во библиотеките има сѐ помалку простор“, „писателите кои објавиле/објавуваат многу го прават тоа за да заработат повеќе, па заслужуваат да бидат казнети поради ненаситност“, не само што не се прифатливи, не заслужуваат внимание, туку во не мала мера се и небулозни.
„Ни ден без ред“ нема никаква врска со пишување-создавање малку, многу или доволно, дури и кога би имало прецизен одговор колку е едното, другото или третото (што е невозможно!). Тоа подразбира единствено контнуитет и посветеност, имајќи го предвид она од почетокот на белешкава за 24-те часа: тие се многу време за смислено посветување на работа, создавање, дејствување и на одмор. Особено оти не се конкретизира за каков „ред“ станува збор.
Вообичаена практика во современото издаваштво: издавачот и авторот потпишуваат повеќегодишен (може и траен) договор кој подразбира меѓусебни обврски; авторот се обврзува во одреден период (година, две) да подготви односно да напише книга за издавање.
На пример, Ефраим Кишон (1924-2005), израелски хуморист, драматичар, сценарист и филмски режисер, со светско реноме, имал доживотен договор со својот издавач според кој бил обврзан да подготви една книга годишно. Што се однесува на неговото творештво, само книжевното му се состои од 21 дело, што во денешни услови воопшто не е „многу“. Имено, голем број македонски поети и писатели веќе имаат објавено по 40-50 и повеќе, а „најпродуктивниот“ досега има повеќе од 100 дела.
И ова како поттик за размислување (според некои познати искуства во светот):
Замислете Министерството за култура целосно да финансира престој на писател(и) во „државна“ викендичка за создавање ново дело. Писателот има само две обврски: да понуди скица односно концизен нацрт на содржината на делото и потребното-бараното време за престој-творење.
Засега тешко да се замисли кај нас, а во светот е одамна затврдено: ваквата „поддршка“ на писателот и неговото творештво да се „одвива“ помеѓу него и издавачот.