БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 4 минути

111. Библиотека

Најнапред, она што го знаат многумина:

Билиотеката е средена збирка на книги според автори, тематски итн. или каталог, која им припаѓа на приватни лица односно државни институции или, пак, на установи во кои се чуваат збирки на книги.

Во делото World Book Encyclopedia се наведува дека библиотеките дале мошен значаен придонес во развојот на човековата култура и технологија. Големиот германски поет Гете ги нарекол „меморија на човештвото“.

Денес најголема библиотека на светот е Конгресната библиотека на САД, на чија полица долга 850 километри се наоѓаат повеќе од 29 милиони книги. Зданието составено од четири згради е изградено во 1800. година, а својата прва колекција книги, вкупно 6.487., ги добила од еден од основачите на САД, Томас Џеферсон. Освен книги, во неа се чуваат околу 2,7 милиони аудио и видео снимки, 12 милиони фотографии, 4,8 милиони мапи и 57 милиони ракописи. Секој ден оваа библиотека се збогатува со околу 7.000 публикации.

Библиотеката на ретки книги „Томас Фишер“ е дел од Универзитетот во Торонто и нуди најголем број ретки книги и списи во Канада. Го носи името на Томас Фишер, кој емигрирал од британската област Јоркшир во 1822. година и станал успешен трговец и млинар. Тој собирал и книги, така што во 1973. неговите внуци Синди и Чарлс Фишер му ја донирале на Универзитетот во Торонто неговата колекција книги која содржела различни томови на Шекспирови и дела на разни автори од 20. век.

Мошне интересна и со интересно минато е библиотеката „Real Gabinete Portuges de Leitura“ во Рио Де Жанеиро. Имено, во времето кога Наполеон Бонапарта крстарел низ Европа, кралот на Португалија Јохан не го дочекал, туку одлучил да отиде во својата колонија во Бразил. Отишол со целата своја свита и ги однел сите свои вредни предмети, вклучувајќи колекција на книги. Во 1837. година овие книги се сместени во зграда направена во специфичен мануелински стил и станале основа на денешната библиотека. Во неа денес има повеќе од 350.000 книги, од кои многу датираат од периодот од 16. до 18. век, како и мала колекција на слики, скулптури и антички монети. Денес има 26 подружници кои се сместени во најголемите населби на градот, додека централната зграда е таа што го плени вниманието на многумина посетители. Со 950.000 книги и повеќе од 700 вработени, библиотеката е сместена во ултрамодерна зграда и претставува една од најголемите во САД. Особено е интересно дека таа има 3,8 милиони различни мултимедијални изданија, како и 1.134 јавни компјутери кои можат бесплатно да ги користат нејзините членови.

Најголема зграда на светот за чување ретки книги и списи е библиотеката „Бејнеке“, сместена во американскиот град Њу Хејвен. Зградата и значителен број книги му ги донирало богатото семејство Бејнеке на Универзитетот Јејл. Зградата има шест ката, нема прозорци, туку е прекриена со проѕирен денби мермер и во неа се наоѓаат книги кои Универзитетот ги печател пред 1601. , потоа книги од Латинска Америка печатени пред 1751. и книги од Северна Америка печатени пред 1821. година. Најзначајните книги во оваа библиотека се оригиналните копии на Гутенберговата Библија.

Од другите занимливости, уште оваа:

Библиотеката „Џеј Вокер“, која се смета за една од најубавите приватни библиотеки на светот, се простира на 340 квадратни метри и освен книги има некои навистина единствени работи, како што е оригиналната вселенска сонда „Спутник“. Иноваторот и бизнисмен Џеј Вокер направил библиотека на ретки книги кои се посветени на човечката имагинација. Книгите обрабени со рубини, оригиналниот прирачник за ракетата „Сатурн 5“ и хронолошката книга „Записи на смртта“ за чумата во Лондон во 1665. година се само некои од единствените работи што Вокер ги собрал во период од 20 години.

Меѓутоа, без оглед на податоците и информациите што го потврдуваат сѐ поголемото значење на библиотеката, како многу други нешта што ги овозможуваат или ја придружуваат егзистенцијата и развојот на човековата цивилизација, и таа е веќе речиси од минато време! Особено на „приватно“ ниво, односно кога е збор за домашната библиотека.

Имено, порано секое поимашно и „покултурно“ семејство напросто не можело без неа, а особено не можеле оние негови членови на кои книгите им значеле толку што да морале секогаш да им бидат при рака. Мислам на оние што се читале редовно, секојдневно или одвреме-навреме. Значи се користеле, значи биле потребни при секојдневен творечки и плодотворен ангажман. Во домашните библиотеки за нив скогаш имало „посебно“ место, но и за оние што биле/се за само едно читање. Значи „завршени“, „затворени“, не оставени отворени-за читање „во продолженија“. Првите за да бидат секогаш „на поглед, на доглед“; за прикажување или докажување на нечија творечка енергија, на предаденост, на насушна потреба од самоискажување до самодокажување.

И едните и другите во неа, сеедно затворена, застаклена или отворена, собирале прашина која, ако не се отстранувала редовно, со време ги покривала до непрепознавање нивните наслови, нивните автори, годините на објава. Ги задушувала до ненужност. Или оставени и подзаборавени едни до други, во ред, нафрлани едни врз други, во неред. Можеби знаени која каде е само за оној што ги оставил, ги користел, ги користи сѐ уште.

Да го „ублажам“ тврдењето со прашања:

Има ли крај денес, ќе има ли утре за библиотеката? Ќе може ли таа сама или со наша помош да се одбрани од минливоста, од заборавот, сама или со помош на оние што ја имаат оти им е неопходна? Ако има, кој ѝ го одредува и кој ѝ го случува? Може ли да се обнови откако ќе се уништи, ќе се разурне, ограби, ќе изгори?

Да, на ум ми е најголемата библиотека во античкиот свет, онаа во Александрија, уште од I. век, во која се наоѓале пишани и печатени дела од целиот дотогашен цивилизациски свет, дури до 700.000 на број. Уништувана, изгорена па обновувана повеќе пати, сѐ до конечната пресуда на книгите од страна на калифот Умар: „Тие се или во спротивност со Куранот, што значи дека се ерес, или се согласуваат со него, што значи дека се излишни“. Обновена во 2002. година, на истото место кај што била, во ново, модерно здание- Bibliothecae Alexandrinae? Да како здание, но неможно онаа истата и она што била.

Библиотеката е од речиси минато време зашто од сегашново е сѐ помалку тоа што е. Во блиското идно сигурно нешто сосема друго. Секако слично на она што е веќе денес во еден дел: со дигитализиран фонд односно дигитална. Најконкретно (технолошки): екран на ѕид, заедно со други, различни созданија од уметноста, културата и традицијата.

Секако и она што останува и допрва ќе биде како „чувар на книжевни вредности“: збирка на ретки, драгоцени, па и бесценети библиофилски печатени изданија.

Само една потврда на мојов став:

И најголемата библиотека на светот, спомнатата Конгресна во Вашингтон, САД, веќе ја дигитализира својата збирка од 134 милиони книги и ги направи достапни на Интернет. Уште во 1990-тите почнала да дистрибуира дигитализирани верзии на своите збирки на училишта и други библиотеки ширум САД, а сега на веб страницата на Конгресната библиотека можат да се најдат милиони книги и други извори. Првиот голем дигитализирачки проект на библиотеката се викал „Американска меморија“ и содржел документи за американската историја-фотографии, мапи и многу други публикации.

И македонската национална библиотека НУБ „Климент Охридски“ со години на ред перманентно работи на дигитализација на својот библиотечен фонд.

Leave the first comment