12. Бистрење политика
Куле почна кампања за Буле како партиски лидер на племето односно тајфата односно бандата односно патијата, што му текна да ја формира како пандан на партиите на политикантите кои се борат за освојување на власта. Им одржа говор на тема бистрење политика. Го пренесувам сосе точки, запирки и други интерпункциски знаци, во наводници:
„Драги недозреани, пубертетлии или адолесценти односно тинејџери и тинејџерки,
Вие сигурно знаете, ама не знаете дека грешат нашите татичиња и мамичиња дека бистрењето политика е за нив и нивните стари. Прво и прво, затоа што дека за да се бистри некоја политика прво таа треба да е заматена или ептен матна од некои пред нив во неа; а второ и второ, политика можат да бистрат само такви како нас-недозреани, пубертетлии или адолесценти односно тинејџери и тинејџерки. Не ме гледајте бело, сега ќе ви се конкретизирам!
Ако на нас светот останува, тогаш на нас останува и политиката каква да била или да е-бистра или матна. Знам зошто ме гледате бело. Ме слушате како да сте буквалисти зашто бистрењето за вас е бистрење на нешто што е матно или заматено. Тоа едно, а друго нашите татичиња и мамичиња, како и нивните стари, бистрат политика како таа да може да се бистри како политика! Зошто зинавте од чудо?! Нешто не ви е јасно?
Пред да излезам пред ваши очи и да ја почнам кампањава за Буле како наш партиски лидер, јас и тој ја бистревме со денови и ноќи политиката како таква и никаква, па дојдовме до заклучок што може да ни стане партиско лого, ако немате ништо против: имено, дека политиката по природа е бистра и мора секој политичар да да ја брани од секој што сака да ја мати. Значи, логото на нашата партија би гласело: „За одбрана на бистрата политика од секој што сака да ја мати“.
Како што сигурно забележувате, јас и Буле многу сериозно го сфативме и третиравме бистрењето политика. Сега му давам збор нему да докаже нешто во врска со тоа нешто“.
Тоа што го кажа Буле потоа беше кусо и мошне јасно, па и него го пренесувам сосе точки, запирки и други интерпункциски знаци, исто така во наводници:
„Драги мои недозреани пубертетлии или адолесценти односно тинејџери и тинејџерки,
Куле многу точно и убаво ви кажа што избистривме јас и тој во врска со бистрењето политика. Затоа јас, како ваш сегашен и иден партиски лидер, немам што да додадам или одземам, освен дека кампањава ја почуваме со расчистување на непосредните и посредните прашања во врска со неа. Сакам да ви биде јасно дека наша партиска цел не е освојување на власта, зашто таа и сега и скоро нема да ни треба, особено не во политикантски цели. Наша прва, главна, најважна цел е нашите мамичиња, татичиња и сите други што политички не нè третираат ни под разно, да ги натераме веќе да не нè третираат како таткини и мамкини зашто нели светот на младите им останува. И дека сакаме да нè тетираат како идни бизнисмени или припадници на средната капиталистичка класа кои се партиски определени да се борат за слободна љубов и разновиден културно-забавен живот“.
Заборавив да кажам дека и Куле и Буле за цело време беа како мртви ладни и со ептен сериозни фаци. Како на секој политичар без предни или задни лични политикантски амбиции.