15. Поздрав на разминување
Сме имале еднаш
повеќе наши балкони
што гледаа кон ридот
со кренати раце.
Од нив нив ги гледавме,
внимателно ги следевме
за да не му се предадат
на стравот.
Сме имале еднаш
повеќе нечии балкони
од едната до другата
страна на реката
со бел камен среде,
под мостот.
Сега е нешто попросто
од ден и ноќ,
од утро и самрак,
од ветер и магла;
како дрво со залупена,
но недоизлупена кора
за да умира бавно,
сето во смола
и со еден единствен корен.
Сега е нешто почисто
сè помеѓу нас;
од воздух до обичен,
неврзан, дури бесмислен
разговор.
Седнуваме до брегот
како измислени сенки.
Седнуваме и гледаме во,
можеби поточно кон
водата
која игриво, лесно патува
од извор до невреме.
Одамна сакаме да нè видат
со цвет под нозете;
всушност во нашите тела
обѕидани
со далечни ѕидови до небо,
којзнае кога и за кого
оставени, заборавени;
никој да не може
да ги урне, да ги снеможи.
Престани, ми шепнуваш,
сакам да ја слушнам неа,
да, водата
која игриво, лесно патува.
Ако седнеме
од другана страна на мостон,
знај дека ќе биде подлабоко
сè помеѓу нас;
ќе биде потивко молчењето
од нас
и ќе бараме стара жена
како мајка, како земја
една за сите и за секој
во никаде од никогаш.
А ти, ако останеш тука сама
откако ќе заминам
во сечиј самотен миг,
ако не облечеш
невестински фустан
како во детските години
за убавина,
и ако немаш
невина насмевка,
ќе те фрлам од оние
повеќе балкони.
Знај дека ридот
со кренати раце
сега зборува громовито
од едната до другата
страна на реката
со бел камен среде,
под мостот,
но веќе никој не сака
да го слуша.