6. Кога на Добре и Добринка им падна на главите една летечка чинија
Ви се случило ли и вам тоа-да ви падне летечка чинија на глава? Не? В ред, само внимавајте еден ден да не ви се случи. Можно е. Ако не бидете доволно внимателни, ако барем одвреме-навреме не ги вперувате очите кон небото. И онака им доаѓа времето за инвазија.
На главите на моите пријатели Добре и Добринка им падна една, само една летечка чинија! Еднаш им падна и се надеваат никогаш повеќе.
Замислете: чинија, па уште и летечка?! Летала, летала, долетала од негде, Добре и Добринка се убедени дека долетала од Марс, и падна на нивните глави.
А пред да падне светеше на сите страни. Им ја осветли, просто им ја вжешти сета природна и неприродна околина. Просто ги ослепи! Како од сон да ги разбуди.
Добре (со исплашен глас):
-Што чудо е она, моја Добринке?
Добринка (престрашена):
-Не знам, Добре мој, ова чудо досега не сум го видела!…Ми е страв…Од каде да падне баш на нашиве глави?
Добре (со смирувачки глас):
-Не плаши се, моја Добринке, ова ми личи на чинија. Како нашине што ги летаме од мене до тебе, од тебе до мене, кога не ни се усогласени мислењата и ставовите…Од каде ли долета, мајката?
Добринка (умира од страв):
-Гледај, гледај Добре мој!…Ама што е она?! Што излегува од чинијата!?
Добре (лелека и просто умира од страв):
-Тоа е некој… Леле колку е зелен и млад… Леле тргна кон нас… Ама што му е на зелениов?! Да не паднал од Марс?… Леле…
Им се обраќа зелениот:
-Добро утро.
Одговараат Добре и Добринка (во еден глас, а забите им се тресат, како вилици да имаат во устите):
-До… до… добро…у… утро…
Почнува да прашува зелениот:
-Како сте?
Добре и Добринка (во ист тон):
-А… арно… арно сме… Ништо не ни фали.
Зелениот:
-Ви фали… ви фали… Знам јас дека ви фали.
Добре и Добринка (го гледаат зелениот и се чудат):
-Зарем може да е толку зелен? Како може да тврди дека нешто ни фали?…Кој е овој?…Леле што големи уши имал, што голема уста…мали нозе… А на челото некаква антена!
Добре и Добринка веќе не знаат за себе. Исплашени се речиси до несвест.
Зелениот:
-Јас паднав од Марс.
Добре (полека се смирува):
-Од Марс? Падна? Како тоа?
Зелениот по малку му станува дури симпатичен.
Добринка (исто така смирена):
-А зошто падна?
Зелениот:
-Паднав за да ви донесам тоа што ви фали.
Добре (зачуден):
-А што ни фали?
Зелениот:
-Ние Марсовците знаеме што ви фали, па решивме да ви помогнеме. Додека не научите сами да си помагате.
Добре (уште позачуден):
–Што ни фали?
Зелениот:
-Ви фали памет? Ви фали! Не знаете да се организирате? Не знаете! Не работите? Не работите! Имате слобода и демократија? Како бело робје сте! Немате! Корупција? Имате! Имате криминал? Имате!
Добре (реагира луто):
-Чекај, чекај малку зелен низаеден! Кој си ти да ни удираш критика? Да не е поарно кај вас, на Марс? Тикви поарно!
Зелениот:
-Поарно е, поарно е. Од арно поарно! Нам не ни фали ништо. Дури имаме и за извоз. Бидејќи вам ви фали сешто, решивме да ви подариме од нашето арно, a што не ви фали да ви придодадеме.
Добринка (ја фаќа бес):
-Кој си бе ти, суртук низаеден? Си паднал од Марс, па мислиш и ние ќе паднеме како тебе…Ништо нам не ни фали! Врати си се откај што си дошол. Сврти си ја чинијата и летај! Од тебе подарок не ни треба…Поздрави си ги браќата и гледајте си ја својата работа…Нам ни фалело нешто. Како да не!
Добринка (вика, а Добре одвај чека да дојде до збор и да продолжи):
-Ништо не ни фали, разбра? Ништо! Ако сакаш малку ум да си имаш ко нашиов, нема гајле, ќе ти пикнеме во тоа…во тоа…што ти е…инката…главата…Ако треба да се организираме, од тебе помош не ни треба. Сами знаеме и можеме, ако сакаме. Ако сакаш да ти ја измиеме зелената боја, ќе ти ја измиеме. Само ти посакај… Кој не работи? Ти да ни кажеш не работиме, суртук низаеден. Ти! Ние не сме како вас, Марсовците, што само летате во вселената и паѓате. Ние сме работлив народ, да знаеш. И што корупција, криминал? Што бело робје? Да не сакаш црно да ти продадеме…А бре суртук низаеден, зелен низаеден, па знеш ли ти колку ние пари имаме? И твојот Марс можеме да го купиме…
Зелениот:
– Чекај, чекај малку човеку, не жести се. Што се лутиш? Немој да навредуваш, не е културно. Имам големи уши, ама тие не примаат навреди. Ако не ви фали ништо, в ред, ќе си одам. Само, немојте после да ме барате…
Добре (продолжува со викањето):
-Тебе да те бараме, зелен низаеден! Да знаеш: што ни треба, сами ќе си направиме. Помош не бараме. Видовме многу аир од оние што ни помагаа досега…
Зелениот се свртува, влегува во својата летечка чинија и чинијата летнува.
…
Добре смирено ја прашува Добринка:
-Што чудо беше ова, моја Добринке?
И Добринка се смирува:
-Не знам, Добре мој…Вакво чудо во животот немам видено…Од каде да падне токму на нашите глави?
Добре:
-Добро е, падна, ама и летна. Ништо зло не ни направи.
Добринка со подналутен глас му се обраќа на Добрета:
-Тој не ни направи, ама ти направи, Добре мој. Ти!…Стопати сум ти рекла, научи да се воздржиш кога треба… Зошто му се изнавика на зелениот? Што ти требаше?
Добре почнува да ѝ се чуди на свртувањето и тонот:
-Ама Добринке, и ти му се изнавика.
Добринка:
-Нормално и јас кога почна прво ти!…Убаво ни предложи да ни даде подароци… Добро, зелен беше и млад, ама зошто го избрка? Што не почека да ни ги даде подароците?…Лошо ли ќе ни беше? Ем памет ќе ни дадеше, ем ќе нè организираше, ем ќе нè научеше да работиме…Кој ќе беше како нас, а? Живот во слобода и демократија, без корупција, без криминал… Е, Добре, Добре, и ти ми се правиш како да си паднал од Марс… Така ти треба, да знаеш!…Ајде, оди сега барај ги пријателите, роднините. Трчај по нив и моли ги да ни позајмат некој денар, да ни помогнат дури не се свестиме… Е, Добре, Добре, синко свекрвин…Сум рекла и пак ќе речам: ти од добрина не можеш да куртулиш!