9. Буле сам
Буле е сам само кога не сака да биде сам. Се разбира, тоа не му се случува често, ама не може да се рече ни дека му се случува ретко. Со други зборови, станува збор за самост по лична желба односно кога тоа му треба оти друго не му треба. Всушност, тоа е состојба која тој си ја нарече духовна рамнотежа. Која никогаш не му паѓа на ум кому било да му ја објаснува односно конкретизира.
На пример, на чколија голема слабост му се математика, физика, хемија и биологија. Ептен е слаб кога се тие во прашање. Ма не мрда од двојка или тројка. Затоа не си удира секирација на срце или во мозок, туку за таа слабост смета дека му е потребна токму духовната рамнотежа односно самоста. Притоа секогаш доаѓа до еден ист заклучок: тој не е надарен за нив, како што е за поезија, проза, историја, географија, а во последно време за дневна политика и партизирање, ама во духовна рамнотежа односно самост може да поднаучи и извежба понешто од нив и бар малку да ја поправи слабоста. Па уште ако на тоа се додадат трубењата таткини и мамкини, дека ќе остане ненаучен и ни за средна класа во капиталистичково општество…
На пример, како што е веќе потенцирано, во слободното време на чколија или дома самоста односно духовната рамнотежа на Буле сè повеќе доаѓа до израз творечки, особено на планот на поезијата. Откако со своите Индијанци реши да формира партија, некако сами по себе сè повеќе му се наметнуваа историјата и географијата. Но, за тоа си дал збор дека ќе збори другпат, па нема смисла јас да инсистирам сега како негов прикажувач и раскажувач. А кога е збор за планот на поезијата, веќе ви го пренесов неговото мошне успешно дебитирање во неа, па ми преостанува со друго да доловам како е сам кога е сам односно кога е во духовна рамнотежа.
Буле често сака да биде сам покрај поток, река, езеро, во парк или на врв на планина. Баш сега е на врв на планина и преку мобиљката ѝ се јавува на една страчка што ја запозна пред некоја вечер на случајна тет-а-тет средба во едно кафуле:
-Госпојце, немој да се сакалдисаш дека те сметам за страчка зашто ти може ич да не мислиш на мене. Многу се думам дали ме догледа, камо ли дека ме осети седејќи тет-а-тет карши мене во кафулето за страчки, кои научно се викаат пици-пици, и паликари, народски јунаци како мене. Ти беше со твојата, јас со мојава мобиљка. Јас фрлав какви-такви ишарети накај тебе, а ти глава не дигна. Затоа сега не знам дали знаеш дека бевме тет-а-тет односно карши-карши. Ама ај, нејсе, нека биде ако нешто биде.
Страчке, ти пишам на мојава мобиљка и знам дека ме читаш на твојата. Ти го ископав бројот од некои штркови што те знаат. Во овој мобилен момент јас сум сам односно во духовна рамнотежа, па би било добро да се концентрираш на мене, поточно на пишувањево, и да реагираш како што ѝ доликува на една страчка или ко што се вика научно пица-пица. Пиши ми дали ти е радо да бидеш со мене сама како јас сам.
Госпојце, ти гарант не знаеш, а треба да знаеш дека јас сам односно во духовна рамнотежа сум најдокажан на планот на поезијата. Можам да ти стихоклепам за што било, за што ти е тебе ќеф. Само треба да имаш во памет дека мене ептен ми лежи тоа покрај поток, река, езеро, во парк, но најептен на врв на планина на која сум баш сега. Со други зборови, како што веројатно заклучуваш, јас сум од романтичните типоси. Меѓутоа, откако решив со моите Индијанци да формирам партија романтизмот го гарнирам со партиство односно политичарење. Што според мојата површна анализа и синтеза на твојата конфигурација би требало да ти одговара, па очекувам да ми даваш неопходна поддршка на секој мој план.
Без оглед на сè што ти пишав досега, Госпојце, страчке, знај дека главната поента ми е дека во овој мој мобилен момент, со мобиљкава в раце и мислење на тебе, ми е дека сум сам односно во духовна рамнотежа“.
Буле стави точка на пишувањето, стави кабелче на мобиљката и бели слушалчиња в уши, пушти хард-рок и продолжи да седи сам односно во духовна рамнотежа. Поточно речиси занесен на врв на планината.