ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Потребно време за читање: 3 минути

3. Работен однос и прилагодување

Нараторот (додека се крева завесата и полека се палат рефлекторите): Кога ќе влезеш во работен однос, најважната работа е брзо да се прилагодиш.

Мојот пријател Добре во последно време ништо не можеше да го разбуди навреме. Постојано се будеше со задоцнување, па неговиот проблем во колективот стануваше сѐ посериозен. За првите неколку едноподруги доцнења неговиот шеф имаше, наоѓаше какво-такво разбирање. Aма во последно време и тој стануваше неразбран. Сѐ пoчесто го пречекуваше со строг и принципиелен поглед.

Прва сцена:

Шефот (му упатува забелешка): Добро бре, Добре, што се случува со тебе? Нешто ти се пореметил ритамот!

Добре (не знае што да му одговори, освен): Не знам, Г-не шефе. Гледам и јас дека нешто не е в ред со мене, ама не знам што е. Никако да се разбудам навреме!

Шефот (уплашен): Да не легнуваш доцна?

Добре (убедлив): Не, напротив. Штом се стемни.

Шефот (подисплашен): Да не ти додева твојата Добринка? Да не те заморува премногу? Да не ти бара работa насабајле?

Добре (ептен сигурен): Не и не! Таа е многу фер. Секогаш има разбирање за мене. Воопшто не ми се лути кога ми се спие. Не ми бара ниту насабајле, ниту навечер… А што да ми бара?

Шефот (воздржан): Добро де, ништо…Ќе мораме да преземеме нешто итно.

Пак шефот (по кусо длабоко размислување, со кренат показалец кон таванот): Од Фондот за заедничка потрошувачка колективот ќе ти купи будилник за спокоен сон и долго сеќавање. Убав, модерен, точен, со силно и долго ѕвонење, што дури и претепан од работа е во состојба да го разбуди.

Втора сцена:

По неколку дена поминати како „добриот стар Добре“ (станување рано, доаѓање навреме на работа и слични дејствија-пантомима).

Шефот (збунет, изненаден, па и по малку навреден): Добро бре, Добре, јас и ти пак мораме да влеземе во недоразбирање. Ти пак по старо. Како нешто пак да ти се случува! Што е сега? Да не ти се расипал будилникот? Пак почна да доцниш.

Добре: Не шефе, не е расипан. Си ѕвони како навиен, никогаш не заборава да заѕвони навреме… Знаеш, морам да ти признаам, не се срамам да речам: потекнувам од селско семејство, па моите уши никако да се навикнат на него. Повеќе се навикнати петел да слушаат наутро.

Шефот (нервозно): Па, што не кажеш?! Тогаш, да ти купиме петел. Белки нема да доцниш!..Еве, пуштам срце! Од Фондот за заедничка потрошувачка ќе издвоиме колку треба за еден петел. За твое будење и за спомен и долго сеќавање.

Трета сцена:

По неколку дена пак поминати како „добриот стар Добре“ (станување рано, доаѓање навреме на работа и слични дејствија-пантомима).

Шефот (збунет, изненаден и по малку навреден): Добро бре, Добре, што да правиме со тебе? Пак доцниш на работа. Ни петел не ти помага, a?

Добре (резигнирано, потиштено): Не знам шефе! И јас гледам дека не ја бидува работава. Најдобро да ми дадете отказ. Штом сум единствен што доцни…

Шефот (го сече во зборот): Чекај, чекај! Не земај сѐ на срце здраво за готово…Дај да видиме што можеме уште да сториме за тебе, да ти помогнеме. За отказ лесна работа.

Добре (упорен): Не, шефе, доста беше! Јас сум чесен човек. Не сакам да бидам на товар на колективот. Се бориме за стабилизација нели, а јас доцнам на работа секое утро. Тоа не оди, никако не е в ред. Нели?

Завршна сцена:

Сцената полека се затемнува, уште пополека се спушта завесата. Добре и шефот полека се повлекуваат, чекор по чекор наназад.

Нараторот со спокоен глас: Видоа не видоа, и шефот и целиот колектив кренаа раце од мојот пријател Добре. Се помирија со неговото доцнење. Еден како ниеден, заклучија сите заедно, и речиси заборавија на него.

А будилникот…тој си продолжи да работи. Дури и Добринка на Добрета полека, со време, се навикне на неговото ѕвонење, па почна да станува рано навреме. Сѐ поретко ѝ се случува да се успие, иако не е вработена…Барем кога ќе се вработи, ако се вработи, ќе си ја има навиката.

Петелот, пак, почна да старее. Еден ден Добре и Добринка немаа каде, мораа да го заколат и да си зготват убав ручек, богат со џули или калории.

Но, во колективот се случи нешто непредвидено: од ден на ден вработените во сѐ поголем број почнаа да доцнат на работа. Сега веќе нeма доволно средства во Фондот за заедничка потрошувачка за да им се купат будилници на сите.

Шефот и другите раководни кадри сега размислуваат да го поместат работното време нанапред, за онолку часа колку што трае доцнењето. Се надеваат дека тогаш вработените нема да доцнат, па ќе тргне работата. Ем навреме, ем поекономично, порационално, попродуктивно.

(Доколку во меѓувреме, поради подолго траење на ова завршно кажување на нараторот, се спушти завесата, а шефот и Добре се повлечат од сцената, се гаснат рефлекторите и сите го чекаат крајот во целосен мрак.)

Leave the first comment