Momentum XXXII
Почнува да разденува. Имаат подочи од неспиење.
Глас 3
Време е да ја добијам главната улога. Меѓу очите авторот треба да нацрта длабока бразда за да не се измешаат. И пак да потсетам: ги почнавме умирањата, а за љубовта малку разговаравме. Ниту едно драгоцено искуство.
Глас 7
Еве јас. Луѓето одат в планина не само заради чист воздух, туку и за страсти. Ќе навлезат в шума, мажи и жени и невини девојки, и ќе легнат под некое дрво. Пред тоа ќе се соблечат голи. Облеката ќе ја остават во ред до нив, за да им остане испеглана. Иако редот не е вавежн, туку страста.
Глас 8
Сакаш да кажеш дека страста е еднаква со природа која умее да ја брани својата природност и природната состојба на телото?
Глас 7
Сакам.
Разговор во три очи
Само јас и ти во
плотска страст
разбираме
ваква игра!
Во првото срце,
во второто мир,
а третото бело.
Првото скока,
вика ав,
второто сонува,
а третото бело.
Првото вели
прво тоа,
второто итн,
а третото бело.
И
да појаснам:
Станува збор за
важен разговор
оти сум жеден
да те видам
со сон и љубов
ноќе.