ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Потребно време за читање: 2 минути

Доживување IV

Никако да се соземе Име, да се надмине себеси. Да им се врати на костечани стариот, оној што го знаеаја и познаваа пред жестоката, пеколната смрт на неговите Роса, Смирна и Трајан. Никако да излезе од празното, несодржајното, бесмисленото, бесцелното, безидејното живуркање. Да се ослободи од него. Времето ги лечи и најдлабоките скрвавени рани? Се разбира, ама може ли да се знае, да се узнае кое е тоа и колку трае? Најважно: по колку такви рани какво иде, какво да се очекува, што може да биде?

Билјан Руменоски е еден од малкутемина другари од детството и младоста на Корен Стаменоски кој е до ден-денес со него. Не го остава во секидневноста сам одновно и одново да ја преживува сообраќајката, постојано обвинувајќи се себеси дека ја предизвикал од небрежност.

-Мојата Роса често ми префрлаше дека возам премногу комотно, невнимателно, во опасни моменти не реагирам решително, брзо и вешто. Знакот дека наидуваме на црна точка на патот не го ни забележав. Можев да го избегнам судирот ако бев на штрек.

-Не, драг пријателе, не се обвинувај себеси. Возачот на камионот возел со над дозволената брзина, преминал на твојата страна и предизвикал директен судир. Се утврди и дека имал недозволено количество алкохол во крвта.

-Секогаш кога одново и одново заедно со Роса и децата ги доживуваме тие моменти таа ме гледа прекорно и ми префрла дека возам премногу опуштено. Во пресудниот момент сум се свртел кон Смирна и Трајан и сум им се насмеал гледајќи ги како седат со прекрстени нозе на задните седишта, со мобилните в раце и слушалките в уши.

-Тие загинаа, Име. На оној свет се и не можат да ти се вратат живи.

-Не, Билјане пријателе, на овој се, живи се! Со мене се и ќе бидат дел од мене додека сум жив!

-В ред.

Билјан Руменоски само еднаш успеа да го оттргне од нив. Го натера да влезат во книжарницата во центарот на градот и да купи збирка студии на светски познати учени со наслов „Простор и време“.

 

Leave the first comment