СОЗДАТЕЛ ВО ИЗГРЕВОТ И ЗАЛЕЗОТ, XII, СЕМОЖЕН, НЕМОШЕН И НЕВОЛЕН, Неволен, поетска студија за беспаќата во човекот

Потребно време за читање: < 1 минута

117. Екот меѓу две голи планини

Колку повеќе и побрзо
им се доближувам,
толку мојот екот меѓу нив
ме оддалечува од пустелијава
недогледна, безживотна,
која како никако
да не престанува со гаснењето
на сѐ што е уште стварно
со минато и иднина.

Веќе ништо не може да го сопре
мојот екот меѓу двене
голи планини
со сончевина на нивните врвови;
дека Ѕе ми дава сила
во умноста, во срцето, во крвта
стамено да ги надвладеам
беспаќата
најнакрај и самотен.

Ѕе ме научи, ме подготви
како со мојот екот
меѓу двене голи планини
конечно да се оддалечам
од пустелијава
толку што да не може никако
да ме унижува
со својата недогледност,
со својата безживотност;
што да не може никако
да го угасне животот
на народ чии патила
од древноста до денес
се немерливи.

Штом стасам
до двене голи планини,
сосе мојот екот меѓу нив,
во еден здив
ќе ги престорам во бедем
што ќе ме брани
од нови беспаќа
најнакрај и самотен.

Leave the first comment