НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија

Потребно време за читање: 2 минути

7. Меѓу урнатини

Ги затворам сите порти
на урнатиниве
во кои се најдов
од не знам каде и кога,
бранејќи го рамновесјето
на моите сништа.

Урнатиниве се од стари
и незаборавни времиња,
со голи детски тела,
плодни жени
и стари пред умирање,
кои се обидуваат
да ги напуштат
макар пеплосале
во огнот што направил
круг околу нив.

Јас единствен ја открив
нивната вистина:
дека се сите
од едно семејно стебло
во непребол;
сите безживотни,
но сите сплотени
како да играат последна
игра на слободни знаци,
гласови, зборови
и молк,
како ништо да не било
за да биде.

Ги затворив сите порти
на урнатиниве
во кои се најдов
од не знам каде и кога;
сега се на ред прозорците
низ кои непречено
ветар ги развева коските
сокриени длабоко в земја
крај корен со идентитет,
со крвав нож издлабен.

Соборци од некоја војна
крај мене
ме гледаат со празни очи
без трепнување;
како да ми велат
дека нашата осаменост
веќе не е ничија тајна,
па треба да се помагаме,
додека чекориме,
паѓаме и стануваме
низ овие железни парчиња,
шилесги, ‘рѓосани;
меѓу јамиве, меѓу ѕидовиве
на патов.

Тие трчаат, летаат,
се доближуваат,
се оддалечуваат
и продолжуваат
да ми раскажуваат
за желбата да живеат;
која е единствена
што во нив не згаснува.

На голиве детски тела,
на плодниве жени
и на стариве пред умирање
во урнатиниве од стари
незаборавни времиња
им ветувам дека ќе истурам
пороен дожд
од модри облаци
и ќе го изгаснам огнот
што направил круг
околу нив;
за да ги напуштат
непеплосани
или да одлетаат в небо.

И јас со нив.
И јас.

А нивната една вистина:
дека се сите
од едно семејно стебло
во непребол,
сите безживотни,
но сите сплотени
како да играат последна
игра на слободни знаци,
гласови, зборови
и молк,
како ништо да не било
за да биде,
ќе ја испишам на стена
крај корен со идентитет,
со крвав нож издлабен.

Leave the first comment