6. Во војна за тебе
Со војна однапред залудна,
бескрајна,
во твојата пустина
што пустоши и покрива сѐ
сѐ уште живо,
штотуку мртво.
Со којзнае колку зрна
песок
од месеци од години
во умор,
меѓу суви коски
без срж, без крв
ти ги оставив
да ги имаш за спомен
кога ќе бидеш осамена.
Со преболот пред нас
одново оживеаја
недофатни, недостатни
и големи сенки на живот,
сосем безначајни,
оставени можеби за навек
под мрачно небо.
Ти не догледа,
не помисли, не домисли,
со каква иронија цртаат
во воздухот
и на нивните градите
и на нивните срца
оние чии предавства
се веќе немерливи,
веќе повторливи.
А градините во нашите
воздиви
полни со цвеќиња
и висока дива трева.
Имам мало ковчеже
затворено со клуче
што го сокрив
под стена безимена,
кога сѐ уште стоев
простум
со отворена рана;
во неа ги ставив сите
мртви војници без лица,
наредени според времето
на умирање;
со нив си ти како сите
во самотна куќа
со сенки оживеани,
недофатни, недостатни,
сосем безначајни,
оставени за навек;
играат околу студено
огниште.
Ја вртиш главата
од еден до друг сон
во крило на птица
која кога бевме деца
ја фрлавме
високо над нас
да полета да одлета.
Со војна однапред залудна,
бескрајна,
во твојата пустина
што пустоши и покрива сѐ
сѐ уште живо,
штотуку мртво,
легнуваш на моиве гради
со отворена рана
и наеднаш се уриваат
сите бедеми
што ме бранат од злостори
и молњи.
Мојот сон е досонет
а во него, а во него
твоето голо тело
на смртна постела,
од секој ближен носено
на раце.
И јас и јас вечен воин
меѓу стари корени
во родна земја.