САМОБИТНАТА СЕНКА И ЉУБА, роман во продолженија

Потребно време за читање: < 1 минута

86. Сплотување
Аврам не знае дека на самобитната сенка на Љуба и на Самобитна сенка за првпат им се случува сплотување. Особено дека е тоа непосредно и посредно поврзано со тајната која Љуба сепак не успеа да ја сочува оти мајчинството во неа е посилно. Со кого не успеа? Одговорот никако не би го нашол без нивна помош. Ќе му помогнат?
Самобитната сенка на Љуба е во неа и поначесто пред неа одошто зад неа. Како сечиоја друга, и нејзината ту се смалува ту се издолжува во зависност од изгревите и залезите на сонцето. Во Прострел, гратче среде пустина, тие имаат особено големо влијание врз нивната неразделност, меѓузависност и расположба. При изгреви зајакнуваат и се засилуваат, а при залези се оддалечуваат една од друга. Само свеста дека обете не се целосни ако не се заедно, им помага никогаш да не останат една без друга. Самобитната сенка е спокојна кога ја гледа Љуба како лесно совладува некоја пречка или остварува некоја своја замисла, а Љуба не се гледа себеси во портретите што ги создава штом нејзината самобитна сенка се однесува рамнодушно, како да не е дел од нејзината личност. Но за разлика од на други, сенката на Љуба е најмногу забележлива според самобитноста во воспримањето на виделината. Без исклучок таа ги восприма како докажување на сопствената творечка енергија, а од неа на Љуба ѝ отстапува колку што смета дека е доволно за потврда на автентичноста на секое нејзино дело.
Самобитна сенка и самобитната сенка се сплотија да ѝ помогнат на Љуба што побрзо да ги надомести изгубените години без Аврам. Едновремено, во него да ја разбудат и разгорат чистата мајчинска љубов.

Leave the first comment