МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

17. Препознавање

Аспаруха никој го нема видено години наназад. Човекот еден ден просто исчезна од градот без да се поздрави со кого било. Секако не умре. Ќе се разбереше. Беше во години, ама здрав и прав. Ни трага од снеможеност или некоја болештина на неговото лице, во неговото чекорење.

Немаше род, немаше ближен, а немаше кој да не го посака за свој. Каков што беше: простосрдечен, достоинствен, доследен; ведар, насмеан, замислен; со чисто срце и мисла, со спокоен и одмерен збор; дејствителен, делотворен; со разбирачка за сечиј живот, сечија положба и сечија судбина.

На секому му беше убав денот откога наутро ќе го сретнеше, ќе го поздравеше на разминување, ќе скршеше збор-два:

-Здраво-живо, Аспарух. Убав ден.

-Здраво-живо. И твојот да е таков.

-Секако ќе биде штом те сретнав.

-Баш ми е драго што се сретнавме. Добар си, нели? Нема мака, нели?

-Со лесно нека е. Што мислиш ти за ситуацијава?

-Нема што да мислам. Ќе ја надминеме. Како сите досегашни.

-Само да сме со добра мисла.

-Така е.

Неколцина го виделе Аспарух вчера! Да? Тој беше? Мора да беше тој! Во црна, износена, испокината, испокрпена облека-палто до колена, волнен џемпер, шапка на глава. Со брадјосано лице. Подгрбавен, се потпира на бастун. Да не се препознале?

Им докажаа дека се препознале оти тој никогаш не бил таков. Ниту така облечен, ниту брадјосан. Никогаш не одел подгрбавено и со потпирање на бастун.

-А го видовте денеска? Се разминавте со него?-ги прашаа.

-Не,-одговорија.

-Сигурно не бил тој!

Leave the first comment