104.
Зошто ниту син ми, ниту мојата Госпоѓа, ниту кој било друг не знае за мојов исказ? Дека го пишувам ревносно, не баш катадневно, најмногу со или повеќе за лично задоволство? Искрено не знам, како што не знам кое и какво ќе биде времето што ќе ме натера да престанам, да го завршам. Не се оптоварувам со тоа. Зошто воопшто го пишувам? Ќе повторам, нема зошто. Не за да заинтригира некого во иднина да се занимава со минато на еден дребнав и непознат човек. Затоа што во него има малку биографско, од мојот живот и моите приклученија. Нема ни некои клучни, пресвртни моменти со што би станал подинамичен, поинтензивен, можеби драматичен и, следствено, привлечен за прочит. Но каков прочит кога не ни помислувам да му го понудам некому да го објави во книга? Ама сепак…Се согласувам дека никој ништо не пишува бесцелно. Исто како секое создавање, на секое творечко дело.
Уште еднаш нагласувам дека мојата љубопитност, откривањето и сознавањето на древните цивилизации се на просечно ниво, се далеку од посветеност. Не мислам дека се којзнае колку интересни моите престојувања во нив, ниту се предизвикувачки стварносно-заумните средби со некои нивни претставници.
Сега некако сама по себе ми се наметнува релацијата помеѓу моето сегашно и веројатно последно живеалиште Сиднеј, во Австралија, и родното Долно Дивјаци, во Македонија. Сиднеј е милионски, модерен велеград, со дојденци од целиот свет, големи и мали етнички заедници, бројна и македонска, со сѐ помалубројни Абориџини-двајца мои пријатели и неколкумина познајници. Долно Дивјаци е селце во изумирање, со чисто македонско жителство. Релацијата е несоодветна? Неразбирлива? Зошто? Зарем од досегашното не е јасно дека не станува збор за какви било споредби или наспоредности, па и кога во два-три збора само укажувам на некои белези или опишувам знаменитости, туку за значења, содржини и вредности на две сосема различни…огништа. Едно кое сум го живеел, доживеал и одживеал, го носам во свеста и потсвеста, уште го преживувам во себе; и друго чиј свет не е, ниту може до смрт да стане мој. И двете далеку од мене. Во едното, во моето Долно Дивјаци, огнот дамна изгаснат, ме чека мене одново да го запалам, а во другото го одржувам запален само во егзистенцијална смисла.
Мина подолго време откако не се бев сретнал со познајникот-средовечниот седокос човек, Германецот, од Берлин; слободниот професор по светска книжевност, посветен на книжевноста и културата на Месопотамија. А веќе подолго време интензивно и со внимание го читам Епот за Гилгамеш. Мојата љубопитност, истражувањето и осознавањето во последно време целосно ги насочив кон Сумерите; нивниот живот во градовите-држави, на владеењето на првата сумерска династија во Ур. Еве сега пак сме заедно во ресторанот на син ми, на мојата маса.
Прво почнав јас да му изнесувам некои свои промислувања и заклучоци поттикнати од досега прочитаното. Во очите му забележав дека не е баш задоволен од тоа што се среќаваме иако закажавме средба откако ќе го прочитам целосно. Неволно ми го прифати оправдувањето дека средбата ни е случајна, а решив да посветам повеќе време на легендарнииот еп откако смислата на животот и неизбежноста на човечката смрт ги сопоставив на комплексноста на живеачката во сегашно време. Нонсенс е тврдењето дека кој-годе може да живее во минатото, но секој во поголема или помала мера секако живее со спомени и траги од него. Што се однесува, пак, на иднината, треба да се има предвид суштествената разлика помеѓу блиската, подалечната и далечната. Блиската е претпоставена, предвидлива, на многумина им е дури детално планирана; подалечната секогаш прилично растеглива, надежна, посакувана и со многу неочекувани доживеалици; а далечната мечтаена, невидлива, недопирлива и во најголема мера неизвесна. Сите еднакво лични и колективни. Тревката на бесмртноста…
Тој:
-Зарем мотивските рамки на епот не Ве предизвикаа да ја промислите безвременоста на времето на човековата цивилизација?
Јас:
-Што се однесува на власта и нејзината злоупотреба, на пријателството и потрагата по вечниот живот, како и на безуспешноста на човековиот стремеж пред да го порази смртта, се согласувам дека токму тие ја затврдуваат како непореклива трајната вредност на Епот за Гилгамеш. Но ми е сосема неприфатливо човекот смртта да ја поставува над животот, како неумоливост, неретко рамнодушно и малодушно прифаќајќи ја минливоста на сопствената егзистенција.
Тој:
-Мошне интересно од Вас. Признавам. Јас сметам дека смртта како лајтмотив е најнепосредно поврзана со љубовта. Дванаесетте пеења на дванаесетте пронајдени плочи сопрво ги делат херојствата на Гилгамеш и Енкиду, посебно страдањата на Гилгамеш, за потоа, од пеење во пеење љубовта да станува сѐ посилна движечка сила на животот. Кој единствено благодарение на неа потрагата по вечниот живот може да ја заврши успешно. Во тој контекст опејаното подземје и задгробниот живот се препознавање и соочување со смртта пред настапувањето на љубовта. Наспоредноста помеѓу космогониските и есхатолошките митови, уривањето на светот и неговото повторно раѓање токму благодарение на неа, како враќање на почетоците на човековата егзистенција, е всушност едновременост на минатото и иднината во сегашноста.
Јас:
-Гилгамеш е херој, значи силен, храбар, бестрашен борец за доброто над силите на злото, со една третина човечка и две третини божествена, а над сѐ почитуван. Имал неброени битки со животни, џинови, секакви натприродни суштества испратени од боговите. Треба да се има предвид дека пред средбата со Енкиду тој бил мошне суров и омразен тиранин. Поданиците го трпеле неговото диво самоволие и злоставување, а со жените се насладувал според непишаното ius primae noctis.А токму пријателството со Енкиду ќе го овозможи преминот од архаичното варварство во цивилизирано однесување односно хуманизација. Притоа, за мене е најизразита неговата природа, а најдокажани благородноста и добрината.
Тој:
-Имајте ја предвид симболиката на броевите, особено на седум и дванаесет…
Јас:
-Како мислите?
Тој:
-Мислам дека изборот воопшто не е случаен. Долго истражував и открив дека епот не е случајно поделен на дванаесет плочи, колку што се месеците во годината. Не се случајно ни дванасетте стебла на број со кои Гилгамеш успева да ја надмине опасноста. Многу е што можам да Ви пренесам за двата броја, од љубопитни и учени вчера и денес, за да се сосредоточите на трајноста. Имате трпение?
Јас:
-Имам. Само повелете. Ве слушам внимателно.
Тој:
-Сосема накусо, од многумина истакнато, нешто и Вам секако познато. Прво за бројот дванаесет: библискиот Јаков имал дванаесет синови кои подоцна станале заточеници на дванаесет легендарни израелски племиња; старонордискиот бог Один исто така имал дванаесет синови; на Олимп престојуваат дванаесет богови; во древниот зороастризам постоеле дванаесет воини на светлината; будистите сметаат дека животот има дванаесет етапи кои се менуваат во круг; постоеле дванаесет сибилински пророштва; Ерусалим е град основан на дванаесет темели и има дванаесет врати со дванаесет ангели-по три на сите четири страни на светот; Дрвото на животот дава дванаесет различни плодови; во исламот, по Мухамед владееле дванаесет законски имами; во хиндуизмот, богот на сонцето Сурја има дванаесет имиња; во митраизмот Митра имал дванаесет ученици, исто како што христијанскиот Христос имал дванаесет апостоли; Господ шест дена го создавал светот, а седмиот го минал не работејќи и правејќи го свет ден, круна на создавањето, но и симбол на сојуз на Бог и човекот; Марија Магдалена во Новиот завет се појавува точно дванаесет пати;
За бројот седум: во Библијата свеќникот има седум краци, седум небеса во кои престојуваат ангели, Соломон подига храм за седум години, а и седмата година е година на одмор; во Старот завет бројот седум се појавува седумдесет и седум пати; за заземање на Ерихон седуммина свештеници со седуммина трубачи мораат седум пати да го обиколат градот; од потопот ќе бидат спасени седум чисти животни од секој вид; според Августин, седум е мерка на времето на земскиот аџилак човеков, а бројот седум е повик на човекот да се сврти кон Бога; седум е клуч на Евангелието според Јован; четириесет пати се појавува во Откровението; во исламот седум е среќен број, симбол на совршенството; за време на аџилакот во Мека седум пати треба да се обиколи каба; муслиманските мистици тврдат дека Куранот има седум значаења; кога се родил, Буда го измерил универзумот правејќи седум чекори во секој од четирите насоки; седум се јавува во безбројни грчки митови; Аполоновата лира има седум жици, а Хесперидите се седум на број; во будизмот. Воопшто, во големите цивилизации, почнувајќи од египетската, седум е симбол на вечниот живот, како циклус и динамично совршенство.
Во Епот за Гилгамеш: по шест дена и шест ноќи оплакување на Енкиду, на седмиот тој го положува во гробот. Потопот трае шест дена и ноќи, а на седмиот „попушта“. Гавранот, кој на Утнапиштим му докажува дека тој поминал, е не само врска помеѓу двата света тукуи помеѓу раѓањето и смртта, постоењето и бесмртноста во паметењето…До кое пеење стасавте?
Јас:
-До седмото. Ги прочитав неколку пати, но имам потреба пак да ги препрочитам. Се обидувам да ги поврзам во целина, како единствен живот во потрага по тревката на бесмртноста, создавањето на Енкиду и неговото влегување во Урук, во првото пеење, запознавањето на Гилгамеш и Енкиду во второто, особено меѓусебното испитување на силите, збратимувањето и подготовките за борба против едноокиот џин Хумбаба, враќањето во степата и лошиот сон на Енкиду односно пророштвото во третото пеење, подготовките за борба со Хумбаба, вклучувањето и помагањето на боговите во четвртото, нивните соништа во петтото, убивањето на Хумбаба и нивното враќање во Урук како победници, со неговата глава надената на кол како показ и доказ. Секако од особено значење е шестото пеење, посветено на отфрлањето на љубовта на незаситната божица Иштар од страна на Гилгамеш, создавањето нанебесниот бик за да го уништи и победата над него од двајцата пријатели-Гилгамеш и Енкиду, како и сонот-предвестување на смртта на Енкиду по дванаестдневна треска.
Тој:
-Имајте предвид, драг мој Господине, дека Епот за Гилгамеш е првото книжевно дело на светот, за првпат запишано од првата светска писмена цивилизација-сумерската, околу 2 100 година пред нашата ера. Пишуван е на акадски јазик, со клинесто шисмо на глинени плочки, врз основа на сумерски преданија за царот Гилгамеш. Првите верзии настанале пред повеќе од 2 300 години пред нашата ера, а се смета дека е конечно завршен помеѓу 1 800 и 1 600 години пред нашата ера. Најпрецизна е верзијата пронајдена во клинописната библиотека на царот Асурбанипал во Нинива.
Се поздравивме срдечно и закажавме нова средба по еден месец. Според обајцата, доволно за мој целосен прочит и промислување на поетскиот еп и за негови дополнувања и дообјаснувања како резултат на досегашни темелни истражувања.